Млади од скопската парохија на летен камп во Пјаченца

Десетина млади од парохијата Пресвето Срце Исусово од Скопје, на возраст од 16 до 19 години, во недела 20 јули 2014 во попладневните часови предводени од водителката Ена Абјаниќ, од аеродромот Александар Велики во Скопје, тргнаа на пат за Италија. Тоа е група која ја претставува Македонија на летниот камп „Week of the world“ во Пјаченца (20 – 27 јули 2014).

Овој проект е во организација на здружението „A Gonfie vele“ и има за цел меѓусебно запознавање на младите од различни култури и различни верски припадности. Тоа е прилика за едно ново искуство, кое резултира со убавина и богатство на средба со другите.

Покрај разновидните работилници и игри младите ќе имаат и можност на искуство за запознавање на културата на другите и така да ги надвладеат предрасудите и стереотипите.

Ова е петти пат како се одржува овој летен камп, а младите од Македонија по прв пат се вклучени во проектот. Оваа година освен младите од Македонија, учествуваат и млади од: Италија, Израел, Палестина, Полска, Египет и Романија. Низ подготовките за заминување во Пјаченца скопскиот парох дон Давор Топиќ им рече на младите дека голем дел за можноста за учество на младите од Македонија на оваа средба благодариме на госпоѓата Мира Љерка која е по потекло од БИХ, а сега живее во Пјаченца. Исто така им рече на младите дека оваа средба ќе биде скапоцена и да имаат отворено срце за Божјото Слово. к.мк/Е.Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот