Папа Фрањо во Њујорк: Бог живее во нашите градови
Откако го посети училиштето во Харлем, папата се упати кон њујоршката арена Медисон Сквер Гарден, каде служеше света Литургија. Во таа прилика – завршувајќи го својот престој во Њујорк – истакна дека ние треба да научиме да го видиме и препознаеме Бог кој поминува низ улиците во нашите градови и ги претвора во места на братство и мир. Парафразираќи ги зборовите на пророкот Исаија, можеме да кажеме дека Њујорчани – народ кој оди, дише и живее во „смог“ – виделе големо светло и го вкусиле зракот на животот – рече Светиот Отец.
Големите градови нас нé потсетуваат на скриено богатство на нашиот свет: различни култури, традиции и истории, но исто така кријат лица на голем број граѓани од втор ред – предупреди папа Фрањо и објасни: Во големите градови, во сообраќајните бучави и брзото темпо се пригушени гласовите на многу кои немаат „право“ да бидат дел од градот – странци и нивните деца кои не се образуваат, луѓе кои се лишени од здраствена заштита, бездомници и осамени возрасни лица. Овие луѓе стојат на раскрсницата на нашите големи улици во нечујна анонимност и се дел од градскиот пејсаж кој сé повеќе го земаме здраво за готово.
Знаејќи дека Исус и понатаму оди по нашите улици, вклучен во животот на својот народ и вклучувајќи ги сите во големата историја на спасението, ни дава надеж – надеж која нé ослободува од изолација и рамнодушност кон другите, која ослободува од празната „врска“ на апстрактни анализи и сензационализам и нé отвора кон ближниот. Во средината на смогот, нé повикува да ја видиме Божјата присутност затоа што Бог живее во нашите градови – нагласи Папата.
Како да го сретнеме живиот Бог кој се движи низ нашите улици? Потребно е да научиме да гледаме – е одговорот на папа Фрањо. Поради тоа, препорача: одете без страв, без гадење и на сите луѓе навестувајте им ја Радосната Вест. Излезете им во пресрет на другите таму каде што се наоѓаат, а не таму каде што вас би ви се допаѓало тие да бидат. Одете и навестувајте ја радосната вест дека Бог е наш Татко, чија прегратка теши. А Христос ослободува од анонимност и ривалство за да нé насочи на патот кон мирот. Тој мир се раѓа кога во најсиромашните препознаваме свој брат – истакна папа Фрањо.
Бог живее во нашите градови; Црквата живее во нашите градови и сака да биде квасец, ги вклучува сите, ги следи сите, ја навестува убавината на Чудесниот Советник, Моќниот Бог, Вечниот Отец и Кралот на мирот. Народот кој одеше во темнината, виде голема светлина. Ние како христијани треба да го сведочиме тоа – заврши папа Фрањо.
РВ/В.Н.