Видео порака на папата Фрањо до Католичкиот универзитет и клиниката Џемели

Бидете сведоци дека само Бог е вашата сила – ги поттикна папата Фрањо пациентите на римската болница „Џемели“, упатувајќи им видео порака на 14 јули, која истовремено беше наменета и за вработените. Повод за пораката е откажувањето на неговата посета предвидена за 27 јуни.

Дозволено е христијанинот да има момент за одмор, но истовремено тоа е и можност повеќе време да се биде во друштво со Исус, на пример да се читаат страниците на Евангелието – со тие мисли ја започнува папата Фрањо својата видео порака, во која се осврнува на состојбата на старите и болните лица, кои остануваат сами и наидуваат на тешкотии во барањето на некои услуги, посебно во големите градови. Така времето за одмор истовремено е и време во кои изгледа дека тешкотиите на животот стануваат уште поголеми.

Светиот Отец своите мисли ги упати на сите болни, а најмногу на оние кои на 27 јуни ја очекуваа неговата посета, по повод 50 години од отворањето на поликлиниката Џемели.

Осврнувајќи се на малата малаксаност, поради која ја откажа таа обврска. Папата рече дека го разбира незадоволството на одговорните, но и на сите оние кои со труд и занес ја подготвуваа таа посета. Најмногу ја разбирам разочараноста на болните, кои веќе беа подготвени да молат со мене за време на светата Миса и кои со задоволство лично ќе ги поздравев– рече Светиот Отец и им се обрати директно:

Мислам токму на вас болните, за кои со љубов и професионално се грижи лекарскиот и останатиот персонал на болницата Џемели. Во молитвата негувајте го задоволството за Божјите работи, бидете сведоци дека само Бог е ваша сила. Вие кои сте болни и кои го чувствувате кревкото тело, можете силно да сведочите на луѓето кои ви се блиски, дека Евангелието е скапоцено добро на животот, милосрдна љуов на Отецот, а не парите или моќта. Дури ниту тогаш, кога некоја личност е важна, според логиката на светот, на својот живот не може да му придодаде ниту еден ден – истакна папата Фрањо. Знајте дека многу ја посакував таа средба со вас – рече папата Фрањо. Сепак не можеме по своја волја да располагаме со својот живот и мораме да ја прифатиме сопствената кревкост – истакна на крајот Светиот Отец.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот