Папата: Црквата е „Исусовата куќа“
Папата на утринската Литургија: Исус ја отвара вратата на сите кои Го бараат, особено оние кои се одделени, а христијаните таа врата често ја затвораат пред лицето на оние кои чукаат на вратата на Црквата.
Црквата е „Исусовата куќа“ која со милосрдие прифаќа сè; затоа христијаните не можат да и ја затворат вратата – е централната мисла во проповедта на Папата на светата Литургија на 17 март во капелата на домот Света Марта. Исус им ја отвора вратата на сите кои Го бараат, особено оние кои се одделени, а христијаните таа врата често ја затвораат пред лицето на оние кои чукаат на вратата на Црквата.
Денешниот дел од Евангелието зборува за болниот кој чекал пред бањата Витезда, кај вратите на храмот, за да влезе во водата и да оздрави, но не наоѓа никого кој би го спуштил. Исус го оздравува и му вели да си ја земе постелката и да оди, што предизвикува осуда од книжниците, бидејќи било сабота. Такви приказни „многу пати“ и денес се случуваат – рече Папата и наведе пример:
Некој чувствува грижа на совест заради грешките кои во животот ги направил и Светиот Дух го поттикнува и охрабрува да тргне напред – меѓутоа, „колку пати во христијанските заедници ја наоѓа вратата затворена“ и зборовите „Не, ти не можеш. Ти овде си згрешил и не можеш. Ако сакаш да дојдеш, дојди на неделна Литургија, но остани таму, не можеш повеќе. Тоа што Светиот Дух го прави во срцата на луѓето – рече папата Фрањо – „христијани со психологијата на книжниците го уништуваат.“
Црквата е „Исусова куќа, а Исус прифаќа“ – и повеќе од тоа, „оди ги бара луѓето, како што го пронашол болниот“ кој го излекувал. „Ако народот е ранет, што прави Исус? Го прекорува ли затоа што е ранет? Не, доаѓа и го носи на своите рамења. Тоа се нарекува милосрдие“ – рече Папата.
„Кој си ти да ја затвораш вратата на своето срце за човек кој сака да се поправи, кој сака повторно да влезе во Божјиот народ, бидејќи Светиот Дух го поттикнува во неговото срце?“ – праша реторички папата Фрањо, поттикнувајќи постот да ни помогне „да ги избегнеме грешките на оние кои ја презреле Исусовата љубов кон болниот само затоа што било спротивно на законот.“
Го молам денес Господ – рече Папата – за секого од нас и за целата Црква, за да се свртиме кон Исус и Неговото милосрдие. „Така закон во потполност ќе биде исполнет бидејќи законот е да се љуби Бог и ближниот како самиот себе“ – рече на крајот Светиот Отец.
РВ/Д.И.