Папата Лав XIV одржа историски говор во шпанскиот парламент. Обраќајќи им се на пратениците од двата дома во Мадрид, тој потсети на апсолутното предимство на човечкото достоинство.
„Секое вистински праведно општество се темели на признавањето на неповредливото достоинство на човекот“, рече Папата. „Ова достоинство претходи на секое признавање од страна на државата и не смее да биде подредено на променливите општествени согласности или на моменталните мнозински мислења. Тоа му припаѓа на секој човек само поради неговото постоење и затоа мора да го обликува секој позитивен правен поредок.“
Со тоа папата Лав се надоврза на мислата што неговиот претходник Бенедикт XVI ја разви во септември 2011 година, за време на неговото значајно обраќање пред германскиот Бундестаг во Берлин. Истовремено, Папата нагласи дека зборувањето за човечкото достоинство „не смее да остане апстрактно“. Во тој дух, тој побара заштита на животот, поголема поддршка за семејствата, човечки однос кон мигрантите и, на меѓународно ниво, посилна заложба за мир, разоружување и заштита на меѓународното право.
„Секое праведно општество се темели на признавањето на достоинството на човекот“
На влезот во „Паласио де лас Кортес“, зградата во центарот на Мадрид што се издига на просторот на поранешен манастир, Папата беше пречекан од претседателите на Конгресот и Сенатот. Беа интонирани химните на Шпанија и на Ватикан.
Иако некои политичари, особено од левичарската протестна партија „Подемос“, претходно изразија сомнеж дали е соодветно Папата да биде поканет во парламентот, салата беше добро исполнета. Присутни беа и највисоките претставници на Уставниот и Врховниот суд.
Папата Лав јасно стави до знаење дека својата посета во срцето на шпанската политика сака да ја разбере како „знак на поврзаност со Шпанија“, а не како мешање во сфера што не му припаѓа. Црквата „ја почитува автономијата на институциите“, увери тој уште на почетокот од својот говор, кој го прочита на шпански јазик.
Тој ги цитираше Дон Кихот и мислителот Мигел де Унамуно, но особено се осврна на „школата од Саламанка“ од 16 век, за да истакне дека Шпанија уште рано го разбирала човекот како „некој чие достоинство стои над секоја корист и во чија служба стои законодавството“.
„Прашањето од Саламанка“
„Така во историското расудување го внесоа прашањето за неповредливата вредност на секој човек и за етичките граници на власта. Мора да се признае дека општеството, а и Црквата, не секогаш биле доследни на увидите што одекнувале во нивната сопствена христијанска традиција“, рече Папата.
Според него, „прашањето од Саламанка“ и денес ги засега политиката и законодавството. Ако убедувањето за апсолутната предност на човечкото достоинство остане живо, тогаш правото станува „заштита за сите и гаранција против наметнувањето на парцијални интереси и агенди“.
„Во таа смисла се поставува прашањето: Каква иднина имаат нашите општества ако животот повеќе не се признава како основна вредност? Може ли заедница што го занемарува нероденото дете, стариот човек, болниот, оној што страда во тишина или оној што целосно зависи од грижата на другите, да се нарече навистина праведна? Одбраната на човечкиот живот не е ниту партиско, ниту конфесионално прашање: таа е цел на цивилизацијата. Затоа моралната големина на една нација се покажува пред сè во нејзината способност да ги придружува, заштитува и љуби животите што се наоѓаат во особено кревка состојба“, рече папата Лав.
Заштита на животот, помош за семејствата и човечки однос кон мигрантите
Папата Лав XIV потоа ги нарече семејствата „прво училиште на човечноста“. Оној што ги поддржува семејствата, рече тој, ја зајакнува стабилноста на нацијата. Во образовниот систем, додаде Папата, мора да се почитуваат моралните, културните и религиозните убедувања на родителите.
„И трагичната миграциска криза денес ја испрашува совеста на народите и етичките темели на меѓународниот поредок“, рече тој. Темата за мигрантите, нагласи Папата, е „многу повеќе од чисто демографско или економско прашање“, односно таа е „пред сè морално и правно прашање“.
„Состојбата на мигрантите и бегалците бара одговор што го става човекот во центарот, што се соочува со причините за нивното заминување и што оди подалеку од обичното управување со миграциските текови. Во последните години, сè поопасните рути ја покажаа огромната цена на овој проблем, кој често се премолчува или игнорира. Ниту една нација не може сама да се соочи со предизвик од вакви размери. Затоа е неопходен координиран, солидарен и делотворен одговор, кој ќе им гарантира на мигрантите заштита, прием и вистински можности за интеграција. Кога институционалниот одговор е близок, праведен и координиран, границите повеќе не се места на напуштеност, туку можат да станат простори каде што човечкото достоинство одговорно се заштитува“, рече Папата.
Мир, разоружување и верска слобода
Потоа папата Лав се осврна на темата за мирот. Тој повика на „јавен говор што ги почитува оние што мислат поинаку“, како и на внимателна употреба на јазикот, особено во контекст на напнатата внатрешна политика во Шпанија. На меѓународно ниво, пак, повика на „дипломатска храброст“, разоружување и почитување на меѓународното право.
„Меѓународната заедница е повикана повторно да ја открие непроценливата вредност на дијалогот како трпелив пат кон праведни и трајни договори, засновани на почитување на договорите, транспарентност во дипломатското дејствување и искрена волја мирот да се стави пред употребата на сила“, рече Папата.
Тој ја нарече слободата на мислата, совеста и религијата „прашање што е одлучувачко за секое вистински демократско општество“. Во тој контекст, ја бранеше исповедната тајна како и правото на религијата да не биде истисната од јавниот простор во приватната сфера.
„Оваа благородна нација никогаш да не го изгуби сеќавањето на своите корени, ниту храброста да гледа кон иднината. Шпанија нека продолжи да биде место на средба, култура, солидарност и надеж. И во јавниот живот секогаш нека успева да ги соедини цврстината на убедувањата со благородноста на дијалогот и големината на служењето“, порача папата Лав XIV.
„Политичката различност не треба да прерасне во постојано омаловажување на противникот“
Говорот на Папата во парламентот не може партиски да се припише на ниту една страна. Социјалистичката малцинска влада на премиерот Педро Санчез може да се почувствува потврдена во својата меѓународна мировна политика и во легализацијата на голем број нерегуларни мигранти. Од друга страна, зборовите на Папата за семејството, училиштето и заштитата на животот се поблиски до загриженостите на конзервативната опозициска Народна партија.
Но, апелот на Папата за посмирена и посуштинска внатрешнополитичка дебата беше упатен кон сите без исклучок.
„Политичката различност не треба да прерасне во постојано омаловажување на противникот“, порача папата Лав XIV во понеделникот, упатувајќи им јасна порака пред сè на шпанските политички партии.
Ватикан њуз/к.мк

