Папата Фрањо: Чесни луѓе на добар глас и полни со Дух Свети и мудрост
Седуммината во ѓаконска служба не се избрани поради тоа што се експерти во таа работа, туку поради тоа што се чесни луѓе, на добар глас и се полни со Дух Свети и мудрост, истакна Светиот Отец во недела 18 мај 2014 пред повеќе од 50 илјади верници, од прозорецот на Апостолската палата. Од Делата на светите Апостоли можеме да видиме како во почетоците на Црквата имало напнатости и несогласувања. Во животот постојат судири, но важно е како се соочуваме со нив, кажа Светиот Отец.
До овој момент, единството на христијанската заедница произлегувало од услови во коишто сите верници потекнувале од еден ист народ и една култура, од еврејската. Но, кога христијанството по Божја волја се отворило кон грчката култура тоа единство и едноличност биле изложени и на првите потешкотии. Во тој момент избива бран на несогласување, оптужувања, почнуваат да кружат гласови за пристрасност и нееднаквост. Тоа, исто така, се случува и во нашите парохии, нели е така? – праша Папата.
Наоѓајќи се пред овој проблем апостолите свикуваат состанок на кој учествуваат и учениците. Заеднички разговараат за проблемот, сите заедно – нагласи Папата. Проблемите не се решаваат со преправање дека ги нема. Убаво е ова соочување на пастирите и верниците. Така се доаѓа до поделба на должностите.
Апостолите даваат предлог што го прифаќаат сите: тие ќе се посветат на молитвата и на службата на Словото, додека седумте ѓакони ќе бидат зафатени со послужување на сиромашните и обесправените. Тие седуммина не се избрани поради тоа што се експерти во таа работа, туку поради тоа што се чесни луѓе, поради тоа што имаат добра репутација, полни се со Дух Свети и мудрост и во својата служба се воведени со полагање на раце од страна на апостолите – рече Папата. И така од незадоволство и поплаки, од тие гласови за пристрасност и нееднаквост, се доаѓа до решение. Соочувајќи се, дискутирајќи и молејќи. Така во Црквата се решаваат проблемите. Соочувајќи се, дискутирајќи и молејќи – повтори Светиот Отец – сигурни дека озборувањето, зависта и љубомората нема да можат никогаш да нѐ доведат до слога и мир.
Таму бил присутен и Светиот Дух, за да го поттикне овој договор, што ни дава да разбереме дека кога водството ќе го препуштиме на Светиот Дух, Тој нас нѐ донесува до согласување и до меѓусебно почитување на различните дарови и таленти. Разбравте ли? Нема озборување, нема завист, нема љубомора! Разбравте ли? – повторно нагласи Светиот Отец. Дева Марија да ни помогне да бидеме поучувани од Светиот Дух; за да можеме меѓусебно да се почитуваме и секогаш сѐ подлабоко да влегуваме во Божјата љубов, држејќи го срцето отворено за потребите на браќата.
Вчера во Романија – продолжи Светиот Отец – за блажен е прогласен бискупот Антон Дурковиќ, маченик на верата. Предан и храбар пастир, прогонет од страна на комунистичкиот романски режим умира во затвот од глад и жед во 1951 година. Заедно со романските верници му се заблагодарувам на Бога за оваа беатификација! Папата на крајот ги поздрави различните групи на верници од Италија и од различните делови на светот.
РВ/В.Н.