Процесија низ Радово во чест на Марија од Назарет
Во процесија предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, придружуван од свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и Скопска бискупија и мноштвото верници, во сабота 4 октомври 2014 година, тргнаа од парохиската црква во Радово кон капелите на Марија од Назарет и Блажена Мајка Тереза молејќи света Бројаница и пеејќи црковни. Во дворот на капелата Марија од Назарет о. д-р Зоран Стојанов, парох во Радово го замоли епископот Стојанов за благослов од местото каде што во Радово се наоѓала првата црква. Процесијата продолжи до капелата посветена на Блажена Мајка Тереза, а заврши во црквата свети пророк Илија.
Свеченоста продолжи во парохиската црква со света Литрургија, предводена од Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, кој во својата проповед се осврна на Богородица во нашиот живот. При тоа тој истакна дека „нашата поврзаност со Марија, нашата побожност кон Пресвета Дева Марија, важноста што го има Марија од Назарет во нашиот вернички живот е со посебна важност за македонските католици. На тоа сме горди, тоа е знак на нашиот идентитет, тоа треба да го негуваме и чуваме во нашиот живот и уште повеќе да го пренесеме на идните поколенија.“
Во продолжение на проповедта епископот нагласи дека „Марија и денес воодушевува многумина како нас самите овде собрани во нејзина чест, бидејќи покажува што е големо во Божјиоте очи, таа нѐ учи како да ја живееме величината на човечкиот позив во секојдневниот живот и покажува како во оваа година на семејството да го внесеме Бог во нашето семејно секојдневие.“
Владиката Стојанов ги повика родителите да ја „внесат Марија во заедиштвото на своите семејства“ да се огледаат во неа и да размислуваат за нејзиниот живот во Назарет. „Марија, скромна Божја слугинка, која не е некоја вонземска жена, која не се истакнува со ништо посебно, ништо извонредно, не ги решава со чудо прашањата на својот живот.
Н.В.П. монс д-р Киро Стојанов упати апел до верниците, а посебно до родителите „во своите домови сликата на Марија од Назарет да има посебно место и во вашиот годишен животен план на ваште семејства да ставите заедничко поклонение до Марија од Назарет. Тоа нека биде ден на молитва, ден за света Исповед, ден за благослов на вашето семејство“ – рече на крајот од својата проповед епископот Стојанов.
По завршувањето на светата Литургија беше прикажан краток документарен филм за Радово низ 100 годишната историја, изработен од .Оливер Тантушев и богословот Спасе Спасов.
Свеченоста заврши со доделување благодарници на поранешни и сегашни одборници, кои со своето залагање дадоа свој белег во историјата на парохијата и селото.
к.мк/го*ко