Повеќе од 350 свештеници учествуваа во масовното исповедување во трговски центар
И свештениците и верниците се воодушевени со оваа акција која поттикнува мир во земја во која до пред неколку години избувна граѓанска војна меѓу владата и герилските групи.
Епископската конференција на Колумбија претходната недела организира масовна исповед во трговскиот центар Gran Estacion Mall во Богота, јави Catholic News Agency.
Повеќе од 350 свештеници, во таа претежно католичка земја, беа на располагање за исповед и разговор на илјадници посетители на трговскиот центар. Иницијативата наиде на позитивен одзив меѓу многубројните кои ја искористија оваа прилика за светата тајна Исповед, пријатно изненадени за постапката на свештениците да дојдат меѓу луѓето.
Отец Вијафара Ариел, еден од свештениците кој учествуваше во иницијативата, го опиша тоа како поинакво, егзотично искуство:
„Тоа е одлична прилика да се допре до луѓето за да се помират со Бога.“
Истиот свештеник изјави дека без помирување нема мир, што претставува важна порака со оглед на бројните рани кои ги оставија неодамнешните конфликти меѓу владата и герилските групи во таа земја.
Свештеникот Хернан Поведа кој, исто така, учествуваше во настанот, истакна дека оваа иницијатива е одговор на повикот на папа Фрањо кон свештенците да бидат блиски до луѓето.
Свештениците и верниците се согласуваат дека мирот во Колумбија не е далеку, ако луѓето се смират со Бога, затоа што вистинскиот мир почнува во срцата на секој Колумбиец.
„Добро е да се вратиме блиску до Бога и да се помириме со него за да престане злото“, изјави за службената страница на тамошната епископска конференција, Луз Алба, една од посетителките.
Битно нет/Б.Р.