Папскиот совет за меѓурлигиски дијалог упати порака до муслиманските верници

По повод завршувањето на муслиманскиот месец посветен на постот, молитвата и помош на сиромашните, Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог испрати порака до муслиманските верници. Голема радост ни е да ви честитаме и да ви посакаме сѐ најдобро на крајот на месецот Рамазан, посветен на постот, молитвата и помош на сиромашните. Минатата година, првата година од својата служба папата Фрањо лично ја потпиша пораката упатена до вас по истиот повод.

Во друга прилика – стои во пораката – ве поздрави како наши браќа (Ангел Господов 11 август 2013). Сите знаеме што значат овие зборови. Всушност, христијаните и муслиманите се браќа и сестри на едно единствено човечко семејство кое го создал истиот Бог. Потсетуваме на она што го кажа папата Иван Павле II на еден муслимански водач во 1982 година:

Сите ние, христијаните и муслиманите живееме под сонцето на еден единствен милосрден Бог. Сите веруваме во единствениот Бог Створител на човекот. Го прогласуваме Божјото господство и го браниме достоинството на човекот како Божји слуга. На Бог Му се поклонуваме и Му оддаваме потполна покорност. Во таа смисла, едни на други можеме да се нарекуваме браќа и сестри во верата во едниот единствен Бог (Кадуна, Нигерија, 14.02.1982).

Понатаму во пораката се поттикнува: Благодарност да му искажуваме на Севишниот на сѐ она што ни е заедничко, дури и свесни и на меѓусебните разлики. Ја забележувам важноста за промовирање на плодниот дијалог заснован на веродостојно братство, повикани сме заеднички да работиме за праведност, мир и почитување на правата и достоинството на секој човек. Посебно се чувствуваме одговорни за луѓето во големи потреби: сиромашните, болните, сираците, жртвите на трговија со луѓе како и за сите оние кои трпат од било кој вид на зависност – се вели во пораката.

Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог потсетува на тоа дека денешниот свет треба да се соочи со големите предизвици кој бара солидарност на луѓето со добра волја. Тие предизвици ја вклучуваат опасноста за животната средина, општата економска криза и високата стапка на невработеност, посебно меѓу младите. Таквата состојба создава чувство на ранливост и помалку надеж во иднината – се вели во пораката.

Не смееме да ги заборавиме и проблемите со кои се соочени многу семејства чии членови се разделени; кои ги оставаат своите сакани, а неретко и мали деца. Да работиме заедно – поттикнуваат од Папскиот совет – за да изградиме мостови на мирот и да промовираме помирување посебно во подрачјата во кои муслиманите и христијаните заеднички ги поднесуваат ужасот на војната.

Во последниот дел од пораката упатена на муслиманските верници изразена е желба: Нека нашето пријателство секогаш ни биде вдахновение за соработка во соочувањето со бројните предизвици, мудро и разумно. На тој начин ќе можеме да помогнеме да се намалат тензиите и конфликтите, а да напредува општото добро. Исто така ќе покажеме дека религијата може да биде извор на хармоничен соживот за корист на целото општество.

Да молиме помирувањето, праведноста, мирот и развојот да останат наш приоритет за доброто и благосостојбата на целиот човечки род. Со папата Фрањо ги упатуваме нашите искрени честитки за радосната прослава и живот на напредок во мир – се вели на крајот во пораката која ја потпиша Жан Луис Туран, преседател на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог.

РВ/Д.И.

1978

Категорија: Ватикан

За авторот