Порака на папата Фрањо за Мисиската недела 2019

Порака на папата Фрањо за Мисиската недела 2019

Крстени и пратени: Христовата Црква за мисијата во светот

Драги браќа и сестри,

Од целата Црква побарав во месец октомври 2019 година да се живее вонредниот период за мисионерско ангажирање во спомен на стотата годишнина од Апостолското писмо Maximum illud  на папата Бенедикт XV. (30 Ноември 1919). Пророчката далековидност на неговиот апостолски предлог ми потврди колку денес е важно да се обнови мисионерското ангажирање на Црквата и да се подложи на суд, преку призмата на Евангелието, нејзиното послание за навестување на Евангелието, носејќи го во светот спасението на Исус Христос, умрениот и воскреснатиот.

Насловот на оваа порака гласи исто како и темата за Мисискиот месец Октомври: Крстени и пратени: Христовата Црква за мисијата во светот. Прославата на овој месец ќе ни помогне повторно да ја откриеме мисионерската димензија на нашата вера во Исус Христос, вера која ни е дадена бесплатно како дар на крштението.

Нашата синовска припадност кон Бог никогаш не е поединечна, туку секогаш е црковен чин: во заедништвото со Бог, Отецот, Синот и Светиот Дух, ние сме заедно со многумина наши браќа и сестри, родени за нов живот. Овој божествен живот не е производ кој се продава – ние не спроведуваме прозелитизам – туку богатство кое треба да се дарува, пренесува и навестува: тоа е смислата на посланието.

Тој дар бесплатно го примивме и бесплатно го делиме со другите (сп. Матеј 10,8), не исклучувајќи никого. Бог сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до спознавање на вистината и да го искусат неговото милосрдие, благодарение на Црквата, сеопштото Таинство на спасението (сп. 1 Тимотеј 2,4; Втор ватикански собор, Догматска конституција Lumen gentium, 48).

Црквата е во мисии во светот: верата во Исус Христос ни дава да ги видиме сите работи во вистинско светло, овозможувајќи ни да го набљудуваме светот со Божји очи и срце; надежта нѐ отвора за вечните хоризонти на божествениот живот, во кој навистина сме соучесници; љубовта, чиј што предвкус ни е дадена преку светите Тајни и братската љубов, нѐ поттикнува да одиме сѐ до крајот на светот (сп. Михеј 5,3; Матеј 28,19, Дела 1,8; Римјаните 10,18). Црква во излегување сѐ до крајот на светот бара постојано и трајно мисионерско обраќање. Колку светци, колку мажи и жени на верата ни сведочат, ни покажуваат дека таа неограничена отвореност, тоа милосрдно излегување е можно и остварливо, затоа што е водено од љубов и со своето најдлабоко значење како дар, жртва и бесплатност (сп. 2 Коринтјаните 5,14-21)! Оној кој го проповеда Бог нека биде Божји човек (сп. Апостолско писмо Maхimum illud).

Ова е заповед која се однесува директно на нас: јас секогаш сум мисија; ти секогаш си мисија; секој кој е крстен и секоја која е крстена е мисија. Оној кој љуби никогаш не мирува, нешто го тера да излегува од самиот себе, привлечен е и привлекува други, се дарува на другиот и гради односи кои даваат живот. За Божјата љубов никој не е бескорисен или безначаен. Секој од нас е една мисија во светот, затоа што е плод на Божјата љубов.

Дури и ако мојот татко и мојата мајка со лаги, омраза и неверство ја издаваат својата љубов, Бог никогаш не го отповикува дарот на живот, предодредувајќи го секое негово дете, од секогаш, да биде соучесник на неговиот божествен и вечен живот (сп. Ефесјаните 1,3-6).

Овој живот ни се дарува во крштението, кое ни дава дар на вера во Исус Христос, победник над гревот и смртта, нѐ препородува на Божја слика и сличност и нѐ накалемува на Христовото тело, кое е Црквата. Во таа смисла значи крштението навистина е потребно за спасение, затоа што ни гарантира дека, секогаш и насекаде, сме синови и ќерки во куќата на Отецот, а никогаш сираци, странци или робови. Она што е светотаинска реалност во христијанинот – чие што исполнување е во евхаристијата – останува повик и определба на секој маж и жена во очекување на обраќањето и спасението. Крштението е исполнето ветување на Божјиот дар, кој го прави човечкото создание син во Синот. Ние сме деца на нашите родители по тело, но преку крштението ни е дадено првичното татковство и вистинското мајчинство: Никој не може да го има Бог за Отец ако ја нема Црквата за мајка (сп. Свети Кипријан De catholicae unitate Ecclesiae: PL 4, 503 A).

Така и Божјото татковство и мајчинство на Црквата е вкоренето во нашето послание, затоа што преку крштението е вткаено праќањето кое е изразено во заповедта дадена после воскресението: Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам исполнети со Светиот Дух за да го помирите светот (сп. Иван 20,19-23; Матеј 28,16-20). Ова послание е задача на христијанинот, на никој не смее да му се скрати навестувањето, дека е повикан да биде посиновено дете Божјо и да го препознае своето лично достоинство и суштинска вредност на секој човечки живот од зачнувањето до природната смрт. Раширениот секуларизам кој се манифестира со агресивно културално отфрлање на Божјото татковство во нашата историја, го спречува секое вистинско сеопшто братство кое се искажува преку взаемното почитување на животот на секое човечко битие. Без Бог Исус Христос, секоја разлика се сведува на пеколна закана која го спречува секое братско прифаќање и плодоносно единство на човечкиот род.

Сеопштата определба за спасение, која Бог ја нуди преку Исус Христос, го поттикна Бенедикт XV да повика на надминување на сите националистички и етноцентрични затворености односно спреги за проповедување на евангелието за економски и војни интереси на колонијалните сили.

Во своето Апостолско писмо Maximum illud Папата потсетува дека сеопштата мисија на Црквата бара да се излезе од рамките на исклучива припадност на сопствената земја и сопствениот народ. Отворањето на културата и заедницата за спасителната новост на Исус Христос бара надминување на секаква непристојна етничка и црковна затвореност.

И денес на Црквата ѝ се потребни мажи и жени кои преку своето крштение, великодушно одговараат на повикот да излезат од домот, семејството, земјата, јазикот и месната Црква. Тие се пратени меѓу народи, во светот кои уште не се преобразени со светите Тајни на Исус Христос и неговата света Црква. Навестувајќи го Божјото слово, сведочејќи го евангелието и славејќи го животот на Духот, тие повикувааат на обраќање, крштеваат и нудат христијанско спасение со почитување на слободата на секоја личност, во дијалог со културите и религиите на народите каде се пратени. Missio ad gentes, секогаш е многу потребна на Црквата, дава многу темелен придонес во процесот на постојано преобраќање на сите христијани. Верата во Исусовото воскресение, посланието во Црквата примено на крштението, географското и културното излегување од себе самиот и сопствениот дом, потребата за спасение од гревовите и ослободување од личното и општественото зло, сето тоа бара послание кое се протега до самите краишта на земјата.

Провидоносната случајност со одржувањето на Посебната синода за Црквите во Амазонија ми овозможува да ставам акцент на тоа дека посланието кое Исус ни го довери со дарот на својот Дух уште е актуелен и многу потребен за тие земји и нивните народи.

Обновената Педесетница ширум ја отвора вратата на Црквата како ниту една култура не би останала затворена во себе самата и како ниту еден народ не би останал изолиран, туку отворен за сеопштото заедништво на верата. Никој не смее да остане затворен во сопственото ‘јас’, во авто-референтноста на својата етничка и верска припадност. Исусовото воскресение ги разбива тесните граници на световите, религиите и културите повикувајќи ги да растат во почитувањето на достоинството на мажите и жените, кон сѐ подлабоко обраќање кон вистината на воскреснатиот Господ, кој на сите им два вистински живот.

Во сеќавање ми доаѓаат зборовите на папата Бенедикт XVI. изговорени на почетокот од средбата со јужноамериканските епископи во Апарецида во Бразил 2007 година, кои сакам тука да ги повторам како јас самиот да ги кажувам: „Што значело прифаќањето на христијанската вера за народите на Латинска Америка и Карибите? За нив тоа значело да го запознаат и прифатат Христос, непознатиот Бог кој нивните претци, а за тоа да не биле ниту свесни, го барале во своите богати верски традиции. Христос бил Спасителот за кого тивко копнееле. Тоа исто така значи дека, заедно со водите на крштението, примиле божествен живот кој ги направи Божји посиноци и кон тоа, го примиле Светиот Дух кој дојде за да ги збогати со плодови нивните култури, чистејќи ги и развивајќи бројни никулци и семиња кои овоплотеното Слово ги стави во нив, упатувајќи ги кон патиштата на Евангелието. […] Божјото Слово, овоплотувајќи се во Исус Христос, исто така стана историја и култура. Утопија е оживувањето на претколумбиските религии со одвојување од Христос и сеопштата Црква, тоа не би било чекор напред, туку наназад. Тоа всушност би било назадување кон историскиот период закотвен во минатото (Говор од отворањето на заседанието, 13 Мај 2017, Insegnamenti III, 1 [2007], 855-856).

На Марија, нашата Мајка го доверуваме посланието на Црквата. Во единство со својот Син, од самиот момент на овоплотувањето, Блажена Дева Марија тргна, дозволи да биде потполно вклучена во Исусовото послание, послание кое под крстот стана и нејзино лично послание: да се соработува, како Мајка на Црквата за да се родат преку Духот и верата нови Божји синови и ќерки.

Сакам да завршам со неколку зборови за Папските мисиски дела, кои уште во Maхimumu illud се предлагаат како помошно средство за мисионерското послание. Папските мисиски дела своето служење го искажуваат со служењето на универзалноста на Црквата како глобална мрежа која дава поддршка на Папата и неговата мисионерска задача со молитва, која е душа на мисијата, и добротворноста на христијаните од целиот свет. Тие со своите прилози помагаат на Папата при евангелизација на партикуларните Цркви (Папско дело за ширење на верата), за воспитување и формација на месниот клер (Папско дело на свети апостол Петар), за воспитување на мисионерската свест кај децата од целиот свет (Папско дело на светото детство) и обликување на мисионерските димензии на верата на христијаните (Папска мисиска унија) Повторно искажувајќи поддршка на овие дела се надевам дека вонредниот Мисионерски месец во октомври 2019 година ќе придонесе да се обнови нивната мисија за служење на мојата служба.

На мисионерите и мисионерките, како и на сите оние, кои со силата на своето крштение, на било кој начин учествуваат во посланието на Црквата, од срце го упатувам мојот благослов.

Од Ватикан 9 јуни 2019 годин а, на празникот Духовден

Ф р а њ о

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот