Патер Ломбарди: Папата допре до срцата на Американците

Папата навистина допре до срцата на Американците – рече патер Федерико Ломбарди коментирајќи го говорот на Светиот Отец одржан во Конгресот на САД.

Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол истакна дека на повикот упатен од папата Фрањо ниту еден член на Конгресот немал приговор, што значи дека го сметаат за интересен, важен и вреден за внимание.

Многубројните аплаузи зборуваа не само за искреноста со која го прифатија, туку дека и членовите на Конгресот го ценат тоа што го зборува. Папата успеа да допре до своите слушатели на многу позитивен начин, преставувајќи се како син на мигрант, а потоа пофали многу аспекти и вредности на американската нација, што ги трогна срцата на присутните – рече патер Ломбарди, додавајќи дека не недостасуваше ниту силен апел: против смртната казна и продажбата на оружје и за заштитата на животот.

Папата допре до срцата на слушателите со зборовите кои не беа само captatio benevolentiae (добивање симпатии) кај американскиот народ, туку го изразуваат вистинското вреднување на она што е позитивно за да се поттикне преземање на одговорност пред големите проблеми на денешниот свет – рече директорот на Канцеларијата за печат при Светиот Престол.

Исто така ја истакна средбата со бездомниците со кои Папата по говорот и благословот посака лично да се поздрави и да се задржи. Според мислењето на патер Ломбарди тоа беше прекрасен момент на средба со народот како што беше и поминувањето во отворениот папамобил низ собраното мноштво по средбата во Белата куќа. Потсети дека Светиот Отец во Конгресот го сврте вниманието на социјалната солидарност и на грижата за помалку среќните луѓе. Но, Папата не останува само на зборови, туку и со гестови ја изразува својата близина со најсиромашните – рече патер Федерико Ломбарди.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Свет

За авторот