Молитвено бдение во парохиската црква во Петралинци

Молитвено бдение во парохиската црква во Петралинци

Во парохијата Свети Кирил и Методиј во Петралинци во склоп на Синодалниот όд на 05 ноември 2021 година се одржа „Молитвено бдение за сите покојни од парохијата но и за сите знајни и незнајни покојни“. За време на Молитвеното бдение се молеше света Бројаница, о.Ѓорге Појразов одржа духовен наговор на тема: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“. (Иван 11,25).

Отец Појразов во својот духовен наговор истакна: „Браќа и сестри, ние сме должни да се трудиме и грижиме овде на земјата за нашето спасение, бидејќи овоземскиот живот е краток, во споредба со вечноста и вечниот живот. Дали знаете кога започнува вечноста? Вечностa започнува кога ќе завршат сите временски категории за сметање на времето и кога Спасителот наш Господ Исус Христос повторно ќе дојде на земјата за да им суди на сите луѓе од почетокот па се до крајот на векот. Затоа, браќа и сестри, ние треба сериозно да размислиме, каков ќе биде нашиот крај, бидејќи нам нема да ни се суди според тоа како сме се снаоѓале тука на земјата, туку нам ќе ни се суди според онаа состојба во која ќе не затекне смртинот час. Ако ние умреме во гревови, тогаш ние тешко дека ќе го наследиме Царството Небесно.

Затоа не заборавајте, кога ќе се разболи некој човек, вие веднаш треба да повикате свештеник, да направи елеопомазание врз болниот како што вели Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“. (Јак.5,14-15).

Ако е Божјата волја, болниот да го напушти овој свет, тогаш тој подготвен ќе замине од овој свет, претходно исповедан и причестен и така соединет со Христа ќе го наследи Божјото Царство. Ние треба да знаеме дека Царството Небесно е прекрасно нешто, за кое во Светото Писмо се вели: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“. (1Кор.2,9). Едни од многуте услови за да го добиеме Царството небесно се следните: да нахраниме гладен, да напоиме жеден, да посетиме болен и затвореник во затвор, да облечеме необлечен, да утешиме ожалостени и сè она од кое имаат потреба немоќните луѓе. Овие услови, браќа и сестри, се почетни услови, бидејќи добрите дела што ги правиме се почетокот на нашето спасение. Што друго е важно за нашето спасение? Исто така и Пасхата Христова се именува со премин, а тоа значи премин од овој во оној свет, или воскресение од мртвите. Па така, Христос нашиот Бог и Спасител ни потврдува дека ако ние веруваме во Него ќе имаме живот вечен, бидејќи Тој самиот рекол:„Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“. (Ив.11,25).

На крајот од Молитвеното бдение верниците заедно со парохот Појразов ја измолија Синодалната молитва за успешна Синода. (о.Ѓ.П).

Категорија: Вести, Македонија
Ознаки Петралинци

За авторот