Порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во Година на семејството

Свети Тајни на христијанската иницијација: Крштение, Миропомазание (св. Потврда), Исповед

 Драги браќа свештеници, браќа и сестри во Христа,

На празникот на светото Семејство во нашата Католичка црква во Република Македонија, односно во Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат, започнавме Пасторална година посветена на Семејството под наслов: „Семејство – св. тајна на Христос и Црквата“. Бидејќи се работи за пасторалниот план во Пасторалната година сите ние сме повикани со својата лична одговорност да учествуваме во темелната одговорност на нашата вера. После Годината на верата во која имавме можност да размислуваме за самиот поим на верата која не е едноставно прифаќање, туку пред сè живеење на сето тоа што Исус го говореше и правеше. Да се потсетиме дека нашиот Спасител ја основа Црквата како заедница на верници што го следат неговиот Пат. Самиот рече дека Тој е Пат, Вистина и Живот. Од настанот на Духови гледаме дека и апостолите во својата вера биле несигурни до оној миг кога ги просветли Светиот Дух и не само што ги просветли туку и ги охрабри она што го веруваат да можат и понатаму да го предадат. Црквата е дело на Пресветото Тројство во која Божјиот народ е воден низ историјата со светлината и силата на Светиот Дух. Знаеме дека секоја света Тајна е видлив знак на која автор е самиот Бог. Но, по тој Знак и Слово се случуваат спасителни дела од Христовите страдања, смрт и воскресение сѐ до Неговото Второ доаѓање. Црквата себе се препознава како Христова свршеница повикана и испратена да тоа Таинство на спасението, Радосната вест ја предаде на „секое создание“. Црквата, заради тоа не може да се откаже од своето битно послание – навестување и посветување.

Добро е веднаш на почетокот да ја обновиме верата според која исповедуваме дека сите ние сме Црква и тоа како едно тело, но, дека во истото тело се многу членови. Секој од тие членови не може да каже на другиот дека не му е потребен, но, сепак, секој дел од телото ја задржува својата сопствена служба во изградбата на животот на целото тело. Духот е тој кој обединува и дава милосно спасение, а ние сме Негови соработници во тоа исто дело на спасението. Значи, еден христијанин, верник, дали тој е лаик или свештеник не може да се откаже од својот позив на служба на „царското свештенство“. Со истиот дух сме отпечатени и оспособени да бидеме навестители и да ги живееме милосните дарови. Јасно, министеријалното свештенство кое е вградено во служба на Христос – свештеник на себе својствен начин, а Божјиот народ како царско свештенство на свој начин, го вршиме посланието кое ни е поверено од Исус Христос: „одете по сиот свет и направете ги сите луѓе мои ученици – и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“.

Со Божјиот благослов го започнуваме овој „пасторален од“ заедно свештениците и Божјиот народ. Ве повикувам сите вас, драги браќа во презвитератот и вас драги верници, сложно и заеднички да тргнеме на овој пат на обнова. Во првиот дел ќе биде заедничко размислување за основните тајни на св. Црква кои ги нарекуваме св. тајни на иницијација или почетни св. тајни. Во првиот дел на овој наш пат ќе размислуваме за светите тајни на Крстот, Потврдата и Исповедта. Како што од самиот распоред  гледате на Пресветата Евхаристија, како централен литургиски настан на Црквата, ќе и посветиме посебно време, бидејќи Евхаристијата е извор и цел во животот на Црквата.

Нека Добриот Пастир го предводи ова наше настојување и нека излие изобилие од својот Дух на сите вас да секој на свој начин биде учесник во животот на живата Црква. Ги препорачувам и поттикнувам нашите болни и немоќни нека со своето страдание и молитва учествуваат на овој пасторален од.

Со Божји благослов,

     Ваш бискуп

+ Киро Стојанов

Категорија: Македонија

За авторот