Порака по повод Денот на Македонски Каритас од директорот отец Зоран И. Стојанов

Порака по повод Денот на Македонски Каритас од директорот отец Зоран И. Стојанов

Почитувани,

Можеме ли како Каритас да бидеме на располагање на Мигрантите?

По годината (2023) посветена на размислување за документите и проучување на плодовите на Вториот ватикански собор, на предлог на папата Фрањо, 2024 година, ќе биде „Година на Молитвата“. Во рамките на подготовките за јубилејот, епархиите се поканети да ја промовираат централноста на индивидуалната молитва и молитвата во заедницата. Поради оваа причина, би можеле да предложиме „молитвени ходочествувања“ кон Светата (јубилејната 2025) година, курсеви за молитвени школи со месечни или неделни етапи, на чело со епископите, во кои е вклучен целиот народ Божји. Дикастеријата за евангелизација ќе објави серија „Белешки за молитвата“, за да го врати длабокиот однос со Господ во центарот, преку многуте форми на молитва предвидени во богатата католичка традиција. На сегашните генерации се става товар да се носат со големиот предизвик кој беше предизвикан во многу полиња на делување во секојдневието кое го донесоа различните авантури.

Во петтата глава во евангелието од Матеј читаме за Исусовите блаженства:

“Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
Блажени се оние што плачат, оти ќе се утешат!
Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат!
Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!
Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене!
Радувајте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас. (Мт. 5,3-12).

Колку убаво звучат и денес овие Господови зборови. Сигурно ќе се најде некој добар поет, надарен филозоф или некоја побожна душа која ќе ја истакне длабочината и коренитоста на таквите захтеви (барања).

Можеме да си поставиме едно прашање, кое секој од нас може да го согледа и створи за себе мислење, ако со таквите зборови појдеме на улица, на пазар, на плоштад и сериозно меѓу луѓето без литературно завиткување и без рецитално искажување им ги пружиме како решение на секојдневните човекови грижи и стремежи, секој може да си створи мислење за себе, а јас само ќе додадам дека мислам оти е поприлично нестварно да очекуваме голем успех.

Кој денес размислува да биде сиромашен по дух и кроток, милосрден и мирољубив? Иако во суштина овие блажени предлози ни се прифатени како природно присутни и потребни сепак и покрај се светот е многу оддалечен од нив.

Ако  пробаме да ја персонализираме таа оддалеченост и ги запрашаме децата на 21 – от век, нели е пореално оваа света литанија да ја превртиме и кажеме: „Блажени се оние кои знаат да трупаат…; Блажени се безгрижните и нечувствителните…; Блажени се оние на кои не им треба правда, зашто сами си ја кројат…; Блажени се безобѕирните и безобразните…; Блажени се мешетарите (брокерите) и оние со злобни и лукави срца…; Блажени се клетниците и настраните, насилниците и грабачите…; Блажени се оние кои се снаоѓаат во секоја ситуација…; Блажени се извртувачите на вистината…?“

Оние кои себе се вбројуваат во потрезвените, овие Христови зборови ги сметат некој вид утеха, духовна џвака за будалите, односно за оние кои не успеале да се „снајдат“ во животот, да не им биде горко, се лажат самите себе дека се определиле за нешто убаво за нешто подобро и повозвишено, кога веќе не можат да си признаат дека во длабочината на душата сепак им завидуваат на оние кои до нешто се дограбиле.

Се чини дека овој текст и не е за нешто друго туку повремено да се чита во Црквата, оти со него не може ниту нормално да се живее, а камоли да се успее во некој бизнис. Очигледно е наменет за оние кои одат наопаку по овој свет, т.е. со нозете над облаците, по синото небо, како мувите по таванот.

Сепак, ако размислиме чекор понапред, ќе ни се укаже дека тука не се работи за некој евангелски парадокс, односно тврдењата кои на прв поглед изгледаат бесмислени, но на крајот произлегуваат од самата вистина на неуморната логика, така што ќе се најдеме во чудо, како мачето кое се врти околу масата по нешто влакнесто па одеднаш отрива дека тој таинствен предмет што го држи под шепата е неговата (о)пашка.

Изгледа банално, па дури и старомодно, да се повторува дека во последно време ситуацијата во светот е значително влошена. Ако ги наброиме: затегнатите меѓународни односи, немирите и несигурностите, неправдите и насилствата, агресиите и теророт во овој побудален свет… велаат дека во светот гладуваат околу 700 милиони луѓе. Сето тоа се знае, се глуми дека моќниците тоа не го сакаат, а на повикот на Светиот Отец Папата Фрањо и неговите претходници да сторат нешто, се одлушнуваат, често прекривајќи некои вистини кои се случуваат по светот, а тие сепак се непобитни и се трупат во тој правец.

Колку често слушаме по медиумите дека некаде има војна, терор, насилство, силување, убивање… поради верска нетрпеливост. Не е точно, не поради верските различитости туку поради економските неправди кои им се нанесуваат на луѓето се случуваат сите тие неправди. Сиромашните и гладните не се во состојба да го креираат светскиот поредок, но затоа се заложници на лесно манипулирање. Тоа е причината поради која Црквата се става на страна на немоќните и е трн во очите на моќниците, кои го залажуваат светот дека се за човекови права, ама проблемот е што тие не се за човекови права како што сакат луѓето, туку креираат свои права и му го наметнуваат својот став на светот. Медиумските хајки најчесто ги прават преку таканаречените невладини организации, на кои пак правдата ништо не им значи, а во таа нивна борба за владеење со светот најмногу им смета Црквата Христова која се залага за правда и вистина.

Она што Светиот Отец Папа и Црквата сака да се наметне како прашање е: Зошто има глад? Зошто има мигрантски кризи? Зошто има војни и страдања? Ја обвинуваат религијата и верниците, а добро знаат дека тоа е лага но на многу перфидни начини го задојуваат светот дека некој друг е виновен, а тоа се сепак оние безбожнички организации и нивните ограноци по светот преку парите сакаат сите религии и вери да ги стават во еден кош и сета вина да ја префрлат врз невините.

Ве чуди ли дека тоа дека е така, а како подруго и може да биде? Се фалат и прифаќаат некои однесувања на луѓето, кои се нагласени дека без нив наводно не може да се опстане во денешниот луд свет, збирот на таквите однесувања не може да даде подобри настани и резултати. Ако се прифаќа дека во животот лошо поминува оној кој не е агресивен и безобѕирен, кој не е насилен и не ја користи секоја прилика да се приграби до посакуваното, како тогаш можеме да се жалиме дека одредена група ги угнетува и експлоатира другите, или што некои други пак не се заинтересирани дека се косат правото и слободата, мирот и поседот на некои поединци, а неретко и на цели народи и држави. Црквата Христова последните години е многу гласна во одбраната на Сирија, Либија, Украина, Јемен, Палестина…

Можеме де се вратиме на Христовите Блаженства, секој коректен мислител е убеден дека воопшто не е неважно она што Христос го предлага, дека треба да се излезе од таа игра, да се прекине синџирот на причинители и последици (изрека која им се препишува на будистите). Некои однесувања биле дозволени во прашумата. Денес на таквите цената им е превисока. Но, ако цивилизацијата успева само до таму, да ги прави истите прашумски навики во подруги и побогати околности, тогаш до денес човекот сé уште ништо одлучувачко не направил. Ако не сме задоволни, или сме толку малку задоволни со денешните прилики и односи меѓу луѓето, тогаш неопходно е да се започне негде и нешто да се менува во однесувањето, зашто сите тие прилики и неприлики се последица на нашето однесување. Тоа е таа мачкина (о)пашка.

Христовите зборови и покрај првичната илузија (привидност), воопшто не се наменети како утеха за оние кои се разочарани и несреќни и креваат раце од овој свет, наводно дека ништо не може да се направи, а они сепак не се како другите. Не, не е така и тука настапува Црквата, (во Црквата Христова се вброени сите крстени од папата, преку епископите, свештениците до оној верник кој последен примил крштение) не сме ние вон светот ниту се грижиме исклучиво за свое совршенство да изгледаме како украсно божиќно дрво кое свети во ноќта. Не сме далеку од секојдневието на денешнината, дури и да не сме директно загрозени сепак Црквата повикува да се вброиме во помагателите на настраданите, каде и да се тие, кои да се, какви и да се. Помошта на мигрантите и бегалците е директно поврзана со Мисијата на Црквата, зашто добриот архитект гради насипи на браната не поради тоа дека нему му е загрозена куќата или животот од можната поплава туку затоа што тоа е непходно потребно.

Христос Господ, кога ги набројуваше блаженствата ги опфати сите и сето битие човеково мислејќи и сметајќи на човековата здрелост. Достигнувањето на здрелоста значи одредена возраст и моќност, но значи и полнота и потполност. Тоа е време кога се престанува да се мисли само на себе, а се размислува и на другиот. Кога исчезнуваат детските амбициозности и ние сме окупирани во целост со грижата за оние кои нѐ опкружуваат и понекогаш ни се поважни од нас самите, а на тоа често дури не сме ниту свесни.

Ете и во тој правец може да се гледа одговорот на прашањето: Можеме ли како Црква да бидеме на располагање на Мигрантите? Видовме во последните години дека можеме, зашто како мала Црква, по бројност мала во Македонија, ама покажа голема зрелост во однесувањето кон мигрантите, сиромашните и гладните. Во Македонски Каритас постои позитивна борба дека да се биде зрел значи да се има цел, а целите не можат да се реализираат ако не се почне со конкретни дејствија. Нормално почнувајќи од себе самиот, не да зборуваме во множина од нас, туку од мене и она што ме опкружува. Затоа повикуваме да ги прифатиме Христовите Блаженства дури можеме и да си дозволиме да додадеме: „Блажени се оние кои знаат и сакаат да започнат“.

На сите вас, браќа и сестри во Татковината и во странство, упатуваме благодарност и ве уверуваме во нашите молитви. Ви благодариме за вашите молитви и дарови што ги посветивте и дарувавте како конкретна поддршка за активностите на Каритас на сите нивоа. Го молиме добриот Бог стоструко да ја награди вашата доброта и несебичност што помогнавте преку Македонски Каритас на луѓето во потреба. Вашата поддршка и молитвено и со дарување ја очекуваме и во наредниот период.

Во предбожикниот период кој го живееме, искрено на сите вас без разлика на вашата мисија во општеството и во Црквата, Ви посакуваме честит Божиќ, среќна и благословена Нова 2024 година.

Отец Зоран

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот