Проповед на Папата во Витлеем

Секое дете кое се раѓа и расте во сите делови на нашиот свет е дијагностички показател кој ни овозможува да ја утврдиме здравствената состојба на нашите семејства, нашата заедница, нашиот народ, рече папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија на плоштадот на Јаслите пред базиликата Исусово Раѓање во Витлеем на 25 мај 2014, на вториот ден од својата апостолска посета на Светата Земја.

Голема милост е да славиш Евхаристија на местото каде што се роди Исус! Детето Исус, родено во Витлеем е знак кој Бог го дава на оние кои го очекуваат спасението и останува засекогаш знак на Божјата нежност и присутност во нашиот свет, рече Папата на почетокот на својата проповед. Децата и денес се знак. Тие се знак на надеж, знак на живот, но и „дијагностички“ показател, белег што го покажува здравјето на семејствата, општеството и целиот свет. Каде што децата се прифатени, сакани, штитени и заштитени, семејството е здраво, општеството станува подобро и светот хуман.

Витлеемското Дете е кревко, продолжи Папата, како и сите новородени деца. Не знае да зборува, а сепак тоа „Слово стана тело“, кое дојде да ги преобрази срцата и животите на сите мажи и жени. Тоа дете како секое друго дете, е ранливо и му треба помош и заштита. И денес, на децата им треба прифаќање и заштита од моментот на нивното зачнување.

За жал во овој наш свет, со целата негова развиена технологија, голем број на деца и понатаму живеат во нечовечки услови, на работ на општеството, во перифериите на големите градови или селата. Многу деца и денес се изложени на експлоатација, злоупотреба, ропство, насилство и нелегална трговија. Многу деца живеат во бегство, некои од нив се удавиле во морето, посебно во водите на Медитеранот. Денес, додека тоа го признаваме, чувствуваме срам пред Бог, пред Бог кој стана Дете, рече Папата.

И мораме да се запрашаме: кој сме ние пред детето Исус? Кој сме ние пред денешните деца? Дали сме како Марија и Јосиф, кој го прифаќаат Исус и се грижат за Него со татковска и мајчинска љубов? Или сме како Ирод кој сакал да го отстрани? Дали сме како пастирите, кои побрзале да Му се поклонат и да му ги дадат своите скромни подароци? Или сме рамнодушни? Дали можеби сме слаткоречиви или луѓе кои користат побожни зборови, луѓе кои ги искористуваат сликите на сиромашните деца и од тоа заработуваат пари? Дали сме подготвени да стоиме со тие деца, „да губиме време“ со нив? Знаеме ли да ги слушаме, да се грижиме за нив, да молиме за нив и со нив? Или ги запоставуваме, бидејќи премногу сме преокопирани со сопствените работи?, праша Папата во проповедта на Литургијата во Витлеем.

„И еве ви знак: ќе најдете Младенец…“ Можеби тоа дете плаче. Плаче затоа што е гладно, затоа што му е ладно, затоа што сака некој да го прегрне… И денес, децата плачат, многу плачат, а нивниот плач за нас претставува предизвик. Во светот во кој секојдневно се фрла тони храна и лекови има деца кои плачат заради глад и лесно излечливи болести, но нивниот плач не се слуша. Во време во кое се прокламира заштита на малолетници, цвета трговијата со оружје кое завршува во рацете на деца-војници; постои пазар за производи кои ги произведуваат мали деца робови. Нивниот крик е потиснат: тие мора да се борат, мора да работат, не можат да плачат! Но, нивните мајки плачат за нив, како Рахил: плаче за своите деца и не сака да се утеши (Мт 2,18), рече Папата.

Детето Исус, родено во Витлеем секое дете кое се раѓа и расте во сите делови на нашиот свет е дијагностички показател кој ни овозможува да ја утврдиме здравствената состојба на нашите семејства, нашата заедница, нашиот народ. Таква искрена и правична дијагноза може да нѐ доведе до нов начин на живот во кој нашите односи нема повеќе да бидат во знакот на конфликт, угнетување и потрошувачката, туку братството, простувањето и помирувањето, солидарноста и љубовта, рече Папата во проповедта која ја заврши со молитвата: Маријо, Мајко Исусова, ти која прифати, научи нѐ да прифаќаме, ти која си се поклонувала, научи нѐ да се поклонуваме, ти која си следела научи нѐ да следиме

На крајот на светата Литургија Папата со собраните верници ја измоли молитвата Небесна Царице.

РВ/Д.И.

1784

Категорија: Свет

За авторот