Надежта на бедните нема да биде залудна
1.„Надежта на бедните нема да биде залудна“ (Пс. 9, 18) Овие зборови од Псалмот се многу актуелни. Тие ја изразуваат длабоката вистина, која што верата успева пред се да ја втисне во срцата на сиромасите: Да им ја врати изгубената надеж среде неправдата, страдањето и животните неизвесности.
Псалмистот ја опишува состојбата на сиромасите и надуеноста на оние кои што ги угнетуваат.(сп. 10, 1-10). Тој го довикува Божјиот суд за да ја воспостави правдата и да го победи злото. (сп. 10, 14-15). Во неговите зборови како да слушаме ехо на прашањата кои се провлекуваат преку вековите се до денешен ден: Како може Бог да ја трпи таа нееднаквост? Како може да допушта да се понижува сиромавиот, а да не му пријде на помош? Зошто му допуштува на оној кој што го угнетува да живее во благосостојба гледајќи го неговото однесување,особено во светло на страдањата на сиромасите, заслужува ли осудување?
Во времето во кое е составен овој псалам се случувал голем економски раст кој како што често знае да биде, предизвикува големи социјални нерамноправности. После нееднаквата поделба на богатството дошло до значајно зголемување на бројот на сиромаси, чија што состојба изгледала уште подраматична во споредба со богатството кое што било стекнато од малкуте привилегирани. Светиот писател, набљудувајќи ја ситуацијата, опишува слика која што е толку реална колку што и вистинита.
Тоа било време кога арогантните луѓе и луѓето без осет за Бога ги прогонувале сиромасите за да им го заземат и тоа малку што го имале за да ги претворат во робови. Ниту денес не е многу поинакво. Економската криза не спечи бројни групи на луѓе да акумулираат богатства, што се покажува како голема аномалија, колку повеќе на улиците низ нашите градови секојдневно среќаваме голем број на сиромаси кои го немаат ниту основното за живот и кои понекогаш се малтретирани и искористувани.
Во мислите ни се враќаат зборовите од Откровението: „Оти велиш: ,Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол„ (Отк 3,17). Вековите минуваат, но ситуацијата на богатите и сиромасите останува непроменета, како да историјата ништо да не не научила. Значи, зборовите на овој псалм не се однесуваат на минатото, туку на нашата сегашност, поставена пред Божјиот суд.
2.И денес можеме да наброиме многу нови облици на ропство на кои се изложени милиони мажи, жени, млади и деца.
Секојдневно се среќаваме со семејства кои се принудени да ги напуштат нивните родни огништа и некаде на друго место да побарат можност за да преживеат, деца кои ги изгубиле нивните родители или насилно одвоени од нив заради брутална експлоатација; млади луѓе кои барат остварување на сопствената професија, но на кои им се забранува да пристапаат до вработување заради кратковидните економски политики; жртви на различните видови на насилства, од проституција до трговија со дрога, кои се длабого понижени. Зарем можеме исто така да ги заборавиме милионите имигранти кои се жртви на многубројните сокриени интереси а кои често се искористуваат во политички цели, на кои им се негира солидарноста и еднаквоста? Како и многу бездомници и маргинализирани луѓе кои лутат по улиците на нашите градови?
Колку пати гледаме сиромашни луѓе како копајќи по ѓубрињата барат во отпадот и во нештата кои другите ги одфрлиле како непотребни, да пронајдат нешто за јадење или нешто во што ќе се облечат!
Со тоа што и самите стануваат дел од тој социјален отпад, со нив се постапува како со обичен отпад, а тие кои се виновни за овој скандал, во себе немаат никакво чувство на вина.
Често пати се етикетирани и како паразити во друштвото, на сиромасите не им се простува дури ниту нивното сиромаштво. Луѓето се како напната пушка, секогаш спемни на нивна осуда. Не им е допуштено да бидат плашливи или обесхрабрени, ги доживуваат како закана или неспособни, само заради тоа што се сиромаси.
Уште полошо е тоа што им е оневозможено дури да го видат и светлото на крајот од тунелот на крајната мизерија. Се оди до таму што се измислиле и поставиле ѕидови на непријателство за да се можеме да се ослободиме од нивната присутност дури и на улиците, последните места кои им преостанаа. Лутат од едната страна на градот до другата со надеж дека ќе најдат работа, дом, внимание… Секоја понудена можност станува зрак на светлина, па дури и таму каде може да се очекува барем да има правда, често се нападнати со насилство и злоупотреба. Принудени се небројни часови по најголемите горештини да обавуваат сезонски работи, а за тоа примаат смешно ниска плата. Тие работат во несигурни и нечовечки услови со кои ги спечуваат да се чувствуваат еднакви со другите. За нив нема бенефит за невработеност, олеснување, не смеат да се разболат.
Псалмистот со тврд реализам го опишува ставот на богатите кои ги грабат на сиромасите: „демнее да го ограбува сиромавиот и да го повлече во мрежата„ (сп. Пс 10,9) За нив е тоа како некаков лов во кој сиромасите ги ловат, фаќаат и заробуваат.
Во такви ситуации како што се овие, срцето на многумина се затвара и желбата да ги направат сиромасите невидливи, почнува да преовладува. Накратко, гледаме пред нас мноштво сиромашни луѓе за кои често се зборува чисто реторички и кое едвам се поднесува. Тие самите како да станаа проѕирни, а нивниот глас нечуен и обесхрабрен во општеството. Овие мажи и жени се повеќе стануваат странци помеѓу нашите домови и маргинализирани во нашите населби.
3.Во спомнатиот псалм опишана е тагата поради неправдата, страдањето и горчината кои ги погодуваат сиромасите. Но сепак псалмот дава убав опис за сиромасите. Тој е оној „кој се предава во Бога„ (сп. р.11), затоа што е сигурен дека никогаш нема да биде напуштен. Сиромавиот во Светото Писмо, е човек со вера и доверба! Светиот писател, нуди исто така причина за таа самодоверба: тој „го познава неговиот Бог„, а во библискиот јазик тоа „да препознаваш„ означува личен однос на приврзаноста и љубовта.
Тоа навистина е впечатлив и опис кој никогаш не би го очекувале. Во него едноставно се опишува Божјата големина кога ќе се најде пред сиромавиот. Неговата моќ ги надминува сите човечки очекувања и станува опиплива во „меморијата„ што ја има за таа одредена личност(сп.р.13) Баш таа доверба во Бога, таа сигурност дека нема да биде напуштен е тоа што повикува на надеж.
Сиромавиот знае дека Бог не може да го напушти; со тоа секогаш живее во присутност на оној Бог кој што се спомнува. Божјата помош ја надминува сегашната состојба на страдање за да укаже на патот на ослободување што го преобразува срцето, зашто го поддржува во неговата најголема длабочина.
4.Во Светото Писмо постојано се зборува за Божјото дејствување во корист на бедните. Тој е оној кој го „слуша„ нивниот повик и „ им приоѓа во помош со негова интервенција„; тој ги „штити„ и „брани„; тој ги „избавува„ и „спасува„… Накратко, Бог никогаш нема да биде рамнодушен кон сиромавиот или молчелив на неговата молитва. Бог е оној кој дава праведност и не заборава (сп. Пс. 40,18; 70,6); колку повеќе тој е прибежиште на сиромавиот и никогаш нема да пропушти да му пријде во помош (сп. Пс. 10,14 (9,18).
Ние можеме да градиме многу зидови и да затвараме влезови за да можеме да направиме илузорно чувство на сигурност опколени со сопственото богатство, на штета на оние кои останале надвор од тоа. Сепак, тоа нема да трае вечно. „Денот Господов„, како го опишуваат пророците (сп. Ам 5, 18; Из 2-5; Јл 1-3), ќе ги уништи бариерите создадени меѓу народите и замени надуеноста на малкумината со солидарноста на многуте. Состојбата на маргинализираност во која се наоѓаат милиони луѓе не може уште долго да трае. Нивниот плач станува се погласен и се шири низ целиот свет. Како што напишал отец Примо Мацолари:„Сиромасите се постојан протест против нашите неправди; сиромасите се барут, светот лета во воздухот„
5.Никогаш не е можно да се избегне итен повик што Писмото им го доверува на сиромасите. Каде и да погледнеме во него, Светото писмони го става пред очи на него, сиромавиот, на оној на кој му недостасува она што е неопходно за живот, затоа што зависи од другите. Таквиот човек е беден, угнетен, понижен, лежи на дното. Сепак, Исус стоејќи пред многубројните сиромаси, не се плашеше да се поистовети со секој од нив: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмили браќа, Мене сте Ми го направиле„. (Мт 25,40).
Да се побегне од оваа поистоветување, значи да се мистифицира евангелието и да се разреди откровението. Бог, кого Исус сакаше да го открие, е овој: дарежлив, милостив Татко, неисцрпен во својата добрина и милост, кој им дава надеж пред се на оние кои се разочарани и лишени од нивната иднина.
Како да не забележиш дека блаженствата кои Исус започнал да им ги проповеда за царството Божјо, започнуваат со овие зборови: „Блажени сте вие, сиромашните„ (Лк 6, 20)? Поентата на оваа парадоксално прогласување е тоа дека токму на сиромашните им припаѓа царството Божјо, затоа што тие се во можност да го примат тоа.
Колку сиромашни луѓе среќаваме секој ден! На моменти, се чини дека како што одминува времето, а цивилизациските достигнувања се зголемуваат, нивниот број се зголемува наместо да се смалува. Вековите минуваат, а оваа блаженство изгледа уште попарадоксално: Сиромасите се уште посиромаси, а денес се тие повеќе од кога и да било.
Но, Исус, кој го започна неговото царство ставајќи ги сиромашните во центарот, сакаше да ни го каже точно тоа: Тој го започна царството, но ни го довери на нас, на неговите ученици, со задача да го продолжиме понатаму, со задача да им даваме надеж на сиромасите.
Многу е потребно, посебно во времињата како што е нашето, да се оживее надежта и да се врати довербата. Оваа програма не е нешто што христијанската заедница треба да ја потцени. Од тоа зависи кредибилитетот на нашето навестување и сведочењето на христијаните.
6.Во близина со бедните, црквата открива дека народот е распскан меѓу многу нации, кој е повикан да не дозволи било кој да се чувствува странец или исклучен затоа што ги вклучува сите на заедничкиот пат до спасението. Состојбата во која се сиромасите не обврзува да не се дистанцираме од телото Господово кое во нив страда. Повикани сме, со задоволство да го допираме неговото тело за да се изложиме лично во служење кое што е вистинска евангелизација.
Унапредување, дури и социјално, на сиромашните не е некаква обврска неповрзана со евангелието, напротив, тоа ја манифестира реалноста на христијанската вера и нејзината историска вредност.
Љубов која дава живот на верата во Исуса не дозволува на неговите ученици да се затворат во задушувачки индивидуализам, скриен во аглите на духовната интимност, без нникакво влијание на општествениот живот (сп. Апостолски поттик Евангелии гаудиум, 183).
Неодамна, не натажи смрта на големиот апостол на сиромашните Јеана Ваниера, кој преку својата посветеност отвори нови патишта за промовирање на заедници и солидарности со маргинализираните. Жан Ваниер го прими дарот Божји да го посвети целиот свој живот на нашите браќа и сестри со тежок инвалидитет кои честопати се исклучени од општеството. Тој беше еден од оние светци „од соседството„ благодарение на неговиот ентузијазам, тој собрал околу себе голем број на млади, мажи и жени, кои работеле секојдневно да пружат љубов и им ја враќале насмевката на лицето на многу слаби и ранливи личности, нудејќи им вистинска „арка“ на спасение од маргинализацијата и осаменоста. Тоа негово сведочење го променил животот на безброј луѓе и му помогна на светот да погледне со други очи на најнежните и најслабите меѓу нас. Плачот на сиромашните се слушна и ја пробуди непоколебливата надеж, создавајќи видливи и опипливи знаци на конкретна љубов која и денес можеме да ја допреме со рацете.
7.„Посветеност за последните, за оние кои општеството ги отфрла и исфрла надвор„ (ибид., 195) приоритетен е изборот на кој Христовите ученици се повикани да не го изневерат кредибилитетот на Црквата и да им дадат активна надеж на оние кои се безпомошни. Христијанската милост во нив пронаоѓа конкретен израз и автентичност, бидејќи оној кој сочувствува со нив во нивните страдања со љубовта Христова, добива сила и дава крепост за навестување на Евангелието.
Посветената заложба на христијаните, по повод овој Светски Ден, а пред се во секојдневниот живот, не се состои единствено во придружните иницијативи за давање на помош, кои, колку и да се пофални и неопходни, треба да се стремат во секој од нас да нарасне полно внимание кое се должи на оние кои се во неволја. „Тоа внимание полно со љубов е почеток на вистинска грижа за неговата личност“ (ибид, 199).
Не е лесно да се биде сведок на христијанската надеж среде култура на конзумизам и отфрлање, која постојано е насочена кон зголемување на површен и минлив просперитет. Потребна е промена на менталитетот за да се открие она што е важно и да се даде содржина и плодос на навестувањето за царството Божјо.
Надежта се пренесува исто така со утеха која се постигнува следејќи ги сиромасите не само во одреден момент полн со ентузијазам, туку и со долготрајна посветеност. Сиромасите не добиваат вистинска надеж кога ќе не видат задоволни затоа што малку од нашето време им посветивме на нив, туку кога во нашата жртва ќе го препознаат чинот на бесплатната љубов која не бара награда.
8.Ги молам бројните волонтери, кои честопати заслужуваат признавање, затоа што први ја откриле важноста на оваа внимание кон сиромашните, да растат во посветеност. Драѓи браќа и сестри, ве повикувам да барате кај секој сиромашен кој ќе го сретнете тоа што навистина му е потребно, да не застанете само на задоволување на основните материјални потреби, туку да ја откриете добрината што се наоѓа во нивните срца, да посветите внимание на нивната култура и начините на изразување, за да можете со нив да влезете во братски дијалог.
Да ги оставиме настрана поделбите што се производ на идеолошки и политички сфаќања, и наместо тоа да го свртиме погледот кон суштинското за кое не се потребни многу зборови, туку погледот на љубовта и испужената рака.
Никогаш немојте да заборавите дека „најголемата дискриминација од која страдат сиромасите е недостаток на духовна грижа“ (ибид., 200).
На сиромашните пред се им е потребен Бог, неговата љубов која станува видлива, благодарејќи на светите луѓе кои живеат со нив и кои во едноставноста на нивните животи ја изразуваат и покажуваат моќта на христијанската љубов. Бог користи многу начини и безброј средства за да стигне до срцата на луѓето.
Се разбира, сиромасите ни пристапуваат затоа што им даваме храна, но она што навистина им треба е малку повеќе од топол оброк или сендвич што им го нудиме. На сиромасите им се потребни нашите раце како би се покренале, нашите срца за да ја почувствуваат топлината на љубовта, нашата присутност за да ја надминат осаменоста. Едноставно, потрабна им е љубов.
9.Понекогаш за враќање на надежта потребно е малку: доволно е да застанеш, да се насмевнеш, да сослушаш. Да заборавиме на еден ден на статистиката; сиромашните не се бројки дадени кога сакаме да се пофалиме за нашите дела и проекти.
Сиромашните се личности на кои треба да им се оди во пресрет: тоа се осамени млади и стари личности кои треба да ги повикаме во нашиот дом да јадат со нас, тоа се жени, мажи и деца кои чекаат пријателски збор. Сиромашните не спасуваат затоа што ни дозволуваат да се сретнеме со лицето Исус Христово.
Во очите на светот, се чини неразумно да се мисли дека сиромаштијата и бедата можат да имаат спасителна моќ. А сепак, тоа е онаа што учи Апостолот кога вели: „не мнозина (меѓу вас) сте по телото мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно во овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога.“ (1 Кор 1, 26-29) Ако се гледа со човечки очи, не може да се види спасителната моќ, но со очи на верата ја гледаме на дело и ја доживуваме лично.
Во срцето на Божјиот народ кој е на пат, тропа таа спасителна моќ која никого не го исклучува и ги вклучува сите на вистинскиот пат на обраќање за да се препознаат сиромасите и им се искаже љубов.
10.Бог не ги напушта оние кои го бараат и повикуваат неговото име: тој „не ги заборава пискотите на неволниците“ (Пс 9, 12), зашто неговите уши се внимателни на нивниот глас. Надежта на сиромашните им пркоси на разни смртоносни ситуации, затоа што тие знаат дека Бог особено ги сака и со тоа ги победуваат страдањето и исклученоста. Состојбата на сиромаштија не им го лишува достоинството што го добиле од Создателот; тие живеат во сигурност дека самиот Бог ќе им го врати во целост, кој не е рамнодушен кон судбината на неговите најслаби деца, туку, напротив, ги гледа нивните маки и болки и ги зема во свои раце и им дава сила и храброст (сп. Пс 10, 14). Надежта на сиромашните вјакнува во увереноста дека Бог го прифаќа, дека во него пронаоѓа вистинска праведност за да биде засилен во срцето да продолжи да љуби (сп. Пс 10,17).
Условот што Господ Исус им го поставува на учениците за да бидат вистински евангелизатори е тие да посеат опипливо семе на надежта. Ги молам сите христијански заедници сите оние кои се чувствуваат охрабрени да им донесат надеж и утеха на сиромашните, да се залагат овој Светски Ден на сиромасите да охрабри во многу луѓе подготвеност на ефикасна соработка, така што никој нема да се чувствува скратен во блискоста и солидарноста. Нека на овој пат бидеме придружувани со зборовите на пророкот кој навестува подруга иднина: „А за вас, кои се боите од името Мое, ќе изгрее сонцето на правдата, и исцеление ќе има во зраците негови“ (Мал. 4, 2).
Од Ватикан, 13 Јуни 2019.
Литургиски спомен св. Антун Падовански