Папата на капеланите во апостолатот на море им додели исти овластувања како на мисионерите на милосрдието

Папата на капеланите во апостолатот на море им додели исти овластувања како на мисионерите на милосрдието

Мора да се соочиме со прашањата кои премногу често се плод на човечката алчност. Се работи за трговијата со луѓе, присилната работа, прекршувањето на човековите права и работата на многу мажи и жени кои живеат и работат на море.

Ангажирајте се против искористувањето кое понекогаш има влијание на животот на морнарите и рибарите – рече папата Фрањо на 27 јуни 2019 година кога ги прими во аудиенција 100 учесници на средбата на капелани и волонтери во апостолатот на море која овие денови се одржа во Рим. Морнарите и рибарите често се далеку од семејството, долго време живеат живот кој понекогаш е одбележан со скратување на платата, срамни искуства на злоупотреба и неправда или опасностите од трговците со луѓе, пиратите и терористичките напади – рече Папата и побара од капеланите и волонтерите од меѓународното здружние „Стела Марис“, да им помагаат на оние кои пловат по морињата и океаните на светот за да пронајдат надеж во подобра иднина и да не се предадат на несигурниот живот кој понекогаш е одбележан со искористување.

Здружението „Стела Марис“ е основано на пристаништето во Глазгов, а следната година ќе слави 100 години, на 25 Светски конгрес во тој шкотски град. Папата Пио XI го одобрил здружението кој сакал апостолатот на море да го прошири своето делување на океаните и морињата на сите континенти. Денес капеланите и волонтерите нудат помош на скоро 300 пристаништа, во 55 земји во целиот свет.

Светиот Отец сакаше да ги охрабри рибарите и морнарите затоа потсети дека без морнарите светската економија ќе исчезне, бидејќи повеќе од 90% од светската трговија се одвива по бродови, додека без рибарите многу делови од светот би страдале од глад. За време на секојдневните посети на бродовите, капеланите ја носат Господовата Радосна вест и Папата пред сѐ побара од нив сочувствително и скромно да ги слушаат грижите на морнарите и рибарите и да им дадат можност да го отворат своето срце. Тоа слушање води кон делување.

Сите вас капелани и волонтери во апостолатот на море ве поттикнувам да ги зголемите двојно своите напори за да се соочите со прашањата кои премногу често се плод на човечката алчност – рече папата Фрањо и истакна, мислам на трговијата со луѓе, на присилна работа, на прекршувањето на човековите права, и на работата на многу мажи и жени кои живеат и работат на море. Со своето служење можете да им помогнете на тие луѓе повторно да го добијат чувството на своето достоинство. Благодарение на вас најранливите луѓе повторно ќе можат да најдат надеж во подобра иднина. Вашата ангажираност може да им помогне да не се предадат пред несигурниот живот кој понекогаш е одбележан со искористување – рече Светиот Отец.

Многу морнари кои ќе дојдат кај свештениците и капелани со проблеми на совеста од кои многу страдаат и кои никогаш немале можност да ги изнесат, можеби во тие прилики далеку од дома и татковината, еден разговор ќе им го отвори хоризонтот на надежта – рече папата Фрањо и поттикна: Бидете милосрдни! За да помогнам на тоа милосрдие давам на сите капелани вклучени во апостолатот на море истите дозволи кои ги дадов на мисионерите на милосрдието. Така ќе можете да донесувате мир во многу срца.

Вашето присуство на пристаништата, на малите и големите, веќе само по себе мора да потсетува на Божјото татковство и на фактот дека пред Него сите сме деца и браќа. Вашето присуство мора да биде поттик за сите, започнувајќи од сиромашните да се ангажираме за правдата и почитувањето на човековите права. Луѓето кои во Божјата љубов станале нови можат темелно да ги преобразат односите помеѓу луѓето донесувајќи мир и правда таму каде има омраза и искористување – заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот