Пастирско писмо до младите од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат по повод Светскиот ден на младите во Краков – Полска
Драги млади пријатели!
Ве поздравувам вас, поклониците на 27 меѓународна средба на Светската католичка младина во Краков. Нека е благословен вашиот пат и престој. Со пастирска грижа и љубов сакам да ве поттикнам, а преку вас и сите наши млади од Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија со срце и со љубов да го почувствувате, но и со живот да го исполните геслото на оваа средба: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт 5,7)
Драги млади, живееме во време на брзи промени и големи предизвици. Нема поголем предизвик за младиот човек од оној со кој се одредува смислата на неговиот живот. Верувајте ми, потребите денес се големи, бидејќи – не само кај нас туку, насекаде – сиромаштвото, невработеноста и безнадежноста се големи. Но, исто така согледуваме дека решение не можеме да бараме само во политиката или економијата, туку пред сè и над сè решението треба да го бараме во обновата и во менување на човечкото срце. Никогаш досега човекот не бил толку гладен за слобода и за ослободување од грев, како денес. Тој досега никогаш не почувствувал колку милосрдието е незаобиколно и колку тоа е потребно за нашиот живот, како што воздухот ни е потребен за дишење и водата за пиење. Свeтиот. Отец папа Франциск кој многу добро го чувствува чукањето на вашето срце вели: „милосрдието не го брише гревот, туку единствено го брише Божјото опростување, додека милосрдието оди над тоа. Тоа е како небото: гледаме небо, толку многу ѕвезди, но, кога наутро ќе се појави сонцето со својата силна светлина, ѕвездите не се гледаат: такво е Божјото милосрдие: големо светло на љубовта и нежноста, бидејќи Бог не проштева според декрет, туку според милоста. Тоа го прави милувајќи ги нашите рани од гревот, бидејќи Тој е вклучен во опростување, вклучен е во нашето спасение”.
Драги млади, како што гледате, денес младите, а и сите луѓе, копнеат за тоа Божјо милување, а и вам на средбата со младите во Краков на прво место ви е да го доживеете тој Божји допир и потоа со животот да им го сведочите и на другите. Во историјата има различни епохи, а така е и во историјата на верата. Сега во историјата на верата дојдено е времето на милоста. Токму во Краков Исус Христос и се објави на света Фаустина како Милосрдие. И вас во Краков нека ве допре тој бел знак на крштевањето и црвениот знак на Евхаристијата па да се вратите збогатени, обновени во вашето крстно определување и евхаристиски живот. Донесете ни ја пораката на светиот Отец папа Франциск кој сигурно ќе влезе во историјата како папа на Милосрдието.
Во историјата некои Папи се големи, други се добри, а папата Франциск ќе го носи епитетот Милосрден.
Како Пастир ве молам заедно со светиот Отец папа Франциск да ја измолите својата сопствена вера и верата на нашите предци и да ја обновите нашата верност кон Петровиот наследник. Сите ве повикувам совесно да учествувате во програмите и по враќањето назад на средбите со младите, оние кои не се во можност да бидат во Краков, да им го пренесете и со нив да го споделите вашето искуството и пораките од Краков во нашата мила Македонија.
Посакувам да му се отворите на Божјото милосрдие, да се отворите себе си и вашите срца, да дозволите Исус да ви дојде во пресрет, со доверба да пристапете кон светата тајна покајание и да настојувате да бидете милосрдни кон другите – истакнува Светиот Отец Папа и тоа како единствена цел во Годината на Божјото милосрдие.
Посакувајќи ви убав престој во Краков, среќно враќање назад ве поздравувам и ви поделувам апостолски благослов и останувам со почит до сите Вас, препорачувајќи се во вашите молитви.
Ваш бискуп/владика
+ Киро Стојанов
к.мк