Кога се прославува некој роденден, без разлика дали сме свесни или не, се прославува животот и му се заблагодарува на Господ за овој дар. Животот може да биде повеќе или помалку лесен или убав, понекогаш поминува низ мрачни моменти, измешан со насмевки и солзи, но во еден чин на верата тој се смета за дар за кој треба да бидеме благодарни, затоа што, како што вели свети Павле, „знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сѐ им врви добро“. (Римјаните 8,28). „Знаеме“ затоа што Словото Божјо тоа ни го вели; а не затоа што имаме искуство. Имаме доверба заради фактот дека отсекогаш Бог нѐ „познавал“ а да се познава за Бог значи да се љуби, и нас нѐ предодредил да бидеме како неговиот Син, кој со неговото раѓање од Марија стана Првородениот меѓу многу браќа.
Да се биде деца на Отецот, браќа на единородниот Син, предодредени за божествената слава, тоа е светлината, црвената нишка која на нозе го држи нашиот живот; но сепак тоа е еден дар, а не право. Но ние сѐ помалку и помалку го препознаваме како дар. (…)
Секојдневно се соочуваме со немили настани, сѐ до овој степен што веќе стануваме наркотизирани и не сме повеќе свесни за вредноста на животот. До кога? „Сѐ додека не се роди онаа која треба да роди“ ни вели пророкот Михеј.
Ако Бог е Бог на животот, последниот збор секогаш ќе биде за животот и денес го гледаме раѓањето на малата утринска светлина, која кога ќе се роди давајќи му живот на Спасителот, од неа во светот ќе изгрее Сонцето на Правдата кое носи Мир. Затоа што Христос е единствениот наш Мир и ние, христијаните, во крштението обележани од Христовиот знак, повикани сме да бидеме сведоци и носители на мирот. А тоа нема да бидеме сѐ додека секој ден не бидеме способни да го правиме гестот на мирот, најпрво во нашето срце, потоа со Бога и на крај, пред сѐ, со браќата и сестрите.
Оваа е нашата вера: секој наш христијански гест, следејќи и имитирајќи го Христос, нашиот првороден Брат, донесува спасение на светот, кој чека во лелекот и смртната сенка. Сѐ додека не се роди онаа која треба да роди.
Прославувајќи го рождеството на Дева Марија ние му се заблагодаруваме на Бога затоа што од неа излезе Спасителот, и таа која низ вековите требаше да роди, онаа која треба да биде извор на животот е Црквата во која сите ние сме повикани да бидеме живи камења.
Не е доволно да се честита и потоа повеќе да не те интересира; еден роденден служи за да се зајакне повторно односот што е ослабнат, за да се препознае дека твојот живот зависи малку и од мене.
Марија Царица на животот, Мајка на животот, Царица на Мирот, Мајка на сиромашните, на угнетуваните, на прогонуваните, на очајните, Мајка на Надежта: честитајќи ѝ денес ние се ставаме во нејзиното послание, како што таа се стави во посланието на својот Син, кој го даде својот живот на Крстот за да ја избрише секоја жалост, секој лелек и секој плач.
Свети Павле вели: оние кои ги повика, нив и ги оправда (облечени во неговата правда и светост); оние кои ги оправда, нив и ги прослави. Ова е Божјиот план: не ни дава живот за да направи од него трагедија, или за да ни зададе огромна тежина. Ние сме тие кои го правиме тоа несовесно и го отфрламе. Но тој стана првороден помеѓу многуте браќа за да би можеле, следејќи Го, да одговориме на планот на славата и на среќата која е тесно поврзана со животот.
Денес ја славиме Мајка Марија. Сите знаеме дека за една вистинска мајка единствениот посакуван и прифатен подарок за неа е слогата на децата, само едно срце и само една душа, се вели во Делата на Апостолите. И таа е наша Мајка од кога пролевајќи ја врз неа својата Крв Исус ѝ рече: „Еве ти син“.
Манастир Доминус текум/З.А.