Проповед на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на светата Литургија по повод патрониот празник на црквата Свети пророк Илија – Радово

Драги браќа и сестри,

Радосен сум што Господ Бог ми даде можност и оваа година да го славам празникот свети пророк Илија во нашата убава и толку мила Црква, посветена нему на чест. Неговиот лик го означи Стариот Завет со многу значења што под поимот пророк секогаш мислата ни одлетува на свети Илија. Во Новиот Завет е присутен во ревносниот Дух и зафатеноста во обновата на својот народ во лицето на свети Иван Крстител. Верата на Израил дека Илија ќе се појави како гласник на месијанските времиња го потврдува и самиот Исус кога вели: Илија веќе дојде, мислејќи при тоа на Иван Крстител. Што ги поврзува овие двајца големи мажи со Божјата објава? Писмото вели Духот на ревноста.

Што е тоа ревност? Во верска смисла тоа е еден внатрешен Божествен немир кога човекот, гледајќи го светот околу себе забележува дека не се случува така како тоа Бог го впиша во човечката природа, неговото срце и во самиот закон на Светото Писмо. Илија живее во времето на големото отпаѓање на Божјиот народ, кога тој народ заборавил кој е Бог Јахве и кога започнал да се поклонува на Ваал и други божества. Божјиот човек чувствувајќи ја вистината на објавата во своето срце заборава на својата ограниченост, се исполнува со жалост на Божјиот Дух и гонет од внатрешната сила се залетува во многу опасности воопшто не мислејќи на себе, туку на вистината која сака да ја одбрани по цена на својот живот. Илија е Божји човек кој видел дека неговиот народ, а тоа е Божјиот народ, толку одлутал и постоела опасност сосема да се изгуби во морето на околните пагански народи.

Драги браќа и сестри, можеби дури и непријатно ми е, но вас ве повикувам да ми помогнете како син на оваа село, а пастир на оваа Црква, размислувајќи за еден болен факт кој се случува кај нас. Папата Бенедик XVI веќе на самиот почеток од својот понтификат силно предупреди на опасноста од така наречениот релативизам и секуларизам. Предупреди на тие опасности кои пљачкосуваат по христијанска Европа, каде христијанството со голема брзина исчезнува.

Што е тоа секуларизам? Папата Фрањо со својата едноставност предупредува дека за христијаните најголема опасност е да се биде како останатите. Што тоа практично значи? Тоа значи кога сме овде во Црквата собрани тогаш сме луѓе со еден образ, а кога ќе излеземе од Црквата ставаме маска на другиот образ. Додека овде ги склопуваме рацете за молитва, надвор од ова место се однесуваме како луѓе кои не го познаваат Бога. Не мислма на вас, драги браќа во Радово, но гледајќи пошироко и во нашата Македонија, а пред сѐ во сеопштата Црква се среќаваме со тој факт на двоструко однесување на христијаните. Како да сите вредности кои што Христос ни ги најави и станаа дискутабилни и предмет на нашите расправии, ако не и норма на нашиот живот. Христијаните како да се уморија да го живеат христијанството и со своето однесување дадоа место и повод за ни да може да се каже: и тое се како и сите останати. Алчни за пари се поклонуваат на идолите на модерното време, се осиромашуваат еден со друг со неправеден и невистини и конечно ги рушат темелите на кое почива здраво општество и здраво семејство. Се однесуваат како да постои само овој живот и како да постои само една среќа – оваа земската и со тоа ја затајуваат оваа реалност за која нашите претци знаеја да страдаат и дури и својот живот да го жртвуваат. Темен облак се надвиснува над современиот христијански свет кој заборавил на Исусовото Слово дека е во светот, но не е од светот и дека е светлина на светот, сол на земјата и град на гората.

Драги мои сограѓани, згаснаа многу ѕвезди кои сведочеа, многу ретко да е уште по некоја која сјаи на нашето небо како блажена Мајка Тереза. Од таква пракса околу нас, ноја нѐ опкружува, прашање е што нашите млади ќе понесат во животот како вредност кога животот еден ден ќе го оддалечи од оваа ткиво, мило верничко гнездо кое се нарекува Радово. Затоа со вас треперам при помислата на оние напасти на секуларизмот кој кога тогаш ќе тропне и на вратата на нашите семејства. Јасно, треба да се оди напред, но трагично би било ако зад себе ја затвориме вратата на споменот на сопствените корени и вредности кои со векови нѐ надахнуваа.

Затоа препорачувам, пред сѐ на младите, немојте никогаш од своите очи да ја тргнете сликата на свети Илија, кој со животот и својот напор за вистината покажа дека вистината и вредноста не се трговија, не се бизнис и не се роба која се продава. Христијанските вредности, вистината и љубовта не се нападнати, иако се наоѓаат неброени понудувачи и инвеститори, ние не се продаваме ни себе си, ниту своите светињи, ниту дури својата родна грутка. Илија нѐ надахнува на ревност со која во воспитувањето на децата и младите се обидуваме да всадиме бескомпромисна поврзаност со вистината и спасителната порака: Еден е Спасител на човечкиот род Господ Исус Христос.

Говорејќи за вистината денес е многу тешко секому, а пред сѐ на младите да ги запознаеме со полнотата на вистината. Зошто? Човекот денес дневно прима неброени информации преку модерните средства за комуникации: радио, телевизија, интернет, фејсбук итн. Кој може да се снајде во таа шума на информации и да каже тоа е вистина, а тоа е лага. Кој од нас се осудува и обидува да ги сочува младите генерации од тие влијанија и да им всади во нивната свест мерка на препознавање и разликување на вистината од лагата. Болно тврдам. Никој. Но сепак тоа не е реално христијански ако веруваме дека Бог го чува својот народ. Затоа повеќе од било кога нашата душа се воздигнува кон Бога и моли. Господи, спаси нѐ, Господи дај да прогледам, Господи дај ми да се очистам. Се осудувам да кажам дека молитвата полна со жртва, дури и со солзи на склопените родителски раце и нашите возрасни може да бидат залог од Божјиот зафат во современиот христијански свет кој е зафатен со духот на релативизмот и секуларизмот.

Ревноста на свети Илија со кој тој се вдахнуваше за борба против далеку посилниот дух на времето беше свртена кон Бога. Тогаш да го молиме својот заштитник и нашата заедница да ја охрабри со својот заговор и ја штити со моќната молитва. Свртени кон иднината да не бидеме страшливи и трговци со Вистината и понудата на материјализмот, туку да се трудиме за слобода и чистота на нашиот дух. Иднината нема да ни осигури ниту благосостојба, ниту било што друго, туку ќе постоиме како народ и како христијани само ако сочуваме сесрдно срце за вистина и љубов.

Драги браќа и сестри, честитајќи ви го и оваа година, овој голем парохиски празник, сакам со вас заедно во оваа Евхаристија да молам со цврста вера: Нахрани нѐ Боже со леб од небото, напој нѐ со водата на чистотата како некогаш пророкот Илија и оваа заедница да стане пророчка и остане верна навестителка дека меѓу нас е Јагнето Божјо – Исус Христос кој е единствен Спасител на светот. Амин.

Категорија: Македонија

За авторот