Патувањето во Шри Ланка и на Филипините ќе биде седмо Апостолско патување на папата Фрањо
Патувањето на папата Фрањо во Шри Ланка и Филипините, од 12 до 19 јануари, ќе биде негово седмо Апостолско патување, а второ во Азија, по патувањето во Кореја минатото лето. На брифингот за новинарите, отец Федерико Ломбарди го објави распоредот на патувањето.
Тоа патување, на кое папата Фрањо ќе тргне по трагите на своите претходници, Павле VI и Иван Павле II, кои истотака ги посетија тие две земји, е уште еден пример на вниманието на Папата кон Азија. Што се однесува до Филипините, отец Ломбарди рече дека и филипинските бискупи упорно го бараа Папата, како утеха по силниот тајфун кој пред една година ја погоди таа земја и притоа предизвика огромна штета со повеќе илјади загинати. Сето тоа, секако, допринесе за присутноста на Папата како утеха за измачениот народ.
За Шри Ланка, желба на Папата беше да биде присутен на канонизацијата на отец Ваза, и како придонес на Светиот Отец во помирувањето на земјата. Во таа земја папата Фрањо ќе се задржи цели два дена, 13 и 14 јануари, а неговите говори ќе бидат на англиски јазик. Меѓу најважните моменти од тој поход, отец Ломбарди ја истакна меѓурелигиската средба во Коломби, во вторник 13 јануари, во земјата во која 70 % од населението се будисти, меѓу 12 и 13 % се хиндуисти, 10 % муслимани и 7 % се христијани, повеќето католици.
Во среда 14 јануари, ќе биде служена Литургија со канонизација на Жозе Ваза, монах ораторијанец кој живеел на преминот меѓу 17 и 18 век, а има силен придонес во евангелизацијата на Шри Ланка. Пред точно пред точно 20 години Иван Павле II го прогласи за блажен.
Во четврток 15 јануари, Папата ќе ги посети Филипините, земја која се подготвува за обележување на 500 години од евангелизацијата, а ќе се одржи во 2021 година. Во петок, 16 јануари, меѓу повеќето средби кои би треба да се одржат во Манила, отец Ломбарди ја истакна средбата со семејствата. Филипините е најголемата азиска земја со католичко мнозинство.
Светиот Отец ќе ги посети подрачјата погодени од тајфунот Хаијан, а во сабота 17 јануари, ќе се слави Миса во местото Таклобан. Во местото Пало ќе појадува со неколкумина преживеани, и ќе го благослови центарот за сиромашни наречен во негова чест „Центар папа Фрањо“, кој е изграден од средствата од Папскиот совет Кор Унум.
Во недела 18 јануари, во главниот филипински град ќе биде одржана средба со локалните верски водачи, со младите и Литургија на денот посветен на свети Ниње. Во понеделник 19 јануари, Светиот Отец ќе се врати во Ватикан, а на тој пат, меѓу другите земји ќе ја надлета и Кина.
РВ/В.Н.