Сведоштво: „Маја што е со тебе, тука нема среќа!
Во најубавата возраст на средношколски сонувања и првите сериозни тајни вљубувања како гром од ведро небо ти доаѓа на памет некоја чудна идеја. И токму затоа што не е вообичаена и некако ти е срам за тоа да разговараш со другите, тогаш се обидуваш на некакви анонимни начини да дојдеш до одговорите на мноштво прашања. Или во краен случај само ги запишуваш во својот дневник своите размислувања со страв некој да не ги прочита и со надеж дека тоа некогаш ќе ти користи. И еве денес со помош на запишаните зборови пред 15 години во мојот дневник ќе се обидам да ви го опишам патот на еден повик и одговор.
„Драги дневнику… во училишните лексикони под рубриката „сакам“ секогаш пишувам дека мојата најголема желба не е за јавноста. Но, бидејќи на тебе сè ти кажувам, ќе ти ја кажам и мојата најголема желба. Мојата најголема желба е да го следам патот на многу луѓе, поточно да го следам патот на свети Фрањо и сите сестри.“
Тие зборови се напишани при крајот на седмо одделение кога во длабочината на своето срце го почувствував Божјиот повик. Го почувствував во текот на една света Литургија поточно на проповедта. Зборовите на свештеникот: „Можеш човече без Бог колку сакаш, но колку долго?!“ во мене силно одекнаа и од тогаш започнав да правам планови како да одговорам на тој повик кој се јави така наеднаш. Вистина е дека во тоа време поминував долго време со кандидатките, но дека и мене Бог ќе ме повика не ми доаѓаше на крај памет. И токму заради тоа со никој не разговарав отворено и директно. Тоа беше моја тајна која другите ја насетувале, но сè додека не излезе од мојата уста не беше официјално.
Во седмо одделение сакав веднаш после основното училиште да отидам во манастир. Тоа беше време на големи соништа, кога верував дека како свети Фрањо ќе го променам цел свет со својата вера. Затоа не ме чудат зборовите запишани во јули 2002 година: „Едвај чекам да одам од овој метеж и очај, едвај чекам!“ Тоа беа слатки очекувања, момент во кој мислиш дека од темел ќе ти се промени животот и дека веднаш во тој момент ќе добиеш ореол на главата и дека тогаш не ти преостанува ништо друго туку само да се трудиш ореолот да не ти падне.
А потоа во февруари 2003 година во осмо одделение започнав малку пореално да размислувам за тоа што треба да направам: „Јас размислувам каде после основно! Дали во манастир или уште да останам дома. Сè си има предности, но сепак! Јас тоа секогаш го одложувам за утре, но дојде време конечно да почнам за тоа подлабоко да размислувам. Боже мој каде да отидам? Човече како правилно да одлучиш? Се надевам дека Бог ќе ми испрати некој знак!“ Тие се прашања за кои се прашуваат многумина затоа што сите ние бараме некој знак за да бидеме сигурни. Ех, мене Бог ми испрати знак кој не го очекував и кој можеби во тоа време не ми беше по волја, но денес гледам колку е добро што Бог не прави според нашите очекувања, туку според своите замисли.
Знакот кој мене Бог ми го даде беше раѓањето на мојата сестра Ива заради која одлучив да останам дома. Му благодарам на Бог! Бидејќи тоа време за мене беше добредојдено за да размислувам за својот животен избор и да стекнам подобар увид. Јас ја советувам секоја девојка која сака да дојде во манастир после основно училиште најпрво да заврши средно училиште и така да созрее во секој поглед. Но, да се разбереме тоа не значи дека повикот на човекот кој доаѓа или дошол после основното училиште е помалку вреден. Напротив! Во мојот живот ништо од манастирот за некое време.
Се запишав таа есен во гимназија, да бидеме реални тоа беше време и на првите големи љубови за кои се испишани голем број на страници во мојот дневник, а сè започна во февруари 2004 година кога „пред 15 дена запознав едно супер – супер момче! Се вика Н.Н. и имам чувство дека ќе бидеме добри пријатели. И навистина ми се допаѓа.“ Знаете иако две страници подоцна пишувам „Јас сè уште сакам цел живот да му служам на Христос!“ важно е да се напомене дека луѓето кои Бог ги повикува не се вакцинирани против разните видови на чувства и не добиваат апсолутно никаква заштита од вљубување. Ова те следи постојано, па и тогаш кога на твојата рака ќе заблеска прстенот на доживотните завети. Во сите такви ситуации ти останува единствено да не се правиш наивен и глуп, она во стилот на мене не може да ми се случи такво нешто, туку секојдневно да се одлучуваш за она што си го избрал, а во нашиот случај тоа е Исус. Никогаш тоа не е едноставно, но во трпеливоста и понизноста се добиваат важните крепости и на тоа подрачје.
Да ја скратам приказната по сите тие прекрасни средношколски денови дојде денот за дефинитивна одлука. Размислував вака: „Во седмо одделение бев просечна ученичка. Што ми се случи и уште ми се случува? Дали ова е навистина оној вистински повик? Дали ова навистина е она што ќе ме направи среќна, исполни, ќе ме оствари во целост? Јас само се плашам дека заедницата нема да ме прифати онаква каква што сум. Се плашам дека и јас нема да се вклопам, но можеби тие сомнежи се потполно нормални. Но, јас верувам дека го имам тој повик и не сакам да го загубам.“ И токму затоа што тој повик во мене не избледе низ сето тоа време, и кажав на мајка ми додека во градината беревме грашок дека одам во манастир. Сè останато е историја. Во семејството сите тоа го прифатија и ме поддржаа и на 31 август 2006 година стапив во заедницата на Школските сестри фрањевки на Христос Цар.
Вечерта пред влегувањето во манастир ја добив оваа порака од една личност на која очигледно не беше воодушевена од мојата одлука: „Нема што да гледаш, јас веднаш ќе ти кажам не, немој д аправиш глупости, туку сето тоа реши го додека е време, а време за каење ќе имаш сѐ додека си жива. А факултетот, семејството итн? Маја, таму нема среќа. Каков ѓавол има во тебе“.
Овие негови зборови упатени до мене сигурно се слични со бројните зборови кои ги слушаат многу луѓе кога се одлучуваат за ваков начин на живот. Немам запишано во дневникот што сум одговорила тогаш на таа негова порака, но денес по десет години навистина прекрасно поминати години во манастирот со завршен теолошки факултет и никогаш подобри односи со своето семејство се осудувам да му одговорам: „Е мој пријателе. ИМА ОВДЕ СРЕЌА! И тоа каква среќа! Среќа каква што ти и не насетуваш! И не е во прашање никаков ѓавол, туку Исус кој на мојот живот му дава смисла и исполнетост. Кога ќе ја спознаеш таа љубов со која Тој те љуби не можеш да останеш рамнодушен. И не жалиш целиот живот да му го предадеш на Него и да одговориш на таа неизмерна љубов, љубејќи онолку колку што умееш.“ И затоа на сите оние кои доживеваат слични недоразбирања во моментите на своите превирања им порачувам: „Живејте го својот повик! Не плашете се да му одговорите на Христос! Нема поголема радост од живот исполент со Бог!“
И да, по влегувањето во манастирот престанав да пишувам дневник во стилот на прераскажување на она што ми се случило, што и кој ми кажал нешто и сл. Тој начин на опишување и доживувањето на реалноста по доаѓањето во манастирот е заменето со пишување на песни и размислувања за библиските текстови. Веројатно на луѓето би им било многу поинтересно да читат за секојдневните несогласувања од монашкиот живот, но за жал тука секоја приказна запира и започнува нова реалност – живот во близината на Свршеникот. А тоа не се опишува, туку се живее. А како се живее, можеби ќе се запрашате. Најкратко кажано: многу динамично. Сфаќаш многу брзо дека не треба толку да се бориш против ветерниците на овој свет колку против немирот на својата внатрешност и дека не си повикан да го менуваш светот, туку самиот себе. А со промената на самиот себе, се менува и светот. И да, ќе се разочараш кога ќе видиш дека и по неколку години ти сè уште не го познаваш добро Оној Кој те избрал. Се радуваш кога ќе откриеш дека Тој навистина ти е најважен на светот. И така од ден на ден преку молитва и работа, растеш и созреваш во возраста, мудроста и благодатите.
И настојуваш на другите да им ја сведочиш убавината на монашкиот повик. И затоа ја користам ова прилика да им порачам на оние кои се наоѓаат на раскрсницата на своите животи: Девојки и момчиња да се следи Христос не е секогаш едноставно, но секогаш е исправно. Немојте да се занесувате со некои идеални слики затоа што секој монах доживува мноштво лични падови на сите можни подрачја, а за барањата на заедничкиот начин на живот и да не зборувам. Меѓутоа, сето тоа ја губи својата вредност кога и по многу години во себе секогаш одново го почувствуваш оној занес на првите чекори и гласот кој ти вели: „Јас те избрав за големи дела!“ А ти на сето тоа со целото свое живеење ќе одговориш: „Еве ме Господи, ме повика!“
с. Маја Ивковиќ/Млади Католици/к.мк