Посветна молитва до Мајка Божја Утешителка

Посветна молитва до Мајка Божја Утешителка

По благословот на светилиштето Мајка Божја Утешителка во Паљурци на 20 мај 2018 година, Н.В.П. монс. Киро Стојанов, пред иконата ја молеше посветната молитва, која ја пренесуваме во целост.

************************************

Пресвета Богородице и Мајко Божја Маријо! Пред твојот милостив лик на оваа икона стојам денес и како Епископ и како Пастир и на Твоето Безгрешно Срце сакам да ја посветам мојата татковина Македонија и сите верници од нашиот Апостолски Егзархат и од нашата Скопска Бискупија. Во Твоето Мајчинско Срце ја ставаме нашата посвета и со посредство на Светиот Дух да нè донесеш до својот Син, единствениот Спасител на луѓето за да останеме верни деца на небесниот Татко.

Пресвето Срце Исусово и Пречисто Срце Мариино, на ваша заштита ја доверуваме нашата татковина Македонија и сите нејзини верници за во заедништво на верата и љубовта да останеме верни на своите крстни ветувања, обновени со силата на милоста, да одиме по патот на животот, извршувајќи ја волјата на небесниот Татко.

Тебе, Пресвета Мајко, ти ја доверуваме нашата Црква и сите нејзини верници. Ти ги доверуваме сите свештеници, монаси и монахињи и сите служители на Црквата. Направи од нив знак на Божјата присутност во овој денешен свет. Ти ги доверуваме сите наши семејства, да бидат благословени заедници, како чувари на светоста на бракот. Ти ги посветуваме татковците и мајките на нашиот народ за да ги подучуваш како да им ги пренесуваат вредностите на верата на своите деца во ова наше време. Ти ги доверуваме младите и децата. Тие нека напредуваат во возраста, мудроста и милоста по примерот на Твојот Син Исус. Ти ги доверуваме возрасните, немоќните и болните за да им измолиш милост со која би знаеле како својата осаменост, болест и страдание да ги принесат на олтарот на Црквата за својата татковина и за напредок на сите луѓе во правда и вистина. Ти ги доверуваме сите наши сонародници, оние кои се тука и оние раселени низ целиот свет. Ти ги доверуваме изгонетите, бегалците, ранетите во дух, душа и тело и сите оние кои имаат потреба од заштита каде и да живеат. Заштити ги Мајко!  Посебно те молиме за сите потреби на Светата Црква, за Пастирите и за народот. Молиме за потребите на сите луѓе, за невработените, за сиромашните, за напуштените. За сите оние кои ја бараат смислата на животот. Сите нас не води по патот до Исус, кој е единствен што може да каже и покаже: „Јас сум Пат, Вистина и Живот“. Ти ветуваме Мајко, дека по милоста ќе му останеме верни на својот крстен завет. Радосно ќе ги вршиме Божјите и црковни заповеди. Редовно ќе учествуваме на неделната света литургија и дека ќе ги примаме Светите тајни. Ти ветуваме дека ќе ја чуваме заедничката семејна молитва, ќе ги празнуваме неделите и празниците, ќе молиме за преобразба на грешните и ќе принесуваме жртви и одрекувања за своите и за гревовите на нашите ближни. Ќе се чуваме од гревот, пред се од псовката и неморалот. Погледни го Мајко овој свој народ кој денес ти се доверува и ти се посветува. Носи нè во своето милосрдно мајчинско срце.

Мајко, конечно ти ги посветуваме сите луѓе на нашата татковина, оние кои имаат различни убедувања, светогледи и вера. Сите нас нè обединуваш во настојувањето да градиме иднина врз темелите на општото добро. Да напредуваме во слога и во заедништво без несогласувања и разединувања меѓу нас. Како народ, сите да придонесуваме за градење на подобар свет. Ти ги принесуваме сите народи што Македонија ја имаат за своја татковина.

Со синовска доверба му се обраќаме на твоето Безгрешно Срце. Брани нè и штити нè како свои деца. Сакаме да бидеме Црква и Народ во милоста и волјата на Бог Отецот и Синот и Светиот Дух. Со твое посредство Мајко, нашиот пат нека биде посигурен за да стигнеме до конечната цел – вечниот живот, а нашите починати да најдат вечна светлина. Амин.

к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот