Папата Лав во базиликата Свети Иван Латерански: „Го нудам она малку што го имам и што сум“

Папата Лав XIV ја служеше својата прва света Литургија во базиликата „Свети Иван Латерански“, седиштето на римскиот епископ, и го поздрави своето ново епархиско семејство.
Мораме да ги слушаме другите, а пред сè гласот Божји.
Тоа беше мислата водилка во проповедта на папата Лав XIV на светата Литургија во базиликата „Свети Иван Латерански“, катедралата на Римскиот епископ, каде што во попладневните часови во недела 25 мај 2025 година ја служеше својата прва света Литургија во оваа базилика.
На почетокот од својата проповед во базиликата „Свети Иван Латерански“, откако ги поздрави кардиналите, епископите, „драгите свештеници“ и саканите верници, Папата нагласи дека „Рим е наследник на голема историја, заснована на сведоштвото на Петар, на Павле и на безброј маченици, и има единствено послание, совршено изразено со она што е напишано на фасадата на оваа катедрала: да биде Mater ómnium Ecclesiarum, Мајка на сите цркви“.
Потоа го цитираше папата Фрањо, кој често „нè повикуваше да размислуваме за мајчинската димензија на Црквата и за нејзините карактеристики: нежност, подготвеност за жртва и способноста за слушање, која не само што овозможува да се помогне, туку често и да се предвидат потребите и очекувањата пред тие дури и да се изразат“.
„Ова се квалитети за кои се надеваме дека ќе продолжат да растат во Божјиот народ насекаде – а и овде, во нашето големо епархиско семејство: меѓу верниците, меѓу пастирите и, пред сè, во мене“, рече Лав XIV.
Слушајќи го гласот Божји
Црпејќи вдахновение од литургиските читања – кои зборуваат како раната христијанска заедница се соочила со предизвикот да се отвори за паганскиот свет за да го навестува Евангелието – Светиот Отец нагласи дека „низ целиот процес, најважно слушање, кое овозможило сè друго, било слушањето на гласот Божји. На овој начин, се потсетуваме дека заедништвото се гради пред сè „на колена“, во молитва и во континуирана посветеност на преобраќање“.
„Само во таа тензија секој човек може да го почувствува во себе гласот на Духот кој вика „Ава, Оче“, и следствено на тоа да ги чуе и разбере другите како браќа и сестри.“
Водени од Духот
„Евангелието ја зајакнува оваа порака зборувајќи ни дека во животните одлуки не сме сами“, додаде Светиот Отец.
Духот нѐ поддржува и ни го покажува патот кој треба да го следиме така што нѐ „учи“ и нѐ „потсетува“ на сè што рекол Исус.
Најпрво, објасни Папата, Духот нè учи на зборовите Господови врежувајќи ги длабоко во нас, според библиската слика на законот кој повеќе не е напишан на камени плочи, туку во нашите срца – дар кој ни помага да растеме сè додека не се преобразиме во „буква Христова“ еден за друг.
„И навистина е така: толку сме поспособни да го навестуваме
Евангелието колку повеќе дозволуваме Тој да нè освои и преобрази, дозволувајќи ѝ на силата на Духот да нè прочисти во нашето најдлабоко битие, правејќи ги нашите зборови едноставни и искрени, нашите желби чесни и чисти, а нашите постапки великодушни.“
Тука влегува во игра и другиот глагол: „потсетување“, потврди Светиот Отец. „Тоа значи повторно да се насочи вниманието на срцето кон она што сме го живееле и научиле, да се проникне подлабоко во неговото значење и да се ужива во неговата убавина.“
Ватикан њуз/к.мк