Порака од Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2020

Порака од Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2020

„Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога“ (2Кор 5,20)

Драги браќа и сестри!

И оваа година, исто така, Господ ни дава погодно време да се подготвиме со обновено срце за да го прославиме големото Таинство на смртта и воскресението Христово, темел на личниот и заедничкиот христијански живот. Кон ова Таинство треба постојано да се навраќаме, со умот и со срцето. Всушност, тоа во нас не престанува да расте во мера во која дозволуваме да бидеме вовлечени од неговата духовна динамика и кон него се приврзуваме, одговарајќи слободно и великодушно.

  1. Велигденското Таинство, темел на преобраќањето

Радоста на христијанинот произлегува од слушањето и прифаќањето на Радосната Вест за смртта и воскресението Исусово: навестување. Во него е содржано Таинството на една љубов „толку реална, толку вистинска, толку конкретна, што ни нуди однос полн со искрен и плодоносен дијалог“ (Апостолски поттик, Christus vivit, 117). Кој верува во тоа навестување ја отфрла лагата според која нашиот живот би произлегол од нас самите, додека во реалност тој се раѓа од љубовта на Бог Отец, од неговата волја да ни даде живот во изобилие (сп. Ив 10,10). А, доколку, пак, се искаже послушност на заводливиот глас на „таткото на лагата“ (сп. Ив 8,45) се ризикува да се падне во бездната на бесмисленоста, искусувајќи го пеколот веќе овде на земјата, како што, за жал, сведочат многу драматични настани од личното и колективното човечко искуство.

Затоа во овој Голем Пост 2020 би сакал на секој христијанин да му порачам она што веќе им го напишав на младите во Апостолскиот поттик Christus vivit: „Гледај ги раширените раце на распнатиот Исус, дозволи секогаш одново да те спаси. А кога се приближуваш да ги исповедаш своите гревови, цврсто верувај во неговото милосрдие кое те ослободува од вината. Со големо внимание размислувај за неговата пролеена крв и дозволи да бидеш очистен од неа. Така секогаш би можел да се раѓаш одново“ (бр. 123). Исусовата Пасха не е настан од минатото: преку моќта на Светиот Дух секогаш е актуелна и ни овозможува да го гледаме и допираме со вера телото Христово во многу страдалници.

  1. Итност за преобраќање

Спасоносно е подлабоко да размислуваме за Велигденското Таинство, благодарение на него ни е дарувано Божјото милосрдие. Искуството за милосрдието, всушност, можно е само кога сме „лице в лице“ со распнатиот и воскреснатиот Господ «кој ме засака и Себеси се предаде за мене» (Гал 2,20). Еден дијалог од срце за срце, од пријател за пријател. Еве зошто молитвата е многу важна во времето на Великиот пост. Таа е многу повеќе од само обврска, молитвата ја искажува нашата потреба да одговориме на Божјата љубов, која секогаш ни претходи и нѐ поддржува. Всушност, христијанинот се моли знаејќи дека е љубен, и покрај тоа што е недостоен. Молитвата може да содржи различни форми, но она што навистина е важно во Божјите очи е дека таа продира во нашата внатрешност и успева да го омекне нашето тврдо срце, за да го преобрати сѐ повеќе за Него и неговата волја.

Во ова поволно време, сепак, да дозволиме, како Израилскиот народ, да бидеме водени низ пустината (сп. Ос 2,16), со цел, конечно да можеме да го слушнеме гласот на нашиот Свршеник, дозволувајќи и овозможувајќи што подлабоко да одекне во нас. Колку повеќе дозволуваме да бидеме водени од неговото Слово, толку повеќе ќе успееме да го почувствуваме неговото бесплатно милосрдие за нас. Затоа да не дозволиме залудно да помине ова милосно време, во замислена илузија дека ние сме господари на времињата и на начините на нашето обраќање кон Него.

  1. Страстната волја Божја за дијалог со своите чеда

Фактот дека Господ уште еднаш ни нуди поволно време за нашето преобраќање не треба да се земе здраво за готово. Оваа нова можност во нас би требало да поттикне чувство на благодарност и да нè размрда од нашата тромост. И покрај понекогаш трагичната присутност на злото во нашите животи, но и во животот на Црквата и светот, овој период, кој ни дава можност да се промени текот, ја искажува упорната Божја волја да не го прекине со нас дијалогот за спасение. Во Исус распнатиот, што Бог «наместо нас го направи грев» (2 Кор 5,21), во таа своја подготвеност отиде толку далеку, што на својот Син ја натовари целата тежина на нашите гревови, дури до таму што „Бог се сврте самиот себе“, како што рече Папата Бенедикт XVI (Енциклика Deus caritas est – Бог е љубов, 12). Имено Бог ги љуби исто така и своите непријатели (сп. Мт 5, 43-48).

Дијалогот кој Бог сака да го воспостави со секој човек, преку велигденското Таинство на својот Син, не е како оној што им се припишува на древните жителите на Атина, кои „во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново“ (Дела 17,21). Таквиот празен говор, диктиран од празната и површна љубопитност, ја карактеризира световноста на сите времиња, а и во нашите денови може да се вовлече преку средствата за комуникација кога не се користат на соодветен начин.

  1. Богатство да се подели, а не да се собира само за себе

Да се стави велигденското Таинство во центарот на животот, значи да се почувствува сомилост со раните на распнатиот Христос присутни во многу невини жртви на војните, нападите врз животот, од нероденото дете до старите лица, во многу невини жртви од разни облици на насилство, еколошки катастрофи, неправедната распределба на земските добра, трговијата со луѓе во сите нејзини облици и алчната желба за профит, што претставува еден вид идолопоклонство.

Исто така и денес е важно да се повикаат мажите и жените со добра волја за да ги споделуваат сопствените добра со оние кои се во најголема потреба преку давање на милостиња, како една форма на лично учество во изградбата на порамноправен свет. Споделувањето со љубов го прави човекот почовечен; додека со акумулирањето на добрата се изложува на опасноста да стане изопачен, затворајќи го во неговата себичност. Можеме, а и треба да се надминеме, земајќи ги во предвид структурните димензии на економијата. По тој повод, во Великиот Пост 2020, од 26 до 28 март, во Асизи свикав состанок на млади економисти, претприемачи и креатори на промени (change-makers) со цел да се придонесе за создавање економија која ќе биде повеќе праведна и поинклузивна од сегашната. Како што Научителството на Црквата повеќе пати повторува, политиката е угледна форма на љубов (сп. Пиј XI, Говор до членовите на Италијанскиот католички универизитетски сојуз (ФУЧИ), 18 декември 1927). Исто така, работењето за економијата ќе биде со истиот евангелски дух, како и духот на Блаженствата.

Молам за застапништвото на Пресвета Марија во претстојниот Велик Пост да го прифатиме повикот да се помириме со Бог, погледот на своето срце да го упатиме воскресното таинство и да се определиме на отворен и искрен дијалог со Бога. На тој начин ќе можеме да станеме она што Христос го бара од своите ученици, а тоа е да бидат сол на земјата и светлина на светот (сп. Мт 5,13-14).

Фрањо

Рим, Свети Иван Латерански, 7 октомври 2019,

Празник на Блажена Дева Марија од Светата Бројаница

 

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот