Папата Фрањо: Апел против потрошувачката култура и заштита на созданието

Ватикан, 5.6.2013 /к.мк/ – Да се почитува и штити созданието, борба против потрошувачката културата и промовирање на култура на солидарност: ова беше охрабрувањето упатено од папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар. „Хумана екологија и екологијата на животната средина одат заедно“, рече Папата во својата катехеза по повод денешниот Светски ден на животната средина. Пред почетокот на Генералната аудиенција, Светиот Отец направи долга обиколка со папамобилот меѓу присутните на плоштадот, кои беа повеќе од 70 илјади верници и поклоници од целиот свет.

Што значи да се обработува и заштитува земјата? Со ова прашање папата Фрањо ја започна својата катехеза, потсетувајќи на првите страници од Светото Писмо, кои раскажуваат за создавањето на светот:

„Бог ги постави мажот и жената на земјата, за да ја обработуваат и чуваат. Зачувување и заштита на земјата е заповед, која Бог не ја даде само на почетокот на историјата, туку и на секој еден од нас. Тоа е дел од Неговата промисла и значи дека светот треба да го развиваме со одговорност, претворајќи го во градина, во место за живеење за сите“.

За жал, констатира Папата, човек не е веќе чувар на земјата според Божјата промисла, туку стана експлотатор и манипулатор, заканувајќи му се на тој начин дури и на самото човештво:

„Црквата постојано го истакнува тоа и многумина велат: „Да, вистина, правилно е!“, Но системот продолжува како порано, бидејќи тоа што доминира денес е динамиката на економијата и финансиите, лишени од етиката. Оној кој командува денес не е човекот, туку парите. А Бог нашиот Отец ни даде обврска да ја чуваме земјата, а не парите. Ја имаме таа обврска!“.

„Обработката и заштитата на земјата“ не го вклучува само односот помеѓу нас и животната средина, помеѓу човекот и созданието, туку исто така и меѓучовечките односи. „Живееме во време на криза: криза на животната средина, но пред сè криза на човекот“, истакна Папата. „Мажите и жените се жртва на идолите на профитот и консумизмот“. Тоа е „културата на отфрлање.“ „Ако се расипе еден компјутер, тоа се претвора во трагедија, додека сиромаштијата, потребите и трагедиите на бројни луѓе се нешто вообичаено“. Така, истакна Папата, исто и човечкиот живот се претвора во нешто „непотребно за исфрлање“:

„Човечкиот живот, човековата личност веќе не се гледа како примарна вредност, која треба да се чува и заштитува, особено ако е сиромашна или инвалидна, ако се уште не може да се брани како што е случајот со новороденчиња, или ако не служи веќе, како што се возрасните. Оваа „култура на отфралње“ нѐ направи бесчувствителни и кон трошењето, кон трошењето на прехранбените производи, што е за секоја осуда, во момент кога во светот, за жал, многу луѓе и семејства страдаат од глад и неисхранетост“.

Папата Фрањо ја индивидуализира причината за тоа во консумизмот кој „нè натера да се навикнеме на површното и секојдневното губење на храната“:

„Да не заборавиме дека храната која се фрла е храната одземена од трпезата на сиромашните, на гладните! Ги поканувам сите да размислуваат над проблемот на загубата и трошењето на храната, за да се најдат начини кои треба да се претворат во средство на солидарност и споделување со осиромашениот“.

Кога храната е поделена праведно и солидарно, заврши Папата, „тогаш, никој не е лишен од потребното и секоја заедница може да помогне на најсиромашните“:

„Човечката екологија и екологија на животната средина одат заедно. Затоа ги поканувам сите да преземеме сериозна посветеност на почитувањето и заштитата на созданието, да бидеме внимателни кон секоја личност, да се бориме со потрошувачката култура, и да ја охрабруваме културата на солидарност и средби“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<