Посетата на Кореја е „приоритет за папата Фрањо“
Прегратка со младите од Азија и Кореја; средба со Црквата во Кореја, која од самиот почеток се темели на христијанските принципи и мачеништвото; молитва за мир и помирување во една „непомирена земја”, ранета од поделбата. Овие три основни точки се предвидени за претстојната посета на папата Фрањо во Јужна Кореја од 13 до 18 август 2014 година. Станува збор за трето меѓународно патување на папата Фрањо, по патувањето минатата година во Бразил за Светскиот ден на млади и патувањето оваа година, кога ја посети Светата Земја.
Ватиканскиотгласноговорник отец Федерико Ломбарди, на брифингот во ватиканскиот прес центар ги претстави етапите на Апостолското патување, како и причините поради кои Светиот Отец одлучи да го посети овој дел од Далечниот Исток. Долго време еден Папата го нема посетено Азискиот континент. Последна посета на овој континент е од времето на папата Иван Павле II, кој во 1999 година ja посети индиската престолнина Њу Делхи. „Затоа за папата Фрањо Азија отсекогаш имаше „приоритет”, истакна патер Ломбарди. Поради тоа Папата веднаш ја прифати поканата на епископот на Теџн монс. Лазаро Иу, да ја посети Кореја за Денот на азиските млади.
За време на својата посета, папата Фрањо ќе биде придружуван од ватиканскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин и неговиот заменик, Анџело Беку, кардинал Фернандо Филоне, префект на Конгрегацијата за евангелизација на народите, како и кардинал Станислав Рилко, претседател на Папскиот совет за лаици.
Папата Фрањо ќе има две средби со младите. Првата, во светилиштето Солмое, во епархијата Теџн, на 15 август, а втората ќе биде на завршната миса на Денот на азиските млади, во дворецот Хаеми, на 17 август.
Ова патување во Кореја дава можност Папата да се сретне со Католичката Црква во земјата, која отец Ломбарди ја нарече „динамична Црква”, каде што, во споредба со другите азиски региони, католичкото малцинство не е само „важно” – околу 10% од населението, туку и „расте”, со оглед на 100 – тината илјади крштевки секоја година. Црквата во Кореја е и мисионерска, даде голем број мисионери во светот, основана е од проповедањето на корејските верници, а не од свештеници, кои доаѓаат од други земји. Но исто така Црква е основана на мачеништвото, посочи Ломбарди: „христијаните биле мачени, бидејќи се сметало дека не одговараат со социјалниот и културниот систем на Кореја во тоа време”.
Додека папата Иван Павле II, при посетата на Јужна Кореја канонизира 103 корејски маченици, кој се од втората и третата генерација, папата Фрањо ќе прогласи блажени 124 маченици, кои се од првата генерација. Многу од нив се дури и родители и роднини на оние кои се канонизирани од страна на папата Иван Павле II.. Со овој чин папата Фрањо сака да ја истакне „важноста на мачеништвото” и да им оддаде почит на „основачите” на Католичката црква во Кореја.
Друга “жешка” тема на ова патување повторно е темата за мирот и помирувањето. Отец Ломбарди истакна дека „Кореја е поделена земја, која ги носи сите последици на поделбата, според ситуацијата таму повеќе владее примирје отколку мир”. Во настаните поврзани со посетата на Папата, нема да учествуваат севернокорејски католици, „поради разни причини”. Но тие ќе се молат во иднина да можат да слават заедно литургијата. Отец Ломбарди истакна исто така дека програмата за посетата на папата во Јужна Кореја не предвидува никаков настан на границата меѓу двете Кореи. Но нема да недостасуваат молитвите за мир меѓу двете земји, кои сѐ уште војуваат.
РВ/го*ко