Во Лурд папата Лав ја довери Франција на Дева Марија

Во Лурд папата Лав ја довери Франција на Дева Марија

За време на светата Литургија на Плоштадот Конкорд во Париз, папата Лав XIV размислуваше за длабоката жед за Бога што живее во секое човечко срце и потсети дека единствено Христос може целосно да ја задоволи.

Кога авионот на „Ер Франс“, со кој Папата патуваше од Париз, слета точно во 19 часот на аеродромот Тарб-Лурд, ѕвоната во пиринејскиот град силно заѕвонија.

Папата Лав XIV беше пречекан од епископот Жан-Марк Микас, по што се упати кон градот со автомобил со регистарска ознака SCV1.

Како што се приближуваше кон Лурд, толпата покрај безбедносните огради стануваше сè поголема. Непосредно пред пристигнувањето во светилиштето, Папата застана за да го поздрави градоначалникот Тиери Лавит.

На мостот над реката Гав де По, кој за оваа пригода привремено беше преименуван во „Мост Лав XIV“, Светиот Отец откри спомен-обележје и се потпиша во книгата на посетители, додека хор изведуваше традиционални пиринејски песни.

Потоа Папата продолжи кон светилиштето со папамобилот. Поздравите на насобраните верници постепено преминаа во молитвено пеење на „Аве Марија“.

А потоа настапи длабока тишина.

Папата Лав XIV клекна пред Пештерата Масабиел, местото каде што во 1858 година света Бернадета Субиру за првпат ја видела „Дамата облечена во бело“.

„Дар на братска хармонија“

Придружуван од епископот на Тарб и Лурд, Светиот Отец го допре камениот ѕид на пештерата и се напи вода од изворот, потсетувајќи на зборовите што Пресвета Богородица ѝ ги упатила на света Бернадета:

„Оди и пиј од изворот и измиј се таму.“

Како милионите верници кои низ годините пристигнале во Лурд, и папата Лав XIV уште во првите моменти од својата посета стана „ходочесник меѓу ходочесниците“.

Потоа прочита молитва до Богородица, внимателно изговарајќи го секој збор.

„Богородице Лурдска, Безгрешно Зачнување, на ова благословено место со толкава нежност ѝ се обрати на света Бернадета, скромната ќерка на францускиот народ, за да му пренесеш  на светот светла порака на молитва, преобраќање и надеж“, рече Папата.бПотоа ја довери Франција на Пресвета Богородица:

„Дарувај му на нејзиниот народ братска хармонија, за да може да изгради сложно општество кое ќе ги отфрли секое насилство и омраза и ќе им овозможи на сите да работат, да основаат семејства и да го живеат својот живот во мир и спокојство. Нека најранливите и најсиромашните секогаш бидат поддржани. Измоли за Франција мудри и великодушни водачи, подготвени на жртва, способни да одговорат на предизвиците и желни да му служат на општото добро.“

Во својата молитва, Папата побара од Богородица да го заштити францускиот народ и да ги просветлува неговите водачи, за тие да бидат способни да служат на општото добро.

Да се отфрли логиката на војната

Папата Лав XIV побара од Пресвета Богородица да ги просветлува француските власти и одговорните лица, за Франција да остане во мир во семејството на народите и нејзиниот глас да продолжи да се слуша во одбраната на основните човекови права и мирот во светот.

Особено силен беше неговиот повик за „еднаш засекогаш да се отфрли менталитетот на војната“.

Светиот Отец се помоли молитвите што се издигнуваат од Пештерата во Лурд да ги обноват верата и духовниот жар на христијанските семејства.

На Пресвета Богородица ѝ ги довери и молитвите на безбројните ходочесници од целиот свет кои доаѓаат во Лурд, особено на болните и оние што страдаат, како и на луѓето што ги придружуваат и им помагаат.

Тие, рече Папата, доаѓаат во светилиштето барајќи сила, утеха и исцеление.

Првиот свечен момент од посетата на папата Лав XIV на Светилиштето во Лурд заврши со традиционален гест на папска побожност: принесување златна роза на Пресвета Богородица.

Во недела, Светиот Отец ќе го продолжи своето ходочестие, каде што ќе служи света Литургија и ќе учествува во традиционалната процесија со свеќи.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот