Пријател

Денес можеш да размислуваш за тоа кој е твојот најдобар пријател, чие прифаќање ти носи радост. Исус со тебе го делеше својот посебен однос со Бога. Во нашето срце постои место кое не може да го исполни ниеден човек, дури таа личност да нѝ е и многу мила. Тоа место единствено Бог може да го исполни. Без чувството дека Бог нѐ љуби нема да бидеме потполни и нашето срце ќе се чувствува празно. Гревот го продлабочува тоа чувство на празнина и го нарушува нашето пријателство со Бога, но влијае и на нашиот однос со луѓето како и на нашето мислење за самите себе.

Данскиот филозоф Серен Киркегард вели: „Гревот е очајно да сакаш да бидеш пред Бога самосвесен или очајно да не сакаш да бидеш самосвесен.“ Оваа дволичност на очајот зборува дека внатрешниот однос помеѓу човекот и Бога е прекинат. Бог повеќе не се смета за дарител на животот, на суштината, на слободата и на љубовта, туку се доживува како ривал, закана, како непријател. Свети Иван Павле II вели: „Гревот во вистинска и правилна смисла секогаш е дело на едно лице, слободно дело на поединец, а не на една група или заедница.“ Да се ослободи човекот од оваа одговорност значи да се негира достоинството и слободата на луѓето кои се искажуваат, дури и на негативен или различен начин и во одговорноста за направениот грев. Ниту во еден поединец не постои ништо толку лично и непреносливо како заслугата за доблеста или одговорноста за гревот.

Иако гревот е лично дело и одговорноста за гревот е на оној кој го направил, последиците од гревот влијаат на многумина, а не само на лицето кое го направило гревот. Со гревот се навредува Бога, се нарушува личната светост, се навредува ближниот или му се дава лош пример, се намалува светоста на целата Црква. Како што работејќи на доблестите позитивно влијаеме на светоста на целата Црква, која со нашите добри дела се зголемува, така за жал и во негативен поглед, нашиот личен грев ја нарушува светоста на Црквата како заедница.

Денес сме повикани да ги откриваме димензиите на Божјата љубов, на простувањето, милосрдието и откупувањето, вистински да го доживееме Бога како пријател. Бог нас нѐ сака толку многу та го даде својот Единороден Син за да не загине никој кој верува во Него, туку да има живот вечен (спр. Ив 3, 16). Самиот Господ наш Исус рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи својот живот за своите пријатели“ (Ив 15, 13). Нашата правда мора да биде поголема од правдата на книжниците и фаризеите, затоа пред да му принесиме дар на Бога, треба со Него да се помириме доколку сме го навредиле, мора да се помириме и со Црквата, бидејќи со гревот ја сме ја намалиле нејзината светост, мора да се помириме и со ближниот, а мора да си простиме и самите на себе, за да би имале мир. Не мора очајнички да се обидуваме да се спасиме самите себе зашто нема да успееме, подобро, како блудниот син, да му се приближиме на Бога и неговата љубов ќе не повлече кон животот, а и после помирувањето ќе ни даде живот вечен.

Лаудато/З.А.

За авторот