Расте бројот на свештеничките ракополагања во САД

Бројот на свештеничките ракополагања во Соединетите Американски Држави во 2015 година би требало да се зголеми за 25% во однос на минатата година. Додека во 2014 година беа ракоположени 477 свештеници, оваа година би требало да бидат ракоположени 595. Податоците ги објави Центарот за применето истражување од Универзитетот во Џорџтаун, пишува британското католичко списание The Tablet, а пренесува Ла Круа (La Croix).

Монсињор Мајкл Ф. Бурбиџ, епископ на Рали во Северна Каролина и претседател на Комисијата за свештенството и посветениот живот при Бискупската конференција на САД, овие податоци ги оцени како „охрабрувачки“. Сѐ поголемиот број на свештенички ракополагања се потврдува од растот на  свештеничките повици, кои во САД се поинтензивни во последниве години. Според податоците на Центарот за применети истражувања, во 2013 година, во семинариите во Америка имало 3694 семинаристи, додека во 2012 година имало 3285. На прашањето за тоа што ги натерало да го изберат овој пат, семинаристите најчесто одговарале дека на тоа ги поттикнале нивните семејства, парохот, пријателите, парохјаните или посетата на католичките училишта. Меѓу нив една четвртина се родени надвор од Америка (во Колумбија, Мексико, Филипините, Нигерија, Полска и Виетнам), а мнозинство израснале во Католичката Црква.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот