Препораките на Комитетот на ОН се обид за мешање во науката на Католичката Црква за достоинството на човекот и примената на верската слобода

Светата Столица е изненадена од завршните забелешки на Комитетот на ОН за правата на децата, претставени на 5 февруари во Женева, во кои што се однесува на прашањата за злоупотреба на децата од страна на поедини членови на клерот, се упатува остра осуда кон Ватикан. Спомнатото тело на ОН тврди дека Светата Столица и понатаму ја крши Конвенцијата за правата на детето, па го критизира Ватикан и поради неговите ставови што се однесува на хомосексуалноста, контрацепцијата и абортусот.

За реакцијата на Светата Столица за тоа обвинување, во разговор за Радио Ватикан говореше архиепископот Силвано Марија Томази, постојан набљудувач на Светата Столица при канцеларијата на ОН во Женева и напомна дека пред сè треба внимателно да се прочита и да се разгледа она што го напишаа членовите на Комитетот. Меѓутоа, прва реакција на Светата Столица е изненадувањето – рече – бидејќи негативниот став на документот кој што го составија е во тоа што изгледа како да е подготвен пред состанокот на тој комитет со делегацијата на Светата Столица, која даде исцрпни точно одредени одговори по повеќе точки, а кои не се внесени во тој завршен документ, односно барем изгледа дека не се сериозно земени во предвид.

Документот всушност изгледа како да не е ажуриран – забележа архиепископот – со оглед на тоа што во последните години е направено на ниво на Светата Столица, со мерките кои директно ги примени Државата Град Ватикан, и поедините епископски конференции во повеќе земји. Тоа е едноставно прашање на факти, очигледност, која не може да се искривува – истакна архиепископот.

Архиепископот Томази потоа истакна дека Светата Столица ќе одговори на тие забелешки, бидејќи е потписничка, бидејќи е држава која ја ратификувала конвенцијата и има намера да ја почитува, без идеолошки додатоци или наметнувања кои одат надвор од самата конвенција – рече архиепископот и додаде како, на пример, Конвенцијата за заштита на децата во својот увод говори за заштита на животот на децата пред и после раѓањето, а на Светата Столица истовремено ѝ се препорачува да го промени својот став по прашањето за абортусот!

Ми се чини дека е тоа во противречност со темелните цели на конвенцијата, а тоа е заштита на децата – забележа архиепископот и додаде дека Комитетот не ѝ направи добра услуга на ОН, барајќи од Светата Столица да ја промени својата наука за која што не може да се преговара. Помалку е жалосно да се види дека Комитетот не ја сфатил во целост природата и делувањето на Светата Столица, иако јасно ја изрази својата одлука во врска со примената на барањата од Конвенцијата за правата на детето.

На новинарската забелешка дека ООН во почетокот рече дека што се однесува за заштитата на малолетните, Ватикан одговорил подобро од другите земји, и на прашањето што тогаш се променило, архиепископот Томази забележа дека во уводот на завршниот извештај е признаена јасноста во одговорите; имено, не се настојувало да се одбегне ниедно барање на Комитетот, туку се работело на темел на расположливите очевидни факти, а таму каде немаше директни информации, имавме намера, според упатствата на Ватикан, да преземеме во иднина онака како што прават сите влади – рече архиепископот.

Се чинеше затоа дека е во тек конструктивен дијалог, и мислам дека таков треба и да остане – забележа постојаниот набљудувач на Светата Столица и додаде – Поради тоа, земајќи ги во предвид впечатоците после директниот разговор со делегацијата на Светата Столица со Комитетот, како и текстот на заклучоци и препораки, се доаѓа во искушение да се заклучи дека текстот веројатно веќе бил претходно напишан, и тој не одразува поттици и јасност, освен во понекој површен додаток, на сè она што се направило – истакна архиепископот Томази и напомна дека затоа треба во мир и врз основа на очигледните факти, да се објаснат ставовите на Светата Столица, да се одговори на прашањата кои уште преостанаа, како би се постигнала  главната цел која сака да се постигне, а тоа е заштитата на децата.

На новинарското прашање како тоа извештајот да е составен во таков тон, архиепископот рече дека веројатно невладините организации – кои имаат интереси поврзани со хомосексуалноста, хомосексуалните бракови и други слични прашања – имале свои забелешки, па на некој начин го зајакнале идеолошкиот правец.

Во врска со извештајот на Комитетот на ООН, Канцеларијата на Светата Столица објави посебно соопштение кое го пренесуваме во целост.

На крајот на својата 65 седница, Комитетот за правата на детето ги објави своите завршни забелешки за прегледаните извештаи на Светата Столица и пет држави потписнички на Конвенцијата за правата на детето (Конго, Германија, Португалија, Руската Федерација и Јемен).

Во склад со посебните постапки предвидени за потписничките на Конвенцијата, Светата Столица ги прима на знаење завршните забелешки за своите извештаи, кои ќе бидат подложени на детални проучувања и евалуација, поради целосното почитување на Конвенцијата на разни подрачја кои Комитетот ги претстави во склад со меѓународното право и пракса, и земајќи ја во предвид интерактивната јавна расправа со Комитетот, одржана на 16 јануари 2014 година.

Светата Столица, меѓутоа, жали поради тоа што во некои делови на завршните забелешки воочува обид за мешање во науката на Католичката Црква за достоинството на личноста, и во примената на верската слобода. Светата Столица повторно ја истакнува својата преданост во зачувувањето и заштитата на правата на децата, во склад со принципите кои ги промовира Конвенцијата за правата на детето, и спрема моралните и верски вредности кои ги пружи католичката наука – истакнато е во соопштението на Канцеларијата за печат на Светата Столица.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот