Порака од годишната средба на епископите од Источните Цркви

Улогата и посланието на Источните католички Цркви во екуменизмот, состојбата на христијаните на Блискиот Исток, како и предизивиците на Источната католичка Црква во Украина по повод 25 години од нејзината легализација се некои од темите во пораката, која на крајот од овогодинешната средба ја усвоија епископите на Источните католички Цркви.

Годишната средба на источните католички епископи се одржа по повик на Свјатослав Шевчук, поглавар на Источните католици во Украина, а се одржа во Лавов по повод 25 годишнината од озаконувањето на Источната католичка Црква во таа земја. На крајот од средбата на 26 октомври епископите усовија порака во која размислуваат за важни теми за Источните Цркви.

Со обѕир на улогата на Источните католички Цркви и нивниот допринос во екумензимот, епископите го потврдуваат правото и должноста за навестување на Евангелието на оние кои уште не го познаваат, изразувајќи ја братски желбата православните Цркви своето послание да го извршуваат во љубов и вистина и да препознаат дека православните ја имаат истата желба да се грижат за верниците по целиот свет – без антагонизам и со потполно почитување на слободата за вероисповед.

Понатаму епископите потврдуваат дека поделбата на едната иста Црква Христова е аномалија, која не може да се прифати како нормална состојба за животот и посланието на Црквата. Исто така, епископите ја делат грижата на православните Цркви околу секуларизацијата и дехристијанизацијата на Европа. Повикот за единство на Христовата Црква е неопходен и е од примарно значење, истакнуваат во пораката источните католички епископи.

Во поглед на состојбата на христијаните и другите верски и етнички малцинства на Блискиот Исток, епископите изразуваат подршка и солидарност со месните пастири и верници и потсетуваат дека мирот и помирувањето нема да дојде без јасна и одлучна интервенција на меѓународната заедница и силно вложување во образованието, како би се создала нова генерација која е склона на дијалог.

На тема 25 години од озаконувањето на Источно католичката Црква во Украина, се истакнува дека нејзиното оживување е настан на Божјата поровидност, која повикува на обновено мисионерско навестување на Евангелието и обнова на традицијата, посебно во поглед на новите пасторални предизивици поради состојбата во земјата. На украинскиот народ му се гарантира молитвената близина и солидарност во актуелниот воен конфликт и агресијата однадвор која предизвикува големи страдања и тоа меѓу цивилите. Епископите повикуваат без одложување да се појде по патот на мирот и помирувањето.

РВ/го*ко

Категорија: Свет

За авторот