Порака на папата Фрањо за Великиот пост 2014

„Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија“ (сп. 2 Коринтјаните 8,9)

Драги браќа и сестри, по повод Великиот пост сакам да ви понудам некои корисни размислувања за наш личен и заеднички пат на преобраќање. Тие се поттикнати од зборовите на свети Павле: „Бидејќи вие ја знаете дарежливоста на нашиот Господ Исус Христос, дека Тој, иако богат, осиромаши заради вас, да се збогатите и вие преку Неговата сиромаштија“ (2 Коринтјаните 8,9). Апостолот се обраќа на христијаните во Коринт за да ги поттикне да бидат великодушни во помагање на верниците во Ерусалим кои беа во потреба. Што говорат овие зборови на свети Павле, за нас, денешните христијани? Што значи тој повик на сиромаштво, што значи денес за нас тој повик на живот во сиромаштво во евангелска смисла?

Христовата милост

Пред сѐ го покажува начинот на кој делува Бог. Бог не се објавува нагрнат во световна моќ и богатство, туку во слабост и сиромаштво: „Тој, иако богат, осиромаши заради вас…“ Христос, вечниот Божји Син, еднаков во моќта и славата со Отецот, стана сиромашен, слезе меѓу нас, се приближи на секој од нас, се понижи, „се испразни“, за да стане во сѐ сличен на нас (сп. Филипјани 2,7; Евреите 4,15). Божјото овоплотување е таинство! Но причина за сето тоа е неговата божествена љубов, љубов која е милост, великодушност, желба за близина и тој не се колеба да се дарува и жртвува за саканите созданија. Љубов, милосрдие значи да се дели сѐ со оној кој се љуби. Љубовта нѐ прави слични, создава еднаквост, руши ѕидови и ја поништува оддалеченоста. Бог тоа го направи со нас. Имено, Исус „работеше со човечки раце, размислуваше со човечки ум, одлучуваше со човечка волја, љубеше со човечко срце. Роден од Девица Марија, реално стана еден од нас, сличен на нас во сѐ, освен во гревот.“ (Втор ватикански собор, Пасторална конституција Радост и надеж – Gaudium et spes, 22).

Станувајќи сиромашен, Исус не бараше сиромаштво заради него самиот, туку – како вели свети Павле – „та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија“. Тоа не е игра на зборови или само фраза. Во тоа е содржана Божјата логика, логика на љубовта, логика на овоплотувањето и крстот. Спасението Бог не ни го испрати од небо, како милостина во која од несебичност и сочувство го дава она што е вишок. Христовата љубов не е таква! Кога Исус слегува во водите на Јордан и дозволува да се крсти од Иван Крстител, тоа не го прави затоа што има потреба од покора или преобраќање; тоа тој го прави за да биде меѓу луѓето на кои им е потребно опростувањето, меѓу нас грешниците, и да го земе врз себе бремето на нашите гревови. Тоа е патот кој го избра за да нѐ утеши, да нѐ ослободи од нашата беда. Апостолот нѐ воодушевува кога Апостолот вели дека сме ослободени не со Христовото богатство, туку со неговото сиромаштво. Сепак свети Павле добро го познава „неискажаното богатство Христово“ (Ефесјаните 3,8), „Кого Го постави за наследник над сѐ“ (Евреите 1,2).

Значи, какво е тоа сиромаштво со кое Исус нѐ ослободува и нѐ збогатува? Тоа е всушност начинот на кој Тој нѐ љуби, начинот преку кој ни станува близок, токму како Добриот Самарјанин, кој му беше ближен на оној човек кој полумртов беше оставен покрај патот (сп. Лука 10,25). Она што ни дава вистинска слобода, вистинско спасение и вистинска среќа е неговото сочувство и нежна љубов со која е поврзан со нас. Христовото сиромаштво кое нѐ збогатува е неговото овоплотување, преземајќи ги нашите слабости и гревови врз себе, кои се израз на бескрајното Божјо милосрдие. Христовото сиромаштво е најголемото богатство: Исусовото богатство е неговата бескрајна доверба во Бог Отецот, неговата постојана доверба во него, неговата желба да се бара секогаш и единствено неговата волја и слава. Тој е богат, како што е богато детето кога се чувствува дека е сакано и кое ги сака своите родители и не се сомнева ниту во еден момент во нивната љубов и нежност. Исусовото богатство е тоа што е Син, негов единствен однос со Отецот е најголем прерогатив на тој сиромашен Месија. Кога Исус нѐ повикува да го земеме врз себе неговото „лесно бреме“, тој нѐ повикува да се збогатиме со неговиот синовски и братски Дух, да станеме синови и ќерки на Синот, синови и ќерки во првородениот брат (сп. Римјаните 8,29).

Кажано е дека единствена жалост е да не се биде свет (Л. Блој); исто така би можеле да кажеме дека постои само една вистинска беда: да не живееме како Божји синови и Христови браќа.

Нашето сведочење

Би можеле да мислиме дека тој „пат“ на сиромаштво бил Исусов пат, додека ние, кои доаѓаме после него, можеме да го спасиме светот со соодветни човечки средства. Но тоа не е така. Во секое време и на секое место, Бог продолжува да ги спасува луѓето и светот со Христовото сиромаштво, кој самиот станува сиромашен во светите Тајни, во своето Слово и во својата Црква, која е народ на сиромашни. Божјото богатство не може да произлегува од нашето богатство, туку секогаш и само преку нашето лично и заедничко сиромаштво, оживеено со Христовиот дух.

По примерот на нашиот Учител, повикани сме да се бориме против сиромаштвото на нашите браќа, да ги среќаваме, да го преземеме теретот на тоа сиромаштво и конкретно да делуваме за да го ублажиме. Бедата не е исто што и сиромаштво; бедата е сиромаштво без вера, без солидарност, без надеж. Можеме да разликуваме три вида на беда: материјална, морална и духовна. Материјална беда е онаа која обично се нарекува сиромаштво и од неа се погодени оние кои живеат во услови недостојни за човекот: оние кои се лишени од основните права и основните добра како што се храна, вода, хигиенски услови, работа, можност за културен развој и раст. Како одговор на таа беда Црквата ја нуди својата помош, својата ѓаконија, за да излезе во пресрет на потребите и да ги излечи оние рани кои го нагрдуваат лицето на човештвото. Во сиромашните и последните ние го гледаме Христовото лице; љубејќи и помагајќи на сиромашните, ние го љубиме и му служиме на Христос. Нашите напори исто така се упатени и кон тоа да престане во светот да се крши човечкото достоинство, дискриминација и злоупотреба, бидејќи тоа е, во многу случаи, причина за бедата. Кога моќта, луксузот и парите стануваат идоли, тогаш тие имаат предност над оние кои се во потреба од праведна распределба на богатствата. Затоа е неопходно нашата совест да се сврти кон правдата, еднаквоста, умереноста и заедништвото.

Не помалку загрижувачка е моралната беда, која се состои во робување на пороците и гревот. Колку семејства се во тешкотии, бидејќи некој нивен член – често млади лица – се робови на алкохол, дрога, коцка, порнографија! Колкумина повеќе не ја гледаат смислата на животот или перспектива за иднината, колкумина само ја имаат изгубено надежта! И колку лица во таа беда се турнати во неправедни општествени услови, невработеност која им го одзема достоинството како хранители и недостаток на еднаков пристап до образование и здравствено осигурување. Во такви случаи моралната беда со право може да се смета за претходник на самоубиството. Таквиот вид на беда, за која исто така причина е и финансискиот банкрот, секогаш е поврзана со духовната беда, од која сме погодени кога се оддалечуваме од Бог и ја отфрламе неговата љубов. Ако мислиме дека не ни е потребен Бог кој допира до нас преку Христос, бидејќи мислиме дека само на себе сме си доволни, тогаш сме се упатиле по патот на пропаста. Бог е единствениот кој вистински спасува и ослободува.

Евангелието е вистинскиот противлек на духовната беда: христијанинот е повикан во сите средини да го носи ослободувачкото навестување дека постои опростување за направеното зло, дека Бог е поголем од нашата грешност, дека секогаш слободно нѐ љуби и дека сме создадени за заедништво и вечен живот. Господ нѐ повикува да бидеме радосни навестувачи на таа порака на милосрдието и надежта! Убаво е да се искуси радоста од ширењето на таа радосна вест, со други да се дели богатството кое ни е доверено, за да ги утешиме скромните срца и да даваме надеж на бројни браќа и сестри кои се обвиени во темнина. Тоа значи да се следи и наследува Исус, кој одеше кон сиромашните и грешниците, како што пастирот со огромна љубов ја бара изгубената овца. Во единство со Него можеме храбро да отвориме нови патишта за евангелизација и унапредување на луѓето.

Драги браќа и сестри, овој Велики пост нека ја затекне Црквата подготвена и ревна за да на оние, кои живеат во материјална, морална и духовна беда им се посведочи пораката од Евангелието, чија срж е навестување на милосрдниот Отец, кој е подготвен преку Христос да го прегрне секој човек. Тоа ќе може да ни успеа до таа мерка, во која ќе бидеме сообразени со Христос, кој стана сиромашен и нѐ збогати со своето сиромаштво. Великиот пост е привилегирано време за самооткажување; би било добро да се запрашаме од што можеме да се откажеме за да им помогнеме на другите и да ги збогатиме со своето сиромаштво. Да не заборавиме дека вистинското сиромаштво боли: откажувањето не би било валидно без покајничката димензија. Со недоверба сум кон милостината која ништо не кошта и која не боли.

Светиот Дух, преку кој „(сме) бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме“ (2 Коринтјаните 6,10) нека ни помогне во нашите одлуки и нека ја засили нашата чувствителност и одговорност кон човечката беда, за да станеме милосрдни и да правиме дела на милосрдието. Со таа желба, ја гарантирам својата молитва на секој верник и на секоја црковна заедница за да патот на Великиот пост им биде плодоносен и ве молам да се молите за мене. Господ нека ве благослови и Богородица нека ве чува!

Од Ватикан, на 26 декември 2013

На празникот свети Стефан, архиѓакон и првомаченик

Ф Р А Њ О

Категорија: Ватикан, Свет

За авторот