Прогонетите христијани – колективен неуспех на ОН
Во петокот, на 17 април, во Њујорк во организација на Обединетите Нации, беше одржана конференција на темата: „Прогонството на христијаните на светско ниво: закана за мирот и меѓународната сигурност“.
Во име на Светиот Престол беше присутен надбискупот Бернардито Ауза, кој ги повтори зборовите на Папата до меѓународната заедница дека пред такви тешки злосторства „да не остане нема и неподвижна“. Денес има повеќе маченици отколку во првите векови на христијанството – го наведе монсињор Ауза предупредувањето на Светиот Отец.
Во Ирак, Сирија, Нигерија, Либија, Кенија и Јужна Азија – истакна надбискупот – „земјата буквално е натопена со крв. Видовме варварски чин врз обезглавените копстски христијани во Либија; разнесени цркви за време на литургиите во Ирак, Нигерија и Пакистан; староседелските христијански заедници се прогонети од своите домови во долината на Нинивеја; христијанските студенти се егзекутирани во Кенија“. Како што е наведено во извештајот на Истражувачкиот центар Pew за 2014 година, христијаните се најпрогонетата верска група на светот – рече надбискупот.
Помеѓу 2006 и 2012 година христијаните се прогонувани или дискриминирани во 151 од 193 земји членки на Обединетите Нации. „Тоа покажува“ – нагласи монс. Ауза – „колективен неуспех на оваа меѓународна организација, чија примарна цел ѝ е заштитата на народите од злото на насилството и неправедните напади“.
Состојбата за верската состојба особено е лоша на Блискиот Исток. Во Ирак присутноста на христијаните драстично се намалила: од два милиони опадна на помалку од една четвртина од оваа бројка, а тамошните верници се чувствуваат целосно напуштени. Исчезнувањето на христијаните на овие простори не е само верска трагедија – додаде надбискупот – туку исто така е и губиток на богатото наследство кое во голема мера придонело за тамошното општество.
На крајот постојаниот набљудувач на Светиот Престол потсети дека минатиот месец во Женева 65 земји потпишаа декларација за заштита на човековите права на христијаните и на другите заедници – особено на Блискиот Исток – и дека тоа било прв пат христијаните да се споменати како категорија чии права треба да се штитат. Надбискупот поттикна на итно делување „пред да биде прекасно“, бидејќи, како што рече, „прогонетите христијани во целиот свет […] рачунаат на нас и нѐ молаат повеќе да се ангажираме како би ги спасиле од прогонствата“.
РВ/З.А.