Папата до верниците од Мјанмар: Да го промовираме дијалогот, почитувањето на другиот и заедништвото

Папата до верниците од Мјанмар: Да го промовираме дијалогот, почитувањето на другиот и заедништвото

На светата Литургија за верниците од Мјанмар кој живеат во Рим, папата Фрањо потсети дека не треба да се попушта на логиката на омразата и поделбите, туку потребно е да се обнови братството, ангажирајќи се исто така преку општествените и политичките одлуки и да се биде сведоци на Вистината Која е Исус и во мрачните ноќи на болка.

Папата Фрањо го носи и на олтарот страдањето на саканиот мјанмарски народ, погоден од насилното спречување на протести кои се шират во таа азиска земја и воениот удар од 1 февруари со кој на власт дојде воената хунта. Папата го моли Бог срцата на сите да ги обрати на мир и потсетува дека Господ секогаш го слуша крикот на својот народ. Таа близина и молитва ја покажа и со денешната света Литургија која ја служеше во базилика Свети Петар посветувајќи ја на верниците од Мјанмар кои живеат во Рим.

Од верниците на таа земја која е толку обележана со жалост и страв, Папата бара да се чува верата, единството и мирот, ризикувајќи го исто така животот за Евангелието. Да се чува верата не значи да се бранат идеи, да се стане чувари на системи на доктрини и догми, туку да останете врзани за Христос затоа што Он е „вистина“ – објасни Папата. Да ја чуваш вистината значи да бидете пророци во сите ситуации во животот, и да бидете нејзини сведоци и тогаш кога тоа значи да се оди против струјата.

Ние христијаните понекогаш бараме компромиси, но Евангелието од нас бара да бидеме во вистината и за вистината, за својата вистина, давајќи го животот за другите. Таму каде што се војната, насилството и омразата да бидете верни на Евангелието и да бидете творци на мирот значи да се ангажираш исто така преку општествени и политички одлуки, ризикувајќи го животот. Само така работите можат да се променат. На Господ не му се потребни млаки луѓе; сака да бидеме посветени во вистината и во убавината на Евангелието за да можеме да ја сведочиме радоста на Божјото Царство и во мрачната ноќ на болката, и кога изгледа дека злото е посилно – истакна Папата.

Зборувајќи за „поделбите“ рече дека поделбата е смртоносна болест и напомена дека ја наоѓаме во сопственото срце, во семејството, меѓу народите па дури и во Црквата. Завист, љубомора, барање на сопствените интереси наместо доброто за сите и осудување на другите се гревови против единството. Малите конфликти кои постојат меѓу нас, се одразуваат во големите конфликти како оној кој овие денови го доживува вашата земја – рече потсетувајќи дека кога преовладуваат личните интереси и жедта за профит и моќ секоаш избувнуваат конфликти и поделби. И додека поделбата доаѓа од ѓаволот, Исус Го моли Отецот за единство.

Колку посебно денес е потребно братство! – истакна Светиот Отец. Знам дека некои политички и општествени ситуации се поголеми од вас, но ангажиањето за мир и братство секогаш доаѓа одозгора; секој имено во своите можности може да го направи својот дел. Секој може да се обврзи дека ќе биде градител на братството, сеач на братство, дека ќе работи за да го обнови она што се прекинало наместо да поттикнува насилство.

Повикани сме тоа да го направиме исто така како Црква; да го промовираме дијалалогот, почитувањето на другиот, грижата за братот, заедништвото – истакна Папата и додаде: Да не дозволиме во Црквата да влезе логиката на партиите, логиката која дели, логиката која секој од нас го става во центарот отфрлајќи ги другите. Тоа уништува; го уништува семејството, црквата, општеството, нѐ уништува и нас самите.

Токму првите мисли од проповедта на Папата беа посветени на чувањето на верата за да не дозволиме злото да нѐ уништи, повлекувајќи се во горчината на оној кој е поразен. Имено Исус молел со очите свртени кон небото. Да ја чуваш верата значи да имаш поглед високо свртен кон небото, додека на земјата има конфликти и се пролева невина крв. Тоа значи да не се попушти на логиката на омразата и осветата, туку да се биде со поглед свртен кон Бог на љубовта кој нѐ поттикнува меѓусебе да бидеме браќа – објасни Папата.

Имено, молитвата не е бегство од проблемот, туку напротив таа е единственото оружје кое го имаме со кое ќе ја чуваме љубовта и надежта среде толку оружје кое сее смрт. Молитвата е и наш крик до Бог заради  страдањето. Во некои моменти таа молитва која Бог ја прифаќа повеќе од други затоа што се раѓа во ранетото срце, а Господ секогаш го слуша крикот на својот народ и ги брише неговите солзи – објасни Папата и ги спомна зборовите на една стара жена која им зборувала на своите внуци: И да се налутиш на Бог може да биде молитва. Исус уште и денес го моли Отецот и посредува за сите нас за да нѐ чува од злото и да нѐ ослободи од моќта на злото. Затоа ве молам да не ја губите надежта – поттикна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот