Папата Фрањо: Љубомората, зависта и озборувањето ги разоруваат христијанските заедници

Христијаните треба да ја затворат вратата на љубомората, зависта и озборувањето затоа што ги разделува и уништува нашите заедници – поттикна папата Фрањо во проповедта на 23 јануари за време на светата Литургија во капелата на домот Света Марта.

Говорејќи за првото литургиско читање, за победата на Израелците над Фелистејците, благодарение на младиот Давид, Папата кажа дека радоста за победата кај царот Саул брзо се претворила во жалост и љубовмора пред жените кои го фалеле Давид затоа што го убил Голијат. Големата победа почнала да се претвора во пораз во срцето на царот, во кое се вовлекува, како што се случило и со Каин, црв на љубмора и завист. И како што направи Каин со Авел, царот одлучи да направи со Давид – рече Папата.

Во нашето срце така делува љубомората, таа е зли немир кој не поднесува братот или сестрата да имаат нешто повеќе од мене. Саул, наместо да му заблагодари на Бог за победата, како изралските жени, се затвора во себе, се гневи, во супата е зготвена горчината на своите чувства – кажа папата Фрањо.

Љубомората е причина за убивање, исто така и зависта. Преку таа врата ѓаволот влезе во светот. Светото Писмо вели: „Преку зависта на ѓаволот злото влезе во светот.“ Љубомората и зависта ја отвораат вратата на злото и ја разбиваат заедницата. Кога некои членови на христијанските заедници страдаат од завист и љубомора тогаш има поделби: еден против друг. Тој отров е јак. Тој отров го наоѓаме на првата страна од Светото Писмо – рече Светиот Отец.

Завидлив, љубоморен човек е полн со горчина: не знае да заблагодари, не знае за радост, секогаш гледа „што има оној, немам јас.“ Тоа е вратата на горчината која се шири на целата заедница. Тие се сеачи на горчина. Озборувањето исто така предизвикува љубомора и завист. Таквото однесување не поднесува некој нешто да има: решението да се понижи другиот за да бидам јас нешто повеќе, а за тоа е најсоодветно озборувањето. Секогаш истражувај и ќе видиш дека во позадината на озборувањето се сокрива љубомора и завист. Озборувањето разделува, ја уништува заедницата. Озборувањето е ѓаволско оружје – објасни Папата.

Колку прекрасни заедници напредувале, а потоа во некој нејзин член влегол црв на љубомора и завист, а со нив за жал и гнев и озборување. Човек под влијание на завист и љубомора убива, како вели апостол Иван: „кој го мрази братот свој, убиец е. А завидлив, љубоморен човек почнува да го мрази братот – истакна папата Фрањо.

Денес на ова Литургија да молиме за нашите христијански заедници, за семето на завист да не се посее меѓу нив, зависта да не заземе место во нашето срце, во срцето на нашата заедница, за да можеме да напредуваме радосно славејќи го Господ. Тоа е голема милост, милост да не се падне во жалост, гнев, љубомора и завист – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот