Патер Стјепан Кушан постхумно награден за придонес во меѓурелигискиот дијалог, екуменизмот и верската толеранција

По повод денот на човековите права 10 декември, Хрватскиот хелсиншки комитет ги додели годишните награди. Една од нив, посветена на меѓурелигискиот дијалог, екуменизмот и верската толеранција, постхумно му беше доделена на познатиот исусовец патер Стјепан Кушан, кој во Македонија делуваше од 2003 год. до 2010 год. како директор на Бискупскиот пасторален центар во Охрид и водител на канцеларијата на ЈРС (JRS- Jesuit Refugee Service).

Хелсиншкиот комитет особено го истакнува делувањето на патер Кушан како Директор и основач на Исусовската служба за бегалци (JRS) за Хрватска и Босна, особено во периодот на војната.

 Патер Кушан во своите белешки запишал:

„Создавајќи го ЈРС патер [Педро] Арупе [исусовски генерал] го промени имиџот на исусовците. На нас повеќе не се гледа како на луѓе затворени во универзитетите, кои работат само со мозокот, туку како на оние кои им го приближуваат Исус на луѓето кои се во потреба. Го паметам седиштето за заеднички згрижувања на бегалците од периодот на кризата во поранешна Југославија во текот на раните 90 години. Тоа не беа логори за бегалци, туку пропаднати фирми или затворени фабрики. Луѓето заедно спиеја во мали соби. Се сеќавам на една жена која беше блиска со својот 26 годишен син. Ми кажа: ‘Тој никогаш нема да се ожени. Нема место каде може да ја доведе својата жена.’ Приказните како оваа длабоко го потресуваа моето срце.“

 E.A.

Категорија: Свет

За авторот