Зборувајќи пред учесниците на годишниот состанок на Меѓународното здружение на гинеколошки онколози (International Gynecologic Cancer Society), Папата ја искажа својата блискост и поддршка со здруженијата кои обезбедуваат помош со целосна грижа и палијативна нега. Довербата и блискоста, истакна Папата, се димензиите што ги бара и поучува болеста.
На 11 септември 2020 година, папата Фрањо со зборови на благодарност ги поздрави членовите на Меѓународното друштво за гинеколошки онколози, кои ги прими во аудиенција и кои се собраа во Рим на нивниот годишен состанок. Тоа е можност – истакна Папата – да ја запознаеме и препознаеме вредноста кое го има ова друштво во корист на жените кои се соочуваат со толку тешки и слоевити болести.
Вие сте свесни колку е важно да се воспостават солидарни врски помеѓу болните кои страдаат од тешки болести, вклучувајќи ги и роднините и здравствените работници, во однос на заемна помош – истакна Папата. Ова станува уште повеќе вредно кога станува збор за болести кои можат сериозно да ги стават во опасност или да ја загрозат плодноста и мајчинството. Во таквите ситуации кои длабоко влијаат на животот на жената, многу е потребна грижа, со многу чувствителност и почит, за психолошката и духовната состојба на секој пациент, како и за нејзиниот однос со другите.
Токму затоа Папата ја охрабри нивната посветеност како овие димензии би се сметале дел од целосен третман, дури и во случаи кога третманот е претежно палијативен. Во оваа перспектива, корисно е да се вклучат луѓе кои се способни да понудат доверба, надеж, љубов. Сите знаеме – и тоа е докажано – дека добрите односи им помагаат и ги поддржуваат болните за време на нивното лекување, охрабрувајќи и зголемувајќи ја надежта во нив. Блискоста на љубовта е таа што ја отвора вратата за надеж, но и за лекување – рече Папата.
Пациентот не е бројка и не може да се поистоветува со неговата дијагноза, бидејќи – истакна Папата – болното лице секогаш е многу повеќе од протоколот во кој е ставен од клинички поглед, а доказ за тоа е фактот дека кога пациентот ќе види дека е призната неговата единственост, ја зголемува неговата доверба во медицинскиот тим и во позитивните изгледи.
Папата Фрањо затоа посакува здравствен систем кој ги зема предвид човечките односи како дел од третманот, но истовремено изрази голема загриженост прашувајќи: Како да се развие оваа голема потреба во болница која е многу условена од функционални потреби? Дозволете ми, рече тој, да ја изразам мојата тага и загриженост за опасноста, прилично распространета, да ја препуштам човечката димензија за грижа на болните на „добрата волја“ на поедини лекари, наместо да се смета – како што треба и да е – составен дел од третманот во здравствените институции.
Светиот Отец, освен тоа, чувствува и опасност од економијата, која влегува – како што рече – толку препотентно во светот на здравјето, што може да загрози важни аспекти како што е односот со болните. Во таа смисла, тој ги истакна и пофали непрофитните организации кои ги ставаат пациентите во центарот, поддржувајќи ги нивните потреби и оправданите прашања и давајќи им глас на оние кои, поради нивната лична или економска и социјална слабост, не се во можност да се слушне нивниот глас. Папата изрази голема благодарност до медицинскиот персонал кој работи секојдневно со пациентите и изрази надеж дека сите тие можат да работат во соодветни услови, одвојувајќи време за одмор за да ја вратат силата и да продолжат понатаму.
Болеста потсетува на нешто што е одлучувачко за човечкото битие, а тоа е довербата. Доверба во братот и сестрата, и во Другиот, напишан со големи букви, кој е наш небесен Отец. Исто така, нè потсетува на вредноста на блискоста, како што нè учи Исус во параболата за Добриот Самарјанин (сп. Лука 10, 25-37). Колку многу значи гестот на нежност во лекувањето дадена во вистински момент! Вие тоа го знаете подобро од мене… – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк