Над 50 милиони луѓе ширум светот се робови и експлоатирани бидејќи трговците со луѓе стануваат пософистицирани и измамуваат ранливи луѓе во канџите на модерното ропство, вклучително деца и мигранти. Католичката црква е на првите борбени линии во битката против овој феномен, кој папата Фрањо го опишува како „отворена рана на човештвото“.
На 8 февруари сите луѓе со добра волја се повикани да учествуваат на Светскиот ден на молитвата и свеста против трговијата со луѓе.
Говорејќи во неделата за време на молитвата Ангел Господов, папата Фрањо го истакна овој Светскиот ден. Ги повика сите луѓе со добра волја да се здружат за да се борат против драматичниот глобален феномен, истакнувајќи дека многу наши браќа и сестри се измамени со лажни ветувања, а потоа подложени на експлоатација и злоупотреба.
Меѓународното одбележување, на празникот на Света Жозефина Бакита – суданска монахиња која беше поробена како девојче и стана симбол на посветеноста на Црквата против ова зло – има за цел да собере поддршка и да ја подигне свеста во борбата против често невидливата трговија, во која милиони ранливи луѓе се подложени на насилство и неправда.
Координацијата на Црквата за борба против трговијата со луѓе е преку глобалната мрежа Талита Кум, во која се вклучени преку 6.000 монахињи и партнери, промовирана од Меѓународната унија на генерални поглаварки и Унијата на генерални поглавари.
Оваа година, меѓународната координаторка на Талита Кум, сестра Аби Авелино, прими во Рим педесет млади претставници од партнерските организации, кои една недела се вклучени во иницијативи и активности за подигање на свеста.
По учеството на Генералната аудиенција на папата Фрањо, сестра Аби зборува за Vatican News за поддршката на папата Фрањо за посветеноста на мрежата, за тоа како фокусот е сè повеќе на вклученоста на младите луѓе и за големиот број луѓе кои се погодени од овој феномен на сите континенти.
Сестра Аби Авелино: Ова е глобален повик
Сестра Авелино ги сподели своите искуства за улогата на мрежата во борбата против трговијата со луѓе. Таа зборуваше за растот на мрежата Талита Кум, која е основана во 2009 година од група монахињи и монаси поврзани со Меѓународната унија на генерални поглаварки и Унијата на генерални поглавари.
„Од тогаш, Талита Кум прерасна во голема сила, со 58 мрежи во 97 земји низ сите континенти“, објасни сестрата Авелино.
Нагласувајќи ја потребата од заеднички напори, таа ја истакна важноста од вмрежување со различни партнери, вклучувајќи меѓународни агенции, владини тела, црковни лица и млади луѓе.
Ватикан њуз/к.мк