Празникот на светата Сесилија заштитничката на музиката и музичарите, на 22 ноември 2016 година свечено се прослави со Светата Миса и пригодна програма и трпеза на љубовта во парохијата Пресвето Срце Исусово во Скопје.
Во оваа пригода парохот дон Давор Топиќ им го честиташе празникот на присутните членови на катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ и парохискиот бенд „Агапе“.
Празнувањево е убава можност за развивањето на заедништвото кај верниците во Црквата и негување на припадноста на парохиската заедница во која секој се дарува себеси. Ова го правиме по примерот на нашиот Бог кој нема други раце, нозе, уста туку само може да ги користи нашите кога со љубов се даруваме себеси. Со тоа се сложуваме со свети Августин кој нѐ поучува дека новиот човек пее нова песна како восклик кон Небото.
Парохот истакна дека повеќегодишната работа на катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ и формираниот бенд „Агапе“ се Божји подарок за нашата парохија.
Тој ги охрабри членовите на бендот да го негуваат и натаму полетот, заедништвото и особено срдечните односи. Веќе имаа повеќе настапи ширум Македонија со убав прием. Особено ги охрабри во негувањето на репертоарот на македонски јазик што е и важна одредница на Вториот ватикански концил.
Катедралниот хор е вграден во ткивото на парохијата што под водство на сестра Татјана Атанасова особено дојде до израз во татковинските Денови на светата Мајка Тереза по повод нејзината канонизација.
Оваа убава пригода, парохот ја збогати со врачување благодарница на Борка Томова за долгогодишното себедарување во работата и развитокот на катедралниот хор и животно сведоштво на Божјата љубов меѓу нас и со нас.
Заедничарењето беше продолжено со трпеза на љубовта – агапе; збогатено со духовни песни и народни песни.
к.мк/Р.К.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк