Светиот Престол: Религиите треба да го осудат насилството во името на верата

Тероризмот „не е феномен кој измачува само некои народи, религии или региони, туку кривично дело против целата меѓународна заедница“. На тоа потсети државниот секретар на Ватикан, кардинал Пиетро Паролин во говорот пред Заседанието на Советот за безбедност на ООН на тема „Заканата за мирот и меѓународната безбедност предизвикана од тероризмот“.

„Постојаната закана, која во некои области станува поинтензивна, нè потсетува дека овој општ предизвик бара учество на сите народи и луѓе со добра волја“, посочи ватиканскиот претставник. „Тероризмот претставува фундаментална закана за човештвото – истакна кардинал Паролин – бидејќи го дехуманизира како сторителот, така и жртвата, во обид да ја уништи слободата и човечкото достоинство, вкоренети во природниот морален ред, заменувајќи ги со логиката на страв, на власт и на уништување“.

Кардинал Паролин потсети на зборовите на свети Иван Павле II по повод драматичните настани од 11 септември дека правото на заштита на земји и народи не го оправдува чинот да се одговори на насилството со насилство, туку преку такви средства кои ги „почитуваат моралните и законските граници“. „Виновникот мора да биде идентификуван, бидејќи кривичната одговорност секогаш е лична и не може да биде припишувана на една нација, етничка група или религија кон која припаѓаат терористите“, истакна ватиканскиот секретар.

„Светата Столица вели дека верските лидери имаат тешка одговорност да ги осудат оние кои сакаат да ја поделат верата од разумот и манипулираат со верата за оправдување на насилството“, истакна на крајот кардиналот. „Никој не може да го користи Божјото име, зад кое ќе планира и врши насилство! Никој не може да ја користи религијата како изговор за акција против човечкото достоинство и основните човекови права, особено правото на живот и правото на верска слобода“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот