Папа Фрањо ненајавено во посета на „Село за Земјата“
На 24 април папа Фрањо ненајавено ја посети манифестацијата „Село за Земјата“, која се одржа во паркот Вила Боргезе во Рим. Настанот го организираа Ден на Земјата – Италија и римските фоколари. Ви благодарам – рече Светиот Отец на собраните – што ја преобразувате пустината во шума.
Папата во „селото“ во сред Рим пристигна во попладневните часови и спонтано се обрати на групата од околу 3500 луѓе. Заблагодари на фоколарините за нивната ангажираност околу екологијата, како и на блискоста со затворениците и борбата против коцкањето.
Еднаш – рече папа Фрањо – некој ми кажа дека зборот „конфликт“ во кинескиот јазик се состои од два знака: „ризик“ и „повод“. Потребно е да се прифати ризикот на приближувањето за да се запознае стварноста – напомена Папата истакнувајќи ја важноста на бесплатноста. Излгеда дека во овој свет, ако не платиш, не можеш да живееш; дека во центар на светот е „богот пари“: кој нема да му се поклони, завршува во глад, болест и експлоатација.
Освен тоа, ја нагласи важноста на опростувањето. Горчината и незадоволството нè оддалечуваат. Потребно е секогаш да градиме, свесни дека на сите нас за нешто ни е потребно опростување. Сите треба да работиме заедно, да се почитуваме и така ќе видиме „чудо“: пустина која станува шума – рече на крајот Папата.
РВ/Б.Р.