Порака на Светиот Отец за Светскиот ден на Мисиите 2015

Драги браќа и сестри

Светскиот мисиски ден во 2015 година се слави во склоп со Годината на посветен живот што дава додатен поттик за молитва и размислување. Имено, ако секој крстеник е повикан да сведочи за Господ Исус навестувајќи ја примената верата како дар, тоа посебно важи за посветените лица, бидејќи помеѓу посветениот живот и мисиите постои тесна поврзаност. Желбата за наследување на Исус одблизу, која доведе до настанување на посветениот живот во Црквата, е одговор на неговиот повик да го земеме крстот и да појдеме по него, за да го наследуваме во неговото предавање на Отецот и неговото служење и љубов, да го изгубиме животот за да го добиеме повторно. А бидејќи целиот Христов живот има мисионерски карактер, мажите и жените кои одблизу го наследуваат мора да ја поседуваат таа мисионерска карактеристика.

Мисонерската димензија припаѓа на самата природа на Црквата и е суштински во сите облици на посветен живот и не смее да се занемари, бидејќи тоа ќе ја осиромаши и изобличи харизмата. Мисијата не е прозелетизам или чиста стратегија; мисијата е составен дел од „граматиката“ на верата, таа е нешто многу важно за оној кој го слуша гласот на Светиот Дух, кој зборува со тивок глас »дојди« и »оди«. Оној кој го наследува Исус не може, а да не биде мисионер и знае дека Исус »чекори со него, зборува со него, дише со него, работи со него. Го чувствува живиот Исус покрај себе во мисионерското ангажирање« (Апостолско писмо. Evangelii gaudium, 266).

Мисијата е голема љубов кон Исус Христос и истовремено голема љубов кон неговиот народ. Кога прибегнуваме на молитва пред распнатиот Исус, ја гледаме големината на неговата љубов која ни дава достоинство и ни помага. Истовремено сфаќаме дека таа љубов која извира од прободеното срце Исусово се шири и го опфаќа целиот Божји народ и целиот човечки род; и така чувствуваме дека тој сака да се послужи со нас за да се приближи што повеќе до својот сакан народ (сп. исто, 268) и до сите оние кои го бараат со искрено срце. Исусовата заповед „појдете“ опфаќа секогаш нови сценарија и  предизвици за евангелизациското послание на Црквата. Во Црквата сите сме повикани да го навестуваме евангелието со сведоштво во животот. На посебен начин од посветените лица се бара да го наслушнуваат гласот на Духот, кој ги повикува да одат на големите периферни мисионерски подрачја, кај народите на кои евангелието сѐ уште не им е навестено.

Педесетгодишниот јубилеј од декретот на Вториот ватикански собор Ad gentes, за мисионерската ангажираност на Црквата нѐ повикува повторно да го читаме и да размислуваме за тој документ кој поттикна силен мисионерски замав во институтите на посветен живот. Во контемплативните заедници со ново светло се јавува ликот на света Тереза од Детето Исус, заштитничка на мисиите; таа зборува со нова сила и го надахнува размислувањето за длабоката поврзаност помеѓу контемплативниот живот и мисиите. На мисионерскиот поттик кој го даде Вториот ватикански собор многу монашки заедници со активен живот одговорија со посебна отвореност за мисијата ad gentes која често била придружувана со прифаќање на браќа и сестри кои доаѓаат од земји и култури со кое се сретнале во евангелизацијата, така што денес може да се зборува за раширена интеркултуралност во посветениот живот. Токму и затоа е потребно повторно да се истакне дека Исус Хростос е централен дел на мисиите и тој идеал бара потполно себедарување при навестувањето на евангелието. Околу ова не може да постојат компромиси: оној, кој со Божја милост ја прифаќа мисијата, е повикан и да ја живее мисијата. Од овие причини за овие лица навестувањето на Христос во бројните периферии на светот станува начин да се наследува и најголема награда за многуте напори и откажувања. Секое отстранување од тој повик, па и ако е пропратен и со благородни мотиви поврзани со многу пасторални, црковни и хуманитарни потреби, не е во согласност со личниот Господов повик за  служење на евангелието. Во мисионерските институти воспитувачите се повикани јасно и отворено да се покаже таа перспектива на живот и делување и да се биде одлучен во одлуките за автентичниот повик за мисии. Се обраќам посебно на младите, кои сѐ уште се способни за храбри и великодушни потфати, исто така и оние кои понекогаш треба да пливаат потив струјата: не дозволувајте да ви се украде сонот за вистинската мисија, во наследувањето на Исус кое вклучува потполно себедарување. Во длабочината на вашата совест запрашајте се поради што одбравте мисионерски монашки живот и преиспитајте ја својата расположливост да го прифатите таков каков што е: дар на љубовта во служба на навестување на евангелието. Имајте на ум дека не толкава е потребата навестувањето на евангелието за оние кои сѐ уште не го познаваат, туку многу повеќе е неопходно за оние кои го љубат Учителот.

Денес мисијата на Црквата се соочува со предизвикот да излезе во пресрет на потребите на сите народи за да се вратат на своите корени и да ги сочуваат вредностите на своите култури. Тоа значи дека е потребно да се запознаат и да се почитуваат другите традиции и филозофски системи и да се сфати дека сите народи и култури имаат право и со помош на својата сопствена традиција да влезат во таинството на Божјата мудрост и да го прифатат Исусовото евангелие, кое расветлува и ги преобразува сите култури.

Во поглед на таа сложена динамика мораме да се прашаме: ››Кои се привилегираните приматели на евангелското навестување?‹‹ Одговорот е јасен и го наоѓаме во самото евангелие: сиромашните, малите и болните, оние кои често се презрени и заборавени, оние кои немаат со што да ни вратат (сп. Лука 14,13-14). Евангелизацијата во која се дава предност на последните е знак на Царството за кое Исус дојде да го донесе: »постои нераскинлива врска помеѓу вашата вера и сиромашните. Никогаш да не ги оставиме сами!« (Апостолско писмо Evangelii gaudium, 48). Тоа мора посебно да им е јасно на оние кои го прифаќаат мисионерскиот посветен повик: со заветот на сиромаштво тие одлучуваат да го следат Христос во неговото давање предност на сиромашните и тоа не идеолошки, туку како него кои се поистовети со сиромашните; живеејќи како нив во несигурноста на секојдневиот живот и откажување од секоја желба за моќ за да станеме браќа и сестри на последните, носејќи им сведоштво за радоста на евангелието и знак на Божјата љубов.

Да се живее христијанското сведочење и знаците на Очевата љубов меѓу малите и сиромашните посветените лица се повикани во мисионерската служба на Црквата да ги поттикнуваат верниците лаици. Веќе Вториот ватикански собор зборува: »Лаиците соработуваат во црковниот дел од евангелизацијата и учествуваат во нејзината спасителна мисија истовремено како сведоци и живи орудија « (Ad gentes, 41). Неопходно е посветените лица кои се во мисиите похрабро да се отвораат кон оние кои се подготвени да соработуваат со нив, било тоа да е само привремено, поради стекнување искутва на терен. Тоа се браќа и сестри кои сакаат да го делат мисионерскиот повик кој е нераскинливо поврзан со крштевањето. Мисионерските куќи и структурите се природни места за нивно прифаќање и овозможување на човечка, духовна и апостолска поддршка.

Мисионерските институти и делата на Црквата потполно се ставаат во служба на оние кои не го познаваат Исусовото евангелие. За да ја остварат плодоносно таа цел тие имаат потреба од харизма и предана мисионерска ангажираност на посветените лица. Но и посветените лица имаат потреба од структури, кои ќе бидат во нивна служба. Тоа е израз на грижата на римскиот епископ со што ќе се гарантира koinonia, така што соработката и синергијата ќе бидат составен дел од мисионерското сведочење. Исус го постави единството на неговите ученици како услов за да поверува светот (сп. Иван 17,21). Таа конвергенција не е исто што и правната и организациската подложност на институционалните тела, а уште помалку гушење на креативноста на Светиот Дух, кој ја побудува различноста, туку тоа значи да се даде поголема делотворност во евангелската порака и да се поттикнува она единство кое исто така е плод на Духот.

Мисиското дело на Петровиот наследник има еден универзален апостолски хоризонт. Поради тоа има потреба исто така и од многу харизми на посветениот живот, за да се опфати широкото поле за евангелизација кое би било способно да обезбеди соодветната присутност во сите краеви.

Драги браќа и сестри, вистинскиот мисионер негува голема љубов кон евангелието. Свети Павле вели: »Тешко мене, ако не го проповедам Евангелието« (1 Коринтјаните 9,16). Евангелието е извор на радост, слобода и спасение за секој човек. Црквата е свесна на тој дар и затоа не се изморува непрестајно да го навестува на сите »она, што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме« (1 Иван 1,1). Посланието на служители на Словото – епископите, свештениците, монасите, монахињите и верниците лаици е да се овозможи на сите, без исклучок, да се влезе во личен однос со Христос. На големото мисионерско поле на делување на Црквата, секој верник е повикан според својата лична состојба, колку повеќе е возможно да го живее својот крштелен повик. Великодушниот одговор на тој општ повик може да овозможи на посветените мажи и жени еден интензивен молитвен живот и единство со Господ и неговата откупителна жртва.

Ги доверувам на Марија, Мајката на Црквата и пример за мисионерски живот, сите оние учествуваат во навестувањето на евангелието кои се ad gentes или во сопствената земја и во секоја држава на живеење од срце на сите ви упатувам апостолски благослов.

Од Ватикан 24 мај 2015, на празникот Педесетница

Фрањо

Категорија: Колумни, Свет

За авторот