Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2022 година

Порака на Светиот Отец Фрањо за Великиот пост 2022 година

„Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се. И така, додека имаме време (kairós), да им правиме добро на сите“

Драги браќа и сестри!

Великиот пост е соодветно време за лична обнова и обнова на заедницата што нè води до Пасхата на Исус Христос, кој умре и воскресна. За великопосниот од во 2022 година, ќе ни биде од корист да размислиме за поттикот на свети Павле до Галатјаните: „Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се. И така, додека имаме време (kairós), да им правиме добро на сите“ (Галатјаните 6, 9-10а).

  1. СЕЕЊЕ И ЖЕТВА

Во овој пасус апостолот потсетува на сликата за сеење и жетва, кои му се многу мили на Исус (сп. Матеј 13). Свети Павле ни зборува за kairós: време на благодат за сеење добро во поглед на идната жетва. Што е тоа „богодадено време“ за нас? Секако тоа е Великиот пост, но тоа е и целиот овоземен живот, за кој постот на некој начин е и слика.[1] Во нашиот живот пречесто преовладува алчноста и гордоста, желбата за поседување, акумулирање и трошење, како што покажува примерот на безумниот човек во параболата на Евангелието, кој го сметал својот живот сигурен и среќен поради изобилството жито во житницата (сп. Лука 12,16-21). Великиот пост нѐ повикува на преобраќање, на промена на менталитетот, така што вистината и убавината на животот да не се бараат толку во поседувањето колку во давањето, не толку во акумулирањето колку во сеењето добро и во споделувањето.

Сејачот е пред сè самиот Бог, кој великодушно „продолжува да го сее семето на доброто во светот“ (енциклика Fratelli tutti, 54). Повикани сме во Великиот пост да одговориме на Божјиот дар, прифаќајќи го неговото „живо и делотворно“ Слово (Евреите 4,12). Упорното слушање на Божјото Слово развива подготвеност да бидеме поучени во неговите делувања (сп. Јаков 1,21), што ги прави нашите животи плодни. Тоа во нас буди радост, но и повеќе од тоа, тоа е повик да бидеме „Божји соработници“ (1 Коринтјаните 3,9) за да го искористиме мудро сегашното време (сп. Ефесјаните 5,16) како би можеле и ние да сееме правејќи добро. Тој повик да сееме добро не треба да го гледаме како товар, туку како благодат со која Создателот сака активно да учествуваме во неговата плодна великодушност.

А жетвата? Зарем не се сее за да ја жнееме? Секако! Тесната поврзаност помеѓу сеењето и жетвата ја потврдува свети Павле кога вели: Кој скржаво сее, скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее“ (2 Коринтјаните 9,6). Но за каков род станува збор? Првиот плод на посеаното добро го наоѓаме во самите себе и во нашите скеојдневни односи, па и во најмалите добри дела. За Бог ниту еден чин на љубов, па колку и да е мал, и ниту еден „великодушен напор“ нема да биде залуден (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 279). Како што стеблото се познава по плодовите (сп. Матеј 7,16.20), така и живот полн со добри дела околу себе шири светло (сп. Матеј 5,14-16) и го донесува Христовиот мирис во светот (сп. 2 Коринтјатните 2,15). Да му се служи на Бог, осолободени од гревот, донесува плодови на осветување за спасение на сите (сп. Римјаните 6,22).

Всушност, можеме да видиме само мал дел од плодот на она што го сееме, затоа што според евангелската поговорка се вели „Еден сее, а друг жнее“ (Иван 4,37). Токму сеејќи за доброто на другите, учествуваме во Божјата великодушност: потврда за големата благородност е да се започнат процеси чии плодови ќе ги соберат други, вложувајќи надеж во сокриената сила на семето на добрина што го сееме“ (енциклика Fratelli tutti, 196). Сеењето на добра за други нѐ ослободува од тесната логика на лична корист, му дава на нашето дејствување ширина на бесплатност и така нѐ сместува во прекрасниот хоризонт на Божјите добронамерни планови.

Божјото Слово го шири и го подигнува нашиот поглед: ни најавува дека вистинската жетва е она есхатаолошката, она во последните времиња, која не познава заоѓање. Зрелиот плод на нашиот живот и нашето делување е „плод за вечен живот“ (Иван 4,36), кој ќе биде „наше богатство на небесата“ (Лука 12,33; 18,22). Самиот Исус ја користи сликата за семето кое умира во земјата и донесува плод како би го изразил таинството на својата смрт и воскресение (сп. Иван 12,24), но и свети Павле го користи кога зборува за воскресението на нашето тело: „Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање; се сее во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила; се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Има тело душевно, има и тело духовно. (1 Коринтјаните 15,42-44). Таа надеж е големо светло кое воскреснатиот Христос ја донесува во светот: „И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените (1 Коринтјаните 15,19-20), така што оние кои интимно се поврзани со него во љубовта, „сраснати со Него во еднаква смрт“ (Римјаните 6,5), ќе бидат придружени во неговото воскресение за вечен живот (сп. Иван 5,29): Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во царството на нивниот Отец (Матеј 13,43).

  1. КОГА ПРАВИМЕ ДОБРО; ТОА НЕКА НЕ НИ БИДЕ ЗДОДЕВНО

Христовото воскресение ги оживува земските надежи „со голема надеж“ на вечен живот и веќе во сегашно време го носи воскликот на спасение (сп. Бенедикт XVI., енциклика Spe salvi, 3; 7). Соочени со горкото разочарување на многу неисполнети соништа и надевања, соочени со обесхрабреноста поради сиромаштвото на нашите средства, во искушение сме да се затвориме во својот индивидуалистички егоизам и да се приклониме во рамнодушност за страдањата на другите. Навистина, и најдобрите ресурси се ограничени: „Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат“ (Исаија 40,30). Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот. […] А оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат (Исаија 40,29.31). Великиот пост нѐ повикува нашата вера и надеж да бидат во Господ (сп. 1 Петрово 1,21), затоа што само со поглед насочен во Исус Христос воскреснатиот (сп. Евреите 12,2) можеме да го прифатиме поттикот на апостолот: „Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно“ (Галатјаните 6,9).

Нека не ни биде здодевно да молиме. Исус учи дека „секогаш треба да се моли и никогаш да не престанеме“ (Лука 18,1). Молитвата ни е потребна затоа што ни треба Бог. Самозадоволството е опасна илузија. Ако пандемијата нè направи директно свесни за нашата лична и општествена кревкост, овој пост нека ни овозможи да ја искусиме утехата која ја дава верата во Бога, без која нема да се додржиме (сп. Исаија 7,9). Никој не се спасува сам, зашто сите сме во ист кораб среде бурите на историјата [2]; но пред сè никој не се спасува без Бога, зашто само пасхалната тајна на Исус Христос дава победа над мрачните води на смртта. Верата не нè ослободува од маките и неволјите на животот, туку ни овозможува да поминеме низ нив во Христа, соединети со Бога, со голема надеж што не разочарува и чиј залог е љубовта, која Бог ја излеа во нашите срца преку Светиот Дух (сп. Римјаните 5,1-5).

Нека не ни биде здодевно да го искоренуваме злото од нашиот живот. Телесниот пост, на кој нѐ повикува постот, нека го зајакне духот за борба протв гревот. Нека не ни здодее да бараме простување во светата Тајна исповед и помирување, свесни дека Бог никогаш не се изморува да ни простува [3].

Нека не ни биде здодевно во борбата против страстите, како и слабостите кои водат во егоизам и секакво друго зло, а кои низ историјата наоѓале различни патишта да го втурне човекот во грев (сп. енциклика Fratelli tutti, 166). Еден од тие патишта е опасноста од зависност од дигитални медиуми, која ги осиромашува меѓучовечките односи. Великиот пост е добро време да се соочиме со овие опасности и да негуваме поцелосна човечка комуникација (сп. енциклика Fratelli tutti, 43) која се состои од „вистински средби“ (Fratelli tutti, 50), лице в лице.

Нека не ни биде здодевно да правиме добро со делотворна љубов кон ближниот. Во овој пост да се научиме од срце да даваме милостина (сп. 2 Коринтјаните 9,7). Бог „кој му дава на сеачот семе, ќе му даде и леб за храна“ (2 Коринтјаните 9,10), се грижи за секој од нас, не само за да имаме храна која ќе ја јадеме, туку и за да би биле великодушни правејќи им добро на другите. Ако е вистина дека треба да сееме семе на добрина во текот на целиот живот, да го искористиме посебно овој пост за тоа и да искажеме грижа за своите ближни, да бидеме ближни на оние браќа и сестри кои се ранети на својот животен пат (сп. Лука 10,25-37). Великиот пост е погоден час да се бара, а не да се избегнува, оние кои се во потреба, да се повикуваат кај себе, а не да се игнорираат, оние кои имаат потреба некој да ги сослуша и од убав збор, и да се посетат, а не да се напуштаат оние кои страдаат од осаменост. Да го спроведиме овој повик на дело, да правиме добро на сите и да одвоиме време за љубов кон најмалите и најранливите, напуштените и презираните, дискриминираните и маргинализираните (сп. Fratelli tutti, 193).

  1. ВО СВОЕ ВРЕМЕ ЌЕ ПОЖНЕЕМЕ, НЕ ЗАМОРУВАЈЌИ СЕ

Великиот пост секоја година нѐ потсетува дека „доброто, исто како и љубовта, правдата и солидарноста, не можат да се постигнат еднаш засекогаш; мора да се стекнуваат секој ден одново“ (исто, 11). Затоа, да го молиме Бога за трпение на земјоделците (сп. Јаков 5,7) за да не престанеме да правиме добро, чекор по чекор. Оние кои ќе паднат, нека подадат рака на Отецот, кој секогаш нѐ подигнува. Оние кои се изгубени, прелажани од заводливоста на Злиот, без двоумење нека се вратат кај Оној кој е „великодушен во простувањето“ (Исаија 55,7). Во ова време на преобраќање, наоѓајќи поддршка во Божјата милост и во заедништвото на Црквата, да не се изморуваме правејќи добро. Постот го подготвува тлото, молитвата го наводнува, а љубовта го прави плодно и богато. Ја имаме сигурноста на верата „зашто во свое време ќе пожнееме, не заморувајќи се“ и со дарот на истрајност ќе ги добиеме ветените добра (сп. Евреите 10,36) за сопственото спасение и спасението на другите (сп. 1 Тимотеј 4,16). Спроведувајќи ја на дело братската љубов кон сите, сме соединети со Христос, кој го даде својот живот за нас (сп. 2 Коринтјани 5,14-15) и да уживаме во предвкусот на радоста на Царството небесно, кога Бог ќе биде „сè во сè“ (1 Коринтјаните 15,28).

Дева Марија, која го носеше во својата утороба Спасителот и која ги чуваше сите настани „слагајќи ги во срцето“ (Лука 2, 19), нека измоли дар на стрпливост и нека ни биде блиска преку своето мајчинско присуство, така што ова време на преобраќање да донесе плодови на вечно спасение.

Рим, Свети Иван Латерански, 11 ноември 2021 година, на празникот Свети Мартин, епископ

[Фрањо]

__________________________

[1] сп. Свети Августин Serm. 243, 9,8; 270, 3; En. in Пс.110,1.

[2] сп. Вонредна молитва на Плоштадот Свети Петар за време на пандемијата со која претседаваше папата Фрањо (27 март 2020).

[3] сп. Ангел Господов, 17 март 2013.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот