Папата Лав XIV ја изрази својата солидарност и повика на молитва за народот на Венецуела, додека бројот на загинати од двата земјотреса нагло расте.
За време на молитвата Ангел Господов во недела, 28 јуни 2026 годинам папата Лав XIV зборуваше на шпански јазик за да ја изрази својата близина со Венецуела, каде што оваа недела два силни земјотреса ја погодија земјата во краток временски период.
Тој ги повика сите да му се придружат во молитва за жртвите и нивните семејства, како и за работата на спасувачките екипи.
„Сакам да ја изразам својата близина со венецуелските браќа и сестри погодени од неодамнешните земјотреси, кои предизвикаа бројни жртви и повредени, како и големи материјални штети“, рече Папата.
„Додека Му се молиме на Господ за вечен покој на починатите, ја обновувам својата духовна близина со нивните семејства, со повредените и со сите што се погодени од оваа трагедија. Истовремено, ја изразувам својата благодарност и поддршка до оние што великодушно ги извршуваат операциите за пребарување и спасување.“
На завршувањето на Вонредниот конзисториум на кардиналите во саботата вечер, папата Лав ја сподели близината на целиот Кардиналски колегиум со народот на Венецуела.
„Ги уверуваме во нашите молитви жртвите, нивните семејства и сите што се погодени од последиците од оваа трагедија“, рече тој. „Молиме солидарноста на меѓународната заедница кон таа драга земја да не изостане.“
Спасувачките екипи работат без прекин
Спасувачките екипи неуморно работат на расчистување на урнатините во Ла Гваира, една од најтешко погодените сојузни држави.
Бројот на жртвите во саботата се искачи на речиси 1.500, а речиси 70.000 лица сè уште се водат како исчезнати.
Во средата регионот го погодија земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени.
Папата Лав XIV веднаш испрати првична донација од 100.000 евра за помош на жртвите и нивните семејства.
Хуманитарната помош беше испратена преку Канцеларијата на апостолскиот милостинар и беше координирана со апостолскиот нунциј во Венецуела, надбискуп Алберто Ортега Мартин, и со надбискупот на Каракас, надбискуп Раул Биорд Кастиљо.
Католичките заедници и добротворните организации низ земјата се мобилизираа, отворајќи парохиски објекти за сместување на раселените семејства и нудејќи итна помош преку локалните мрежи на Каритас.
Ватикан њуз/к.мк

