Воздвижение на чесниот Крст

Воздвижение на чесниот Крст

Празникот воздвижението на чесниот Крст има многу древно потекло. Традицијата вели дека света Елена, мајката на императорот Константин, за време на едно поклонение во светата земја го открила вистинскиот Христов крст на тоа место каде се сеќавале дека тоа место е Голгота. Оттука произлегува и раѓањето на празникот за воздвижението на Крстот, т.е. за оддавање почит на тоа дрво кое за христијанинот е знак на целосната Божја љубов.

Со задоволство би сакале да немаме искуство со крстот. Никој не сака да страда, а сепак во евангелието Исус нé повикува да го земеме својот крст и да го следиме. Не ни ветува скратени патишта за наше добро и наше спокојство. Ни ветува дека нема да бидеме сами, дека Тој е со нас. Ни ветува дека нема да нé остави да висиме на крстот, тој воскреснува за нас. Ни ветува дека нашиот крст не е бескорисен доколку го носиме со љубов, бидејќи тоа само ќе надополни љубов во светот. „Да го носиме сопствениот крст значи да ја носиме љубовта во животот, сé до моментот на распнувањето“. Да дозволиме да бидеме распнати од љубов! Застрашувачки, но убаво е!

Распнатиот кој го прима својот крст го претвора сопственото страдание во бесплатен дар за другите, не се повлекува назад кога станува збор за страдање заради другите! Сакајте се едни со други како што ве сакам јас: Исус умре на крстот за нас, за да нé научи да љубиме, да простуваме, да даруваме.

За време на нашето постоење постојат многу распетија. Постојат распетија на војната: малкумина ја претставуваат војната како трофеј и закана за терор, но многу повеќе исчезнуваат во тишина и умираат заради нивната вера. Постојат распетија на општеството кое ги потиснува најслабите. Папата инсистира да бидеме внимателни и будни наспроти општеството кое отфрла. Се отфрлаат бебињата и младите кои честопати во денешните семејства стануваат играчки. Колкумина ли по секоја цена го зголемуваат правото на детето, како да е можно да имаат право да поседуваат некоја друга личност, претворувајќи ги децата од дар во право. Потоа, за истото право засновано врз псевдо-слободата, многу бебиња стануваат жртви на страшни разделби и премногу лесни парови кои се квалификуваат како модерни. Колку ли бебиња има распнати од егоизмот на родителите од денешно време.

Се отфрлаат старите лица, бидејќи со староста почнуваат да не разбират повеќе ништо, можеби малку смрдат, тие се само еден трошок повеќе, и нивното достоинство е сведено на она за кое се способни да го направат. Колку стари лица има распнати од напуштањето на нивните деца! Од општеството се распнати сиромашните, новите сиромашни членови по градовите кои не врзуваат крај со месецот и живеат во секојдневните проблеми.

И ние ги распнуваме секојпат кога ја забораваме обврската за солидарност! Да го земеме сопствениот крст во едно општество на распнати значи да се потрошиме за нивната љубов, по патеките кои создаваат непријатности, болка, и борба против оние кои нé потиснуваат! Да го земам својот крст во еден свет на распнати кога не се плашам повеќе, заради нив, да бидам распнат. Тоа е она кое Исус го направи за нас? Бевме распнати од гревот, и за нас дозволи да биде распнат на крстот! Како христијани треба да го имитираме Исуса!

Воздвижението на крстот не е воздвижение на болката, туку воздвижение на оној механизам што го посакувал Христос: таму каде што има омраза да се сее љубов; таму каде што има неправда да се сее транспарентност; таму каде што се осудува во името на доброто и во името на Бога да не се плашиме да бидеме распнати. Воздвижението на крстот е воздвижение на целосното дарување за другите. Наспроти тоа постои еден ризик: обесхрабрувањето. Тоа е она кое му се случило на Израилскиот народ во пустината кога протестираше против Бога. Се чинело дека злото било преголемо, и се запрашал: но кој ме тера да го сторам тоа!

Тоа е искушението да се види злото кое нé парализира на Велики Петок, без да имаме некој излез. Воздвижението на крстот не е дуплирање на Велики Петок. Крстот која света Елена го пронашла е дрво благословено од Христовата крв, да, но дрво благословено од Христовата крв во близина на еден празен гроб, бидејќи Христос воскресна! Воздвижението на Крстот не е едно фокусирање врз Исусовите страдања или да се види нашиот живот како еден долг крст. Денес сме повикани да го видиме целосното дарување на Исус не како цел на самото дарување, туку како чин на љубов за нас кое нема граници. Крстот е еден знак на голема љубов која треба да ја имитираме!

Убаво е да мислам на денешниот празник како на ден во кој христијанинот, под крстот, му бара на Бога дар на надежта да го живее сопствениот живот, макар придружуван со многу искушенија, не како еден вечен Велики Петок, туку како патување кое поминува преку Великиот Петок, и не застанува таму. Христијанинот под крстот треба да му бара на Бога дар на надежта која ја имала Марија кога стоела под Крстот, односно дека болката и смртта никогаш нема да го имаат последниот збор. Пред распетието да го измолиме дарот на надежта! Да го гледаме Исусовиот крст и да измолиме целосно да го дарува нашиот живот во одбрана на доброто кое доаѓа од Бога и дарот на надежта кој во пресрет на ширењето на големото зло ќе нé увери дека доброто кое доаѓа од Христос ќе победи.

Фра Џан Матео Сера/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот