Привремениот генерален секретар на Светскиот совет на црквите професор д-р Јоан Саука во пресрет на Божиќ, испрати порака посветена на тешкиот историски момент низ кој поминува човештвото поради пандемијата Ковид-19.
Како и во времето на раѓањето на Исус, има многу причини за страв и очај, но во најтемните моменти од историјата, христијаните често наоѓаа утеха и надеж во радосната вест за раѓањето на Спасителот во Витлеем – вели д-р Саука.
Оваа година, прославата на Божиќ во црквите и семејствата ќе биде попречена од физичките растојанија и другите ограничувања потребни за да се заштитиме од коронавирусот. Жалиме за многу починати ширум светот и ќе им искажеме благодарност на оние кои храбро и посветено се грижат за болните.
Пандемијата насекаде го раскина социјалното ткиво, носејќи масовна невработеност, па дури и глад, откривајќи ги и влошувајќи ги нееднаквостите, сее раздор и хаос, поткопувајќи ја стабилноста на владите – пишува д-р Саука. Ова се случува бидејќи насилството и војната продолжуваат да уништуваат цели нации, предизвикувајќи сè поголем број бегалци и мигранти и убивајќи многу мажи, жени и деца. Сепак, дури и во овие околности гласот на ангелите одекнува на небото, со голема радост го навестуваат Христовото доаѓање.
Како христијани во овој посебен настан на раѓањето на Младенецот Исус во едно пусто село на периферијата на Римската империја, го гледаме кревкиот почеток на откупувањето. Како верници, го гледаме Божјото „да“ на животот и зората на новиот живот кој ги победува смртта и очајот. Воплотувањето е одлучувачкото Божјо „да“ за човештвото и создаденото.
Затоа, ги повикувам христијаните, сите мажи и жени во светот, да се заложат стравот да отстапи место на радоста и оваа година на тага, осаменост и страдање да донесе надеж, храброст и љубов во служба на правдата и мирот. Нека празникот Божиќ, во светот на страдањето и смртта, ни овозможи да најдеме утеха, повторно да најдеме надеж и со голема вера да ја видиме победата на животот и љубовта во раѓањето на Исус – стои на крајот од пораката.
Ватикан њуз/к.мк