Радово 18 јуни 2017 година – Веќе повеќе години наназад во парохијата свети пророк Илија во Радово на празникот на Светата Евхаристија (Втора недела по Духовден) се одржува Првопричастие, за децата кои прв пат го примат светото Причастие. Литургијата започна со свечена процесија која покрај свештениците и министрантите ја сочинуваат и првопричесниците и нивните родители. Светата неделна литургија ја предводеше парохот во Радово отец д-р Зоран И. Стојанов во сослужение со отец Трајче Ташев (парохиски викар) и отец Георги Ангелов.
Во својата пригодна проповед отец Зоран ја истакна важноста во следењето на Христовите зборови: „Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него… (Ив.6,55-56), тоа се Исусови зборови кои ги читаме во светото Евангелие, Исус се што кажал стои зад тоа и ќе го исполни. Нашата привилегија дека можеме да бидеме Христови следбеници нѐ прави горди и во исто време скромни зашто Исусовата волја била да бидеме нему слични, а Он во својата Божествена величина не вброи нас кои го примаме светото Причастие…“ Отец Зоран исто така им го честиташе празникот на Сестрите Евхаристинки, кои делуваат во парохијата Радово.
На светата литургија своја кратка програма имаа првопричесниците со рецитал и песни.
Традиционално пред отпустот се одржа свечена процесија со светото Причастие околу црквата, застанувајќи и читајќи ги предвидените четири свeти Евангелија пред олтарите кои верниците ги прават во црковниот двор во чест на празникот на Пресветата Евхаристија.
к.мк/Кирил Стојанов