Папата: Црквата е отворена за сите, но хомосексуалните заедници не можат да бидат благословени
Во интервју за американската телевизиска компанија CBS, папата Фрањо повторува дека Црквата е отворена за „сите, за сите, за сите“ и појаснува некои точки поврзани со благословите одобрени со декларацијата на Fiducia Supplicans. Папата го стигматизира сурогат мајчинството кое стана „бизнис“, како и идеологиите кои секогаш се „лоши“. Повторно ги повика завојуваните земји: „Престанете и преговарајте!“. Што се однесува до мигрантите, ги поттикнува сите да не останемет рамнодушни
Црквата е отворена за сите: „За сите, за сите, за сите“. Папата Фрањо уште еднаш го повтори принципот на прифаќање, основата на неговиот понтификат, во интервју дадено за Нора О’Донел, главен уредник на американскиот CBS Evening News, снимен во Домот Света Марта на 24 април. Дел од интервјуто беше емитувано на 19 мај 2024 година во емисијата со наслов „60 минути“.
Евангелието е за сите – истакнува Папата – за сите нас кои сме грешници. И јас сум грешник – вели тој и додава: Ако Црквата пред својата врата стави цариник, престанува да биде Црква Христова. Папата Фрањо потоа го разјасни прашањето за благословите за хомосексуалните заедници, за што се дискутира во доктринарниот документ Fiducia Supplicans . Благословот е за сите – забележува тој – секој човек може да биде благословен, но не и хомосексуалната заедница. Она што го дозволив не е благослов на заедницата, затоа што се противи на црковниот законот.
Сурогат мајчинството е бизнис
Во продолжение на разговорот за хомосексуалноста, новинарот се присетува на зборовите на Папата кога изјавил дека „хомосексуалноста не е криминал“, а Папата одговара: „Не, тоа е човечки факт“. Но, како и во други прилики, тој го стигматизира сурогат мајчинството, кое – како што вели – станало бизнис, а тоа е многу лошо. Тоа е многу негативно. Но, за некои жени, на пример оние кои се болни, тоа би можело да биде единствената надеж – забележува новинарката. Тоа би можело да биде. Друга надеж е посвојувањето – одговара Папата, повикувајќи да не се избегнува моралниот принцип.
Критика на „конзервативците“
На прашањето за критиките што му ги упатуваат некои конзервативни бискупи во Соединетите Американски Држави, папата Фрањо одговара: „Конзервативец е оној кој се држи до нешто и не сака да погледне подалеку од тоа. Тоа е самоубиствен став, бидејќи едно е да се грижиш за традицијата, да ги земеш предвид ситуациите од минатото, а друго е да се затвориш во догматска кутија“.
Апел до завојуваните земји: „Престанете!
Во интервјуто, направено како дел од подготовките за Светскиот ден на детето на 25 и 26 мај во Рим, дел од разговорот е посветен на најмалите, почнувајќи од оние кои страдаат поради војните: во Газа, во Украина, за деца кои „заборавиле да се смеат“ – повтори Папата. Токму мислејќи на нив Римскиот бискуп апелира до сите завојувани земји: Престанете, сите. Запрете ја војната. Мора да најдете начин да преговарате за мир. Настојувате да дојдете до мир. Договорениот мир е секогаш подобар од бескрајна војна… Ве молам престанете. Преговарајте – поттикна Папата.
Идеологиите се секогаш лоши
Фокусирајќи се на војната во Израел и Газа, на протестите во универзитетските кампуси и на растечкиот антисемитизам, Папата повторува дека секоја идеологија е лоша, а антисемитизмот е идеологија и е лоша. Секое „анти“ е секогаш нешто лошо. Можете да критикувате една или друга влада, израелската влада, палестинската влада. Можеш да критикуваш колку сакаш, но не и „анти“ народот. Ниту антипалестински, ниту антисемитски – забележува папата Фрањо.
За мигрантите многумина „ги мијат рацете“
Зборувајќи за страдањата на многу мигранти, Хорхе Марио Бергољо го осудува фактот дека многу луѓе си ги „мијат раце“. Има многу Понтиј Пилатовци… кои гледаат што се случува, војни, неправди, злосторства… Тоа е рамнодушност… – предупредува Светиот Отец и охрабрува: Ве молам, мораме повторно да направиме да ги чувствуваме нашите срца. Не можеме да останеме рамнодушни на овие човечки трагедии. Глобализацијата на рамнодушноста е многу грда болест.
За веста, која ја спомна еден новинар, дека државата Тексас се обидува да затвори католичко здружение на границата со Мексико, кое обезбедува хуманитарна помош за мигрантите без документи, Папата ја нарече „чисто лудило“. Да се затвори границата и да се остават таму луѓто е лудост – посочува папата Фрањо. Мигрантите треба да се прифатат. После тоа, ќе се види како ќе се одлучи. Можеби треба да се вратат, не знам, но со секој случај треба да се постапува на човечки начин.
Ватикан њуз/к.мк