Папата: Сакам да одам во Украина, го чекам вистинскиот момент за тоа

Папата: Сакам да одам во Украина, го чекам вистинскиот момент за тоа

Папата Фрањо во Ватикан се сретна со околу 160 девојчиња и момчиња, учесници на „Детскиот воз“, кој во рамки на иницијативата „Предворје на народите“ го организира Папскиот совет за култура. Со малите, од кои некои живеат во лични или социјални тешкотии, Папата воспостави дијалог одговарајќи на нивните прашања. На едно момче од Украина, Папата му ја кажа својата желба што поскоро да замине во Украина.

Папата Фрањо во сабота 4 јуни 2022 година во дворот Свети Дамас во Ватикан се сретна со деца, учесници на осмото издание на „Детскиот воз“, настан организиран од Папскиот совет за култура како дел од пошироката иницијатива наречена „Предворје на народите“. Децата разговараа со Папата, отворено му поставуваа прашања, а исто така и сугерираа некои работи.

Јас се викам Сачар, доаѓам од Украина. Немам прашање, туку едно барање: можете ли да дојдете во Украина за да ги спасите сите деца кои сега страдаат таму? – беше прашањето на еден од малите бегалци кои нашле гостопримство во Рим.

Мило ми е што си тука – му рече Папата – многу мислам за децата во Украина и затоа испратив таму некои кардинали да помагаат и да бидат блиски со сите луѓе, но особено со децата. Би сакал да одам во Украина; само, морам да почекам момент за да го направам тоа, знаеш, не е лесно да се донесе одлука која може да му нанесе повеќе штета отколку корист на целиот свет. Морам да го чекам вистинскиот момент за да го направам тоа. Следната недела ќе примам претставници на украинските власти, кои ќе дојдат да разговараат за мојата можна посета таму; ќе видиме што ќе се случи – рече Папата.

Знам дека патувате за да го направите светот подобар

Децата сакаа да знаат што значи да се биде Папа, дали е тоа тешка „работа“ и како папата Фрањо ја чувствува одговорноста за својата улога. Знам дека сте посетиле многу земји во странство, особено сиромашните, за да разговарате со водачите на државите и да се молите тие земји да се подобрат. Но, според вас, која земја, која ја посетивте, најмногу се подобри благодарение на вас? – праша Матија.

Одговарајќи, Папата објасни дека секоја земја има своја посебност, но дека најбогатата посебност на една земја е нејзиниот народ. Секој човек е поинаков, различен, има свое богатство. И еве, секој од вас има свое богатство, богатство на својата душа, затоа што срцето на секој од нас, душата на секој од нас не е иста како и на другиот. (…) Отсекогаш сум гледал посебни богатства во земјата што ја посетувам, а тоа е убавината на сѐ што е создадено – рече Папата.

Што значи да се биде Папа?

Какво е чувството да се биде Папа? – праша Едгар.

Во која било професија што ве става животот, важно е да не престанете да бидете тоа што сте; не е добро да бидете вештачки човек – одговори Папата и продолжи: Како се чувствувам како Папа? Како човек, како секој од вас во својата професија, во својата работа. Затоа што, јас сум личност како тебе, и ако ја имам таа работа, треба да се трудам да ја работам на најскромен начин и повеќе во склад со мојата личност, а не да се трудам да правам работи што се туѓи на она што сум.

Но, дали е тешко да се биде Папа? – праша Катерина.

Секоја задача што ја извршуваме носи дел од трудот, рече Папата, но Бог ни дава сила да ги издржиме нашите напори и мораме да ги извршуваме чесно, искрено и со работа. Давид постави прашање кое многу му се допадна на Папата: Какво е чувството да се биде во контакт со Создателот на земјата, односно со Бога?

Да мислиме на тоа дека Бог е со нас е многу важно – рече Папата – да чувствуваме дека нè гледа ни помага да си ја работиме работата. Но, грдо е кога не сакаме да го чувствуваме Господ блиску до нас, туку повеќе да се чувствуваме блиски до нешто друго, ова или она, и да се оддалечиме од Господа. Тајната е: да се почувствува Господ блиску. И тоа те придружува низ целиот животот – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот